Претседател на Европската комисија
Претседател на Европската комисија | |
---|---|
Амблем на комисијата | |
Европска комисија |
Претседател на Европската комисија — функционер на чело на Европската комисија. Тој ја претставува извршната власт на Европската Унија (ЕУ) и е најмоќниот носител на функција во ЕУ. Претседателот е одговорен за распределување на ресори на членовите на Комисијата, а може и да ги прегрупира или распушти членовите доколку е потребно. Тој одлучува за политичката агенда на Комисијата и сите законодавни предлози што поизлегуваат од неа (Комисијата е единственото тело во ЕУ што може да предлага закони). Исто така, Претседателот на Комисијата ја претставува ЕУ во странство, иако го прави тоа заедно со Претседателот на Европскиот совет и со Високиот претставник (кој во Комисијата е заменик - претседател). Меѓутоа, Претседателот, за разлика од стандарден шеф на влада, не ја формира надворешната политика, не командува со воените сили и не ги зголемува даноците бидејќи тие се надвор од надлежноста на ЕУ.
Местото за Претседател на Европската комисија се воспостави во 1958 година и се избира за петгодишен мандат од Европскиот парламент по предлог на Европскиот совет. Откако се донесува конечна одлука,претседателот заедно со неговата Комисија одговара на Парламентот којшто може да го критикува. Во моментов претседател е Хосе Мануел Баросо, кој ја презеде функцијата во октомври 2004 година. Тој е член на Европската народна партија (ЕНП) и е поранешен премиер на Португалија. Баросо е единаесеттиот претседател и беше повторно избран во 2009 година за уште еден мандат од 5 години. Од 2010 година, негов заменик – претседател е Високиот претставник Кетрин Ештон, бароница Ештон на Апхоланд.
Историја
[уреди | уреди извор]Местото за Претседателот на Европската комисија се воспостави во 1957 година заедно со создавањето на Европската комисија. За време на Жак Делор, оваа функција стана значително претседателска и сега е доминантна сила во Комисијата, иако се соочувала со кризи како што е оставката на Сантеровата комисија.
Воспоставување
[уреди | уреди извор]Пред воспоставувањето на сегашната Европска комисија, постоеше Врховен орган на Европската заедница за јаглен и челик. Во 1957 година, Договорот од Рим ја воспостави тогашната Комисија и исто така го замени Врховенот орган и Комисијата на Европската заедница за атомска енергија во 1967 година.[1] Првиот претседател на Комисијата беше Волтер Халштаин кој започнал со консолидирање на европското право и започнал да влијае на националното законодавство. Националните влади на почетокот не обрнуваа внимание на неговото раководење и претседателот на почетокот морал да го погази авторитетот на Комисијата. Со помош од Европскиот суд на правдата, комисијата почна да се сфаќа посериозно.[2]
Во 1965 година, Халштаин ги изнесе неговите предлози за Заедничката аграрна политика, што би и дале сопствени финансиски средства на заедницата и во исто време Комисијата и Парламентот би добиле повеќе моќ и би се отстанило правото на вето врз земјоделството во Советот. Овие предлози предизвикаа итна реакција од Франција.[3] Халштаин знаеше дека предлозите ќе бидат спорни и тој презеде лична одговорност во нивното изготвување, потиснувајќи го Комесарот за земјоделство. Сепак, со неговите предлози тој ја доби поддршката од Парламентот за зголемување на неговите надлежности, и исто така тој ја претстави неговата политика пред Парламентот една недела пред да ги поднесе своите предлози во Советот. Тој сакаше да покаже како треба да се раководи со заедницата, со надеж да предизвика доволно силен бран на проевропејство за да ги избегне приговорите на земјите – членки. Меѓутоа, со ова се докажа дека и покрај неговите претходни успеси, Халштаин беше премногу самоуверен во неговите ризични предлози.[4]
Како реакција на предлозите и акциите на Халштаин, тогашниот француски претседател Шарл де Гол, кој беше скептичен за растењето на наднационалната моќ на Комисијата, го обвини Халштаин дека се однесува како да е шеф на држава. Франција постепено го повлече нејзиниот претставник во Советот, предизвикувајќи ја познатата „криза на празни столчиња“.[3] Иако ова беше решено со „Луксембуршкиот компромис“, Халштаин стана жртвен јарец на кризата. Советот одби да го обнови неговиот мандат и покрај тоа што тој беше „најдинамичниот“ водач пред Жак Делор.[4]
1967 – 85
[уреди | уреди извор]Работата на Халштаин и овозможи на Комисијата да биде вистински играч. Во текот на 1967 – 1985 година, претседателите беа вклучени во големи политички проекти, како што е создавањето на Европскиот монетарен сојуз.[5] Во 1970 година, претседателот Жан Реј обезбеди финансиски средства за Заедницата.[6] Во 1977 година претседателот Рој Џенкинс стана првиот Претседател на Комисијата кој присустувал на самит на Г8 во име на Заедницата.[7]
Меѓутоа, поради проблемите како нафтената и енергетската криза во 1979 година, економските тешкотии ги ставија европските идеали на последно место. Земјите – членки имаа предност и тие го создадоа Европскиот совет за да се разгледуваат актуелните проблеми, но сепак Советот не можеше да оствари големите проекти како, на пример Заедничката аграрна политика.[8] Заедницата се најде во период на економска стагнација поради економските потешкотии и несогласувањата околу буџетот на Заедницата и сè до Комисијата на Торн, Претседателот на Комисијата не можеше да го употреби неговото влијание во некои позначајни мери.[9]
Претседателствување
[уреди | уреди извор]Сепак, Комисијата започна да се подобрува за време на Комисијата на претседателот Жак Делор. Тој се смета за најуспешниот претседател, поради тоа што придонел Комисијата да почне да се управува во вистинската насока и динамика.[10] Интернешанал Хералд Трибуне (International Herald Tribune) ја истакна работата на Делор при крајот на неговиот втор мандат во 1992 година: „Господин Делор ја спаси Европската заедница од депресијата. Тој стапи на сцена кога европскиот песимизам беше во неговата најсилна форма. Иако беше помалку познат министер за финансии и поранешен член на Европскиот Парламент, тој внесе живот и надеж во Европската комисија и во безнадежната Бриселска комисија. За време на неговиот прв мандат, од 1985 до 1988 година, тој ја соедини Европа на повикот за Единствен пазар и кога беше назначен за втор мандат тој започна да ги води Европејците кон многу поамбициозни цели на економска, монетарна и политичка унија.“[11]
Но Делор не само што направи пресврт во Заедницата, туку тој ја покажа и промената во претседателството. Пред да дојде на власт, Претседателот на Комисијата уште беше позиција на „прв меѓу еднаквите“(first among equals), а кога ја напушти функцијата тој беше неоспорно икона и водач на Заедницата. Неговиот мандат придонесе за силно претседателство и силна Комисија каде што претседателот стануваше се поважен. Идните договори ја зацврстија оваа промена, со тоа што на Претседателот му се даде моќ во распределувањето на ресорите и во распуштањето на комесарите. Кога претседателот Романо Проди ја презеде функцијата со новите надлежности од Договорот од Амстердам, новинарите го нарекоа првиот Премиер на Европа.[12][13] Работата на претседателот Делор ги зголеми надлежности на Парламентот и тој ја уживаше неговата поддршка. Меѓутоа, следните Комисии не ја уживаа истата поддршка од Парламентот и во 1999 година Парламентот ги искористи своите надлежности и ја присили Комисијата на Сантер да даде оставка.[14]
Парламентарен надзор
[уреди | уреди извор]Од историски аспект, Претседателот на Комисијата и целото владино тело се назначувале од Советот со едногласност, без влијание од Парламентот. Меѓутоа, со Договорот за Европската Унија од 1993 година, се донесе одлука Парламентот да учествува во назначувањето на Претседателот и да може да ѝ даде вето на Комисијата во целост.[15] Парламентот реши да го протолкува своето право за консултација како право да стави вето на Претседателот, што Советот неволно го прифати.[16] Ова право на вето се официјалицираше со Договорот од Амстердам. Договорот од Ница го промени правото на гласање на Советот од едногласен избор до гласање каде што е потребно квалификувано мнозинство. Ова значеше дека улогата на Парламентот во овој процес се зголеми резултирајќи во полупарламентарен систем каде што едната група не може да биде во владата. Ова стана очигледно во 2004 година кога беа предложени многу кандидати и десницата ја победи левицата заедно со Франција и Германија.[17] Тогаш Баросо беше принуден да се повлече од избирањето на Комесарите поради закана од Парламентот дека нема да ја одобрат неговата Комисија.[18]
Во 2009 година, Европската народна партија (European People’s Party) го поддржа Баросо како нивен кандидат за Претседател на Комисијата и партијата подоцна ја задржа нејзината позиција како најголема група во изборите во 2009 година. Социјалистите одговорија со ветување дека ќе предложат противкандидат на следните избори.[19] Парламентот повторно го принуди Баросо да направи промени во неговата предложена Комисија,[20] но на крајот сепак ја доби потребната дозвола. Сепак во размена за дозволата, Парламентот изнуди неколку отстапки од Баросо во однос на парламентарното претставување пред Комисијата и меѓународните средби.[21] На 7 септември 2010 година, Баросо и дозволи на првата држава во американски стил да му се обрати на Парламентот, што првично се фокусираше за заживување на економијата и на човековите права.[22]
Назначување
[уреди | уреди извор]Член 17 од Договорот за Европската Унија, дополнет со Лисабонскиот договор, ја покажува постапката за назначување на Претседателот и на неговиот тим. Европскиот совет гласа со квалификувано мнозинсто за кандидат за местото на Претседател, земајќи ги предвид последните европски избори. Потоа, предлогот се поднесува пред Парламентот кој мора да го одобри или да стави вето на назначувањето. Ако кандидатот е поддржан од апсолутно мнозинство на членови на Европскиот парламент, тој/таа се избира. Тогаш Претседателот, заедно со Советот, го предлага неговиот тим до Парламентот за внимателно да се разгледа. Обично Парламентот инсистира секој од нив да се појави на јавно сослушување пред парламентарен комитет што одговара со неговиот/нејзиниот иден ресор. Тогаш Парламентот гласа за Комисијата како целина и ако е одобрена, Европскиот совет, во улога на квалификувано мнозинство, го назначува Претседателот и неговиот тим.[23]
Транспарентност
[уреди | уреди извор]Квалификуваното мнозинство во Советот доведе до тоа повеќе кандидати да бидат селектирани додека постоеше големо политизирање поради вклучувањето на Парламентот и промената на политичката насока во ЕУ. Сепак, и покрај тоа, изборот во Советот останува зад затворени врати. За време на назначувањето на Сантер, дискусиите се чуваа во тајност, а медиумите се надеваа на внатрешни пропусти. Членовите на Европскиот парламент беа гневни на овој процес бидејќи беше против советувањето, што беше одлучено со новиот Договор на Европската Унија. Членот на Европскиот парламент Паулин Грин, водач на социјалистичката група, изјави дека новата група сметала дека „Парламентот треба да одбие да премине преку практиката која толку многу го оцрнува демократскиот процес“.[24] Имаше слични договори во 1999 година и затоа во 2004 година се виде повторување на назначувањето на Сантер кога Баросо беше назначен преку серија на тајни средби помеѓу водачите без да се изнесат соопштенија за преговорите во јавноста.[25]
Критериуми
[уреди | уреди извор]Кандидатите кои се селектирани од Советот најчесто се водечки национални политичари но ова не е задолжително барање. При изборот на Претседател мора да се земе предвид резултатот од претходните парламентарни избори (т.е. особено кандидатите кои се поддржани од победничката европска партија, или барем некој од тоа политичко семејство).[26] Таа одредба не беше стапена во сила во кандитирањето во 2004 година, но десницата на Европската народна партија (ЕНП), што победи на изборите, притискаше за кандидат од нивните редови. На крајот беше избран кандидат од Европската народна партија – Хосе Мануел Баросо. Врз истата основа, Европската народна партија повторно го поддржа Баросо за втор мандат за време на кампањата за европските избори во 2009 година и откако повторно победи на изборите, можеше да си ја обезбеди својата кандидатура од Европскиот совет.
Понатамошните критериуми кои влијаат врз изборот на Советот се:
- Од кој дел на Европа потекнува кандидатот;
- Политичкото влијание на кандидатот;
- Јазикот, владеење на францискиот јазик;
- Степен на интеграција (неговата држава мора да биде членка и на Еврозоната и дел од Шенгенскиот договор).[27][28][29]
Постои претпоставка дека дека има постојан договор во овие редови дека претседател од голема земја се заменува со претседател од мала земја, и дека претседател од политичката левица се заменува со претседател од политичката десница: Гастон Торн (луксембуршки либерал) го наследи Рој Џенкинс (британски социјалист), Жак Делор (француски социјалист), Жак Сантер (луксембуршки христијански демократ), Романо Проди (христијански демократ од италијанската левица) и Хосе Мануел Баросо (португалски христијански демократ). Меѓутоа, и покрај овие претпоставки, претседателите се избирале со низа политички битки и градења на коалиции.
Избори
[уреди | уреди извор]Во февруари 2008 година, претседателот Баросо призна дека има проблем во законитоста и дека и покрај тоа што теоретски ја има истата законитост како и премиер, во практиката тоа не беше така. Ниската излезност на гласањето создава проблем за законитоста на Претседателот, со недостаток на „Европска политичка сфера“, но анализите покажаа дека доколку граѓаните гласаат за список на кандидати за местото на Претседател, излезноста би била многу повисока од излезноста во претходните години.[30]
Според Лисабонскиот договор, Европскиот совет мора да ги земе предвид резултатите од последните европски избори и освен тоа, парламентот, наместо само да одобрува, избира од кандидатите кои се предложени од Советот.[31] Парламентот им дава одобрение на партиите да се натпреваруваат за кандидати за Претседател на Комисијата со тоа што кандидатот од победничката партија се предлага од Советот. Ова беше делумно спроведено во 2004 година кога Европскиот совет избра кандидати од политичката партија со обезбедено мнозинство во тогашните избори. Меѓутоа, во тој период само една мала партија се кандитираше со свој кандидат: тогашната Европска зелена партија го предложи Даниел Кон Бендит и го загуби дури и нејзиното четврто место во следните избори и стана петтата најголема група во 2009 година и со тоа шансите на нивните кандидати продолжија да опаѓаат.[31] Сепак, само победничката Европска народна партија предложи 4 или 5 луѓе како кандидати за Претседател.[32]
Се правеа планови за зајакнување на европските политички партии[33] за да можат да предлагаат кандидати за идните избори.[34][35] Европската реформаторска партија на либералдемократите, за време на нејзиниот конгрес во октомври 2007 година, ја покажа својата намера да предложат кандидат за претседателското место, но не успеа да го направи тоа.[36] Меѓутоа, Европската народна партија го одбра Баросо како нивни кандидат и мандатот на Баросо се обнови.
Социјалистите, разочарани од изборите во 2009 година, се согласија да предложат кандидат за Претседател на Комисијата на сите идни избори.[37] По кампањата во нивната партија да имаат прелиминарни избори за споменатите кандидати,[19] конгресот на Партијата на европските социјалисти (PES), кој се сретна во Брисел во ноември 2011 година, одлучи дека Партијата на европските социјалисти ќе предложи свој кандидат за Претседател на Комисијата преку прелиминарни избори кои ќе се одржат во јануари 2014 година во секоја од партиите – членки и организации, пред потврдување на резултатите од вонредниот конгрес во февруари 2014 година. Европската народна партија (ЕНП) ќе го одбере својот кандидат на нејзиниот следен конгрес на 6-7 март 2014 година во Даблин.
Мандат
[уреди | уреди извор]Претседателот се избира за повторен петгодишен мандат кој почнува шест месеци по изборите во Европскиот парламент. Изборите се одржуваат во јуни на секои пет години. Ова здружување доведе до поблиска врска помеѓу изборите и самиот Претседател со погореспоменатите предлози за политички партии кои се натпреваруваат со свои кандидати.
Претседателот и неговата Комисија може да бидат отстранети од функцијата со глас на цензура од Парламентот. Парламентот до сега го нема направено ова, меѓутоа заканата да се случи ова во 1999 година поради обвиненија за лошо финансиско управување доведе до повлекување на Комисијата на Сантер по сопствено признавање, пред Парламентот да ја присили да се повлече.[38]
Должности и влијанија
[уреди | уреди извор]Претседателот на Европската комисија е најмоќната позиција во Европската Унија.[39] Тој ја контролира Комисијата што колективно има монопол врз законитоста на Унијата и таа е одговорна за нејзиното спроведување.[39][40] Претседателот ја контролира политичката агенда на Комисијата за неговиот мандат и во практика не може да се предлага политика без согласност на Претседателот.
Функцијата на Претседателот е да раководи со Комисијата и да дава насоки и на Комисијата и на Унијата како една целина. Договорите велат дека „Комисијата треба да работи под политичко водство на нејзиниот Претседател“. Ова се спроведува со неговото свикување и претседавање со состаноците со колегиумот на комесари,[41] неговиот личен кабинет и состаноците со комесарите кои се на чело на секој кабинет.[39][41] Исто така, Претседателот може да присили комесар да даде отставка.[41] Работата на Комисијата како тело се основа врз принципот на Колективна одговорност на Кабинетот, меѓутоа, во нејзините влијанија таа се однесува како повеќе од „прва меѓу еднаквите“.[41] Улогата на претседателот е слична со таа на националниот премиер кој претседава со кабинет.[39]
Исто така, претседателот има одговорност да ја претставува Комисијата во Унијата и надвор од неа. На пример, тој е член на Европскиот совет и учествува во дебати во Парламентот и во Советот на министри. Надвор од унијата, тој, како претставник на унијата, присуствува на состаноците на Г8.[41] Меѓутоа, во надворешните работи, тој мора да се натпреварува со неколку комесари со ресори за надворешни работи: со Високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика и со претседателот на Европскиот совет.[42]
Претседателскиот систем започна да се развива во времето на Жак Делор и оттогаш е зацврстен, силен претседател со способни функционери е речиси незапирлив. Сепак, тој е сè уште зависен од поддршката на Советот и на Парламентот. Делор уживаше во поддршката на и на Советот и на Парламентот за време на целиот негов мандат и поради неговата работа надлежностите на Парламентот и членствата во Советот се зголемија. Денес членството е толку многу големо што претседателот повеќе не е во состојба да ја добие поддршката од сите земји, иако неговата работа е да се потруди да ги направи сите среќни. Сега Парламентот има повеќе моќ врз Комисијата и може да ги одбива нејзините предлози, иако и Комисијата има малку контрола врз Парламентот како способноста да го распушти за да распише нови избори.[43]
Канцеларијата на претседателот е на последниот, тринаесетти спрат од Берлеимонт зградата во Брисел. Претседателот го добива неговото политичко раководење од неговиот кабинет, чијшто раководител работи како политички телохранител за Претседателот. Таквите фактори можат да доведат до изолација на Претседателот од надворешните настани.[44] За Европската цивилна служба, Претседателот има многу висок статус поради неговиот огромен авторитет и симболизам.[45] Понатаму, Претседателот ја извршува својата надлежност преку правниот сервис и Генералниот секретаријат на Комисијата. Првоспоменатиот има моќ да ги одбива предлозите за правната формалност додека второспоменатиот организира состаноци, агенди и записници. Контролата над овие области му дава на Претседателот дополнителни политички алати кога управува со работата на Комисијата.[46]
Со реорганизацијата на водечките места во ЕУ според Лисабонскиот договор, се појавија критики за неодредени одговорности на секое место. Украинскиот амбасадор во ЕУ Андриу Веселовски ја пофали оваа структура и ја објасни според неговото убедување: Претседателот на Европската комисијата треба да се однесува како „влада“ на ЕУ додека Претседателот на Европскиот совет е стратег. Високиот претставник специјализира во „билатерални односи“, додека Европскиот комесар за проширување и добрососетска политика се занимава со техничките работи како што е Договорот за слободна трговија со Украина. Во меѓувреме, Претседателот на Европскиот парламент јасно ги изразува вредностите на ЕУ.
Поврзаност со претседателството на Европскиот совет
[уреди | уреди извор]И покрај релативно новиот претседателски стил, Претседателот сепак почна да ја губи својата улога во поголемите земји – членки бидејќи Франција, Италија, Обединетото Кралство и Германија сакаат да ја отстранат неговата функција. Тоа може дополнително да се зголеми со неодамнешното создавање на позицијата на постојан Претседател на Европскиот совет.[47] Имаше несогласувања и грижи за натпреварувањето помеѓу Претседателот на Европскиот совет Ван Ромпуј и Претседателот на Европската комисијата Баросо поради неодредениот јазик во договорот. Според некои објаснувања, Ван Ромпуј се смета за „стратег“, додека Баросо се смета за шеф на влада. Во услови на економско планирање, Ван Ромпуј ја гледа Комисијата како тело кое треба да се занимава со содржината на плановите, а Европскиот совет како тело кое треба да се занимава со средствата и нивното спроведување.
Иако постојат стравувања дека конкуренцијата со новиот Претседател на Советот би довела до зголемена борба за власт, постојат одредби кои ги поврзуваат овие две функции. Претседателот на Европскиот совет можеби нема национална надлежност како премиер на земја – членка, но затоа нема такви воздржувања во европските надлежности. Па така, Претседателот на Комисијата, кој исто така си има свое место и во Европскиот совет, може да биде назначен за Претседател на Европската комисија. Ова може да му овозможи на Европскиот совет да ја поврзе оваа позиција, заедно со сите нејзини надлежности, и да ги поврзе двете извршни тела во еден Претседател на Европската Унија.
Од создавањето на претседателството на Европскиот совет, Претседателот Ван Ромпуј и Претседателот на Европската комисија Баросо почнаа да се натпреваруваат меѓусебе бидејќи Ван Ромпуј имаше најголема корист од генералната смена на надлежности што преминаа од Комисијата во Советот, меѓутоа Баросо продолжи да ги има вистинските надлежности и моќи. Бидејќи не постоеше договор кој треба да ја претставува Европската Унија на меѓународни самити, се договорија и двајцата да одат во исто време. Оваа комплицирана ситуација ги обнови барањата доколку е можно да се спојат двете места на крајот на мандатот на Баросо во 2014 година или дури и порано во средината на 2012 година кога завршуваше тогашниот мандат на Ван Ромпуј. Меѓутоа, се смета дека некои земји – членки ќе се спротивстават на создавањето на место од таков профил.
Привилегии на функцијата Претседател на Европската комисија
[уреди | уреди извор]Основната месечна плата на Претседателот на Европската комисија е фиксна на 138% од главното одделение на државната служба[48] и изнесува вкупно 24.422.80 евра. Заменик – претседателите земаат плата од 22.122.10 евра, обичните комесари 19.909.89 евра, а платата на Високиот претставник изнесува 23.006.98 евра.
Претседателот нема службена резиденција ниту приватен авион, но има автомобил со личен шофер, личен персонал од околу 20 вработени и прима дополнителен паричен додаток за станбен простор и дополнителни надоместоци.[49]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „European Commission“. CVCE. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ Епинк 2007, стр. 221–222.
- ↑ 3,0 3,1 „The 'empty chair' policy“. CVCE. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ 4,0 4,1 Лудлов, Н (2006). „De-commissioning the Empty Chair Crisis: the Community institutions and the crisis of 1965–6“ (PDF). London School of Economics. Архивирано од изворникот (PDF) на 25 октомври 2007. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ Епинк 2007, стр. 222.
- ↑ „The Rey Commission“. Europa. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ „EU and the G8“. European Commission. Архивирано од изворникот на 26 февруари 2007.
- ↑ Епинк 2007, стр. 222–223.
- ↑ Епинк 2007, стр. 24.
- ↑ „The new Commission – some initial thoughts“. Burson-Marsteller. 2004. Архивирано од изворникот на 25 септември 2007.
- ↑ Мерит, Гилес (21 јануари 1992). „A Bit More Delors Could Revamp the Commission“. International Herald Tribune. Архивирано од изворникот на 21 јануари 2008.
- ↑ Џејмс, Бери (16 април 1999). „Prodi to Have Wide, New Powers as Head of the European Commission“. International Herald Tribune. Архивирано од изворникот на 17 октомври 2007.
- ↑ Росант (27 септември 1999). „Commentary: Romano Prodi: Europe's First Prime Minister? (int'l edition)“. Business Week. Посетено на 26 јануари 2021. Text "Џон " ignored (help)
- ↑ Епинк 2007, стр. 228.
- ↑ „European Parliament“. European NAvigator. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ Хикс 2008, стр. 37–38.
- ↑ Хикс 2008, стр. 38.
- ↑ Хикс 2008, стр. 39.
- ↑ 19,0 19,1 Филипс, Лајх (12 август 2010). „Socialists want US-style primaries for commission president candidate“. EU Observer. Архивирано од изворникот на 15 август 2010.
- ↑ Махони, Хонор (19 јануари 2009). "EU commission vote delayed as Bulgarian nominee steps down", EU Observer
- ↑ Тајлор, Симон (28 јануари 2010). „MEPs agree working relations with Barroso“. European Voice. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ Ретман, Андру (7 септември 2010). "EU has survived economic crisis, Barroso says in first State of Union address", EU Observer
- ↑ Article 17 of the Treaty on European Union (Lisbon amended), (PDF) Eur-Lex
- ↑ Хикс 2008, стр. 158.
- ↑ Хикс 2008, стр. 159.
- ↑ „The race for the EU's big jobs gets under way“. The Economist. 30 мај 2019. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ Фулер, Тимас (30 јуни 2004). „Portuguese premier wants to unite bloc : Barroso nominated to head EU executive“. International Herald Tribune. Архивирано од изворникот на 4 јуни 2011.
- ↑ Стуарт, Паул (21 јули 2004). „Portugal's Prime Minister Barroso nominated as European Commission president“. World Socialist Web Site. Архивирано од изворникот на 6 јуни 2011.
- ↑ „Хосе Мануел Дурао Баросо: The New Commission President“. Grayling. 2004. Архивирано од изворникот на 29 септември 2007.
- ↑ Махони, Хонор (28 февруари 2008). „Barroso admits legitimacy problem for commission president post“. EU Observer. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ 31,0 31,1 Хугес, Кристи. „Nearing Compromise as Convention goes into Final Week?“ (PDF). EPIN. Архивирано од изворникот (PDF) на 27 февруари 2008.
- ↑ „The EP elections: Deepening the democratic deficit“. Euractiv. 16 јуни 2004. Архивирано од изворникот на 2007-10-18. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ Махони, Хонор (27 јуни 2007). „European politics to get more political“. EU Observer. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ Палмер, Џон (10 јануари 2007). „Size shouldn't matter“. The Guardian. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ „Leadership of the EU“. Federal Union. Архивирано од изворникот на 9 јуни 2007.
- ↑ „RESOLUTION ELDR CONGRESS IN BERLIN 18–19 OCTOBER 2007“ (PDF). ELDR party. 24 октомври 2007.
- ↑ „Resolution n°2: A New Way Forward, A Stronger PES“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 15 мај 2011. Усвоено од 8. конгрес на ПЕС, 7-8 декември 2009
- ↑ Хардинг, Гарет (17 март 1999). „Unfolding drama of the Commission's demise“. European Voice.
- ↑ 39,0 39,1 39,2 39,3 Хикс 2008, стр. 155.
- ↑ „Institutions of the EU: The European Commission“. Europa. Архивирано од изворникот на 23 јуни 2007.
- ↑ 41,0 41,1 41,2 41,3 41,4 „Role and Powers“. Europa. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ Епинк 2007, стр. 232–3.
- ↑ Епинк 2007, стр. 226–8.
- ↑ Епинк 2007, стр. 211–3.
- ↑ Епинк 2007, стр. 211.
- ↑ Епинк 2007, стр. 217–21.
- ↑ Иаѕ Бери, Петер Саин (18 јануари 2008). „[Comment] Power is, according to some observers, slipping from the Commission to the European Council“. EU Observer. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ REGULATION No 422/67/EEC, 5/67/EURATOM OF THE COUNCIL, EurLex
- ↑ „Bureaucracy's Salaries Defended in Europe“. The New York Times. 4 февруари 2014. Посетено на 26 јанури 2021. Проверете ги датумските вредности во:
|access-date=
(help)
Извори
[уреди | уреди извор]- Епинк, Дерк-Јан (2007). Life of a European Mandarin: Inside the Commission. Преведено од Конерти, Јан (1во. изд.). Белгија: Lannoo. ISBN 978-90-209-7022-7.
- Хикс, Симон (2008). What's wrong with the EU and how to fix it. Кембриџ, Велика Британја: Polity. ISBN 978-0-7456-4205-5.