Вељко Чубриловиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вељко Чубриловиќ
Роден 1 јули 1886(1886-07-01)
Босанска Градишка, Австроунгарија
Починал 3 февруари 1915(1915-02-03) (возр. 28)
Сараево, Австроунгарија

Вељко Чубриловиќ бил национален работник и учител, Србин од Босна и припадник на движењето Млада Босна. Тој учествувал во организирање на Сараевскиот атентат врз австроунгарскиот принц, надвојвода Франц Фердинанд на 28 јуни 191. година. Окружниот суд на австроунгарската „Земаљска влада“ во Сараево го осудила на смрт со бесење поради велепредавство.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е во Босанска Градишка на 6 јули 1886 година, од мајка Савка родена Лазаревиќ и татко Јово. Од мајка му, која потекнувала од угледно семејство и била писмена што во она време во Краина била вистинска реткост, стекнал прва наобразба. Татко му бил трговец, бил учесник во Невесинското востание 1875–1878 и бил доброволец во Српско-турската војна во 1876 година. Бил едно од десетте деца, рано останал без татко, а десет години потоа ја загубил и мајка му, па бил под старателство на вујкото на татко му. Завршил четири класа во гимназија во Нови Сад, како исклучително добар и надарен ученик можел да продолжи студии во Виена или Прага, но тој, како најстар машки член на семејството, одлучил да се грижи за помладите браќа и сестри и продолжил да учи за учител во Учителското училиште во Сомбор. Првата работа ја добил во Тузла каде работел од 1905 до 1910 година. Ги помагал помладите членови на семејството и се оженил. За подобра плата се преселил во Прибој, каде работела и неговата сопруга. Двајцата работеле на истражувачка работа и подготвувале учебник. Биле почитувани, угледни, а Чубриловиќ имал голем авторитет, бил основач на спортското друштво „Соко“ (Сокол), основач на антиалкохоличарско друштво „Побратимство“, член на одборот на Српското просветно и културно друштов „Просвета“ и на Народната читална. Соработувал со Српската кралска академија, се интересирал и истражувал етнографија во Маевачкиот крај. Собраниот материјал го предал на Академијата.

Остварувал сè поблиски средби со Србија и сонувал за можност за остварување на вечниот копнеж на својот народ, слобода и обединување со матичната држава. Воспоставил силни врски со Србија и им овозможувал на млади луѓе полесно да се школуваат. Директно ја помагал Србија во време на Скадарската криза во 1913 година, со точни информации.

Соработка со Млада Босна[уреди | уреди извор]

По неуспешниот обид на Богдан Жерајиќ да изврши атентат на Франц Јосиф започнало силно делување на движењето „Млада Босна”, кое дејствувало уште од 1910 година. Основната цел на движењето било ослободување на Босна и Херцеговина и нејзино присоединување на Србија, а крајната цел му било потполно обединување на Јужните Словени во една, слободна и демократска држава. Тоа движење по првпат успеало да ги обедини младите од српска, хрватска и муслиманска заедница во национално-револуционарна борба.

Како член на движењето, Вељко Чубриловиќ со Гаврило Принцип и Трифко Грабеж, обезбедил и презел оружје за подоцнежниот атентат, при што имал голема помош од населението, пријателите и роднините.

Атентатот и смртната казна[уреди | уреди извор]

Атентатот на Франц Фердинанд бил извршен во недела на 28 јуни 1914 година, на Видовден, Гаврило Принцип и Чубриловиќ биле уапсени веднаш (Чубриловиќ имал можност да избега, но поради кумот и пријателите останал), по испрашувањата и мачењата, како и од страв дека ќе настрадаат многу невини лица, тие ги предале и останатите учесници. Мухамед Мехмедбашиќ успеал да избега во Црна Гора, но Вељко и Васо Чубриловиќ, Данило Илиќ, Цвјетко Поповиќ, Мишко Јовановиќ и другите учесници биле обвинети за велепредавство. Судот го осудил на смрт со бесење, а пресудата била извршена 3 февруари 1915 година во Сараево. За неговата личност и преданост на идејата за слобода говорат и писмата[1] што им ги испраќал на семејството.

Наводи[уреди | уреди извор]