Артан Груби

Од Википедија — слободната енциклопедија
Артан Груби
Artan Grubi
Прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците
На должноста
Стапил
30 август 2020
Лични податоци
Роден(а) 7 јуни 1977(1977-06-07)(46 г.)
Скопје, СР Македонија, СФР Југославија
Партија ДУИ

Артан Груби (албански: Artan Grubi) — македонски политичар и новинар. Од 2020 година е прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е во 1977 година во Скопје. Основно и средно училиште завршува во родниот град. Дипломира новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. На истиот факултет магистрира бранејќи ја темата „Улогата на новите медиуми во транзициони општества“. Докторира на Универзитетот во Тирана, Албанија, бранејќи ја темата „Улогата на медиумите во граѓанското учество во политичко-општествени промени“.

За време на Косовската војна, работи на помош на бегалците. Од мај 1999 до октомври 2000 година е менаџер на проект во Catholic Relief Services, меѓународна хуманитарна невладина организација на католици во САД, одговорен за целокупното управување со програмата за храна и засолниште за бегалци, а истовремено е и координатор на проект за програмата за засолништа и рехабилитација во Куманово. Од октомври 2000 до декември 2004 година работи во Хашкиот трибунал, извршувајќи оперативни задачи со Канцеларијата на обвинителот во Македонија, Косово, Србија, Црна Гора, Хаг.

Основач и претседател од мај 2006 до мај 2011 година е на граѓанското движење „Разбуди се“. Од јануари 2005 до март 2008 година е политички асистент во Кабинетот за политички советници на НАТО. Од март 2008 до март 2011 година е политички советник во амбасадата на Холандија во Скопје. Во февруари 2011 година „Разбуди се“ се спротивставува на изградба на црква-музеј на скопското Кале. На 13 февруари доаѓа до физички судир меѓу приврзаници и противници на изградбата на црквата-музеј во која учествува и Груби.[1][2] Од мај 2011 година извршува повеќе високи функции во Демократската унија за интеграција (ДУИ), меѓу кои шеф на кабинетот на претседателот на партијата Али Ахмети и негов политички советник. Во октомври 2011 година е именуван за член на Државната пописна комисија, но бидејќи пописот е прекинат, комисијата поднесува колективна неотповиклива оставка.[3][4]

Груби е кандидат на ДУИ за градоначалник на Град Скопје на локалните избори во 2013 година.[5] Од мај 2013 година предава на студиите по новинарство на Државниот универзитет во Тетово. Пратеник е во два мандати, од 2014 до 2016 година и од 2016 до 2020 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Меѓу-национален инцидент на Кале“. Радио Слободна Европа. Посетено на 7 април 2023.
  2. „За „Кале" нема приведени“. Радио Слободна Европа. Посетено на 7 април 2023.
  3. „Нови членови на ДПК, пописот почнува“. Радио Слободна Европа. Посетено на 7 април 2023.
  4. „Пописот стопиран“. Радио Слободна Европа. Посетено на 7 април 2023.
  5. „Груби - Случувањата на Кале беа пресврт во историјата на Скопје“. Радио Слободна Европа. Посетено на 7 април 2023.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]