Томас Гејнсборо
Томас Гејнсборо | |
---|---|
Автопортрет, 1759 | |
Националност | Англичанец |
Познат(а) по | Сликар |
Томас Гејнсборо (англ. Thomas Gainsborough; крс. 14 мај 1727 – 2 август 1788) — еден од најславните британски портретисти и пределни уметници во XVIII век.
Живот
[уреди | уреди извор]Сафолк
[уреди | уреди извор]Гејнсборо е роден во 1727 г. во Садбери, Сафолк, Англија. Татко му бил учител и тргувал со волна. На 14-годишна возраст го вчудовидил татка си со неговата вештина со молив, па во 1740 г. го испратил да учи уметност во Лондон. Таму најпрвин учел кај клишистот Хјуберт Грејвлот, па подоцна се запознал со Вилијам Хогарт во неговото училиште. Еден од неговите ментори бил Френсис Хејман. Во тој период Гејнсборо придонел кон украсувањето на Томас Корамовата фондација за деца и бутките во Воксалските градини.
Во 1740-тите Гејнсборо се оженил за Маргарет Бар, вонбрачна ќерка на Војводата од Бофор, кој им доделил годишно следување од £200. Гејнсборовите слики, кои главно биле предели, се продавале слабо. Во 1748–49 г. се вратил во Садбери и се задржал на портретура.
Во 1752 г. со семејството (жената и две ќерки) се преселил во Ипсвич. Тука се зголемил бројот за нарачки на портрети, но клиентелата му се состоела од локални трговци и штитоносци. Морал и да позајмува пари.
Бат
[уреди | уреди извор]Во 1759 г. Гејнсборо со семејството се преселил во Бат. Таму изучувал портрети од Антонис ван Дајк и потоа успеал да привлече повисока клиентела. Во 1761 г. започнал да праќа дела на изложби на Друштвото на уметности (денес Кралско друштво на уметностите и станал еденод првите негови членови); од 1769 г., па натаму приложувал дела на годишните изложби на Кралската академија. Намерно избирал портрети на славни или озлогласени клиенти за да привлече внимание. Со овие изложби тој се здобил со име на државно ниво, па затоа бил поканет да биде основачки член на Кралската академија во 1769 г. Меѓутоа тој не се сложувал добро со академијата и затоа прекинал да изложува слики кај нив во 1773 г.
Лондон
[уреди | уреди извор]Во 1774 г., Гејнсборо со семејството се преселил во Лондон, во куќата „Шомберг“, Пал Мал[1]. Во 1777 г. повторно почнал да изложува слики во Кралската академија, меѓу кои и портрети на современи славни лица, како на пример Војводата и Војвотката од Камберленд. Неговите дела продолжиле да се изложуваат шест години.
Во 1780 г. насликал портрет на кралот Џорџ III и кралицата и потоа добил многу кралски нарачки. Ова му дало влијание во академијата, па со тоа можел да го диктира начинот на изложување на неговите дела. Меѓутоа во 1783 г. ги тргнал сликите од престојната изложба и ги преместил во Шомбершката куќа.
Во 1784 г. починал кралскиот сликар Алан Ремзи, па кралот бил приморан да му го даде местото на Гејнсборовиот соперник и претседател на академијата, Џошуа Рејнолдс. Меѓутоа и покрај ова, Гјенсборо и понатаму останал омилениот сликар на кралското семејство.
Во подоцнежните години Гејнсборо често сликал едноставни и обични предели. Заедно со Ричард Вилсон бил еден од иницијаторите на британската пределна школа во XVIII век; иако заедно со Џошуа Рејнлдс, Гејнсборо бил доминантниот портретист во Британија во втората половина на XVIII век.
Уметност и коментари
[уреди | уреди извор]Гејнсборо сликал повеќе од обзервирање на природата (и човековата природа) отколку со примена на формални академски правила. За поетската чувствителност на неговите слики се изјаснил сликарот Џон Констабл на следниов начин: „Гледајќи ги сликите, ни надоаѓаат солзи во очите, а не знаеме од каде“. Самиот Гејнсборо рекол“, „Смачено ми е од портрети, и многу сакам да си ја земам мојата виола да гамба и да заминам во некое пријатно селце, каде ќе можам да сликам предели и да ги уживам преостанатите денови во мир и спокој.“
Неговите најпознати дела, како „ортрет на Г-ѓа Греам“; „Мери и Маргарет: Ќерките на сликарот“; „Вилијам Халет и неговата жена Елизабет, мом. Стивен“', позната како „Утринска прошетка“; и „Девојче со куче и бардак“', ја искажуваат уникатната индивидуалност на неговите клиенти.
Единствениот помошник му бил внукот Гејнсборо Дупонт. Гејнсборо умрел од рак на 2 август 1788 г. на 62-годишна возраст.
Литература
[уреди | уреди извор]- Thomas Gainsborough’s 'Lost' Portrait of Auguste Vestri, Martin Postle
- The Letters of Thomas Gainsborough (Paul Mellon Centre for Studies), John Hayes
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Англиска сликарска школа
- Британска уметност
- Список на британски сликари
- Хамфри Гејнсборо
- Холивелс Парк (Ипсвич)
- Слики од Томас Гејнсборо
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Плакета бр. 2 на Open Plaques (англиски)
Наворешни врски
[уреди | уреди извор]„Томас Гејнсборо“ на Ризницата ? |
- Семрежен музеј Париз: Томас Гејнсборо (англиски)