Шајкача

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Шајкача
Српската народна носија

Шајкача е српска национална капа која ја носат селани од централна Србија и до ден денес во секојдневниот живот.[1] Се претпоставува дека изворно била војничка капа. Направена е од посебен вид на ткаенина наречена шајак. Шајакот е мека ткаенина која се прави од волна и е погодна за носење и лете и зиме, затоа што одржува константна температура на главата. Зимно време бочните делови од капата можат да се спуштат за да ги штитат ушите. Лесно се витка и превиткана на пола може да се носи под каишот или на рамото.

Најчесто е со сиво-маслинеста боја, но може да биде и тегет или сина.

Историја[уреди | уреди извор]

Се претпоставува дека шајкачата оригинално потекнува од српскиот регион на Банат. Таму, во текот на 18-тиот век, каде била границата помеѓу Австро-Унгарија и Отоманската империја, постоела граничарска војска составена од Срби кои се нарекувале шајкаши. Тие, во склоп на својата униформа, имале капа од која подоцна ќе настане шајкачата, како дел од воена униформа, а подоцна и како капа за секојдневна употреба. Таа капа после српско-турските војни станала национална капа на српскиот народ. Тоа се случило особено интензивно кога Караѓорѓе Петровиќ побарал од народот да не носат повеќе турски фесови. Постои легенда дека името „шајкача“ потекнува од рускиот збор „чајка“ што значи „галеб“, затоа што по својот изглед од напред капата потсетувала на галеб. Во 1870-та година, бил донесен пропис за носење на шајкачата, но постојат документирани податоци со слики на бугарски легионери од 1865 година кои носеле шајкачи на глава, а биле на школување во Србија. Шајкачата како дел од воена униформа била различна по боја и изглед за разни родови и чинови во војската. Обичните војници и пониските чинови на сите воени родови (освен жандармеријата), како и старешините на народната војска, носеле сиво-сини капи без преден штитник, капа која по својата форма била слична на граничарската капа и од внатре била поставена со бело платно. Капите на офицерите биле темно-сини со прав преден штитник и по облик потсетувале на француска капа – кепи. Оваа шапка била соодветно украсена со сребрени или златни гајтани, на темето била везена со мотив на двоен крст, а на предната страна стоела тробојна кокарда со иницијали на соодветниот владетел.

Според прописите од 1896 година, шајкачата е темно-сина (денес со таа боја се носи како дел од народната носија), а според прописите од 1908 година, се воведува носење на шајкача со сиво-маслинеста боја која била и боја на униформата, со што српската војска била меѓу првите во Европа кои ја вовеле оваа боја за униформа.

По Првата светска војна, шајкачата станала составен дел на воената униформа на југословенската војска.[2] По бомбардирањето од 6-ти април 1941 година и падот на кралската влада, шајкачата станала дел од униформите на Народноослободителната војска на Југославија и на Југословенската војска во татковината, но била носена и од страна на квислиншките формации СДС и СДК.

По Втората светска војна, во новоформираната југословенска армија, шајкачата била заменета со титовка, која била фаворизирана од страна на партизанското народноослободително движење.

Во последните војни на територија на Југославија при крајот на 20-тиот век, шајкачата ја носеле многу српски доброволци и припадници на паравоени формации. Во војската на Република Српска, била носена како дел од офицерската униформа, но со маскирен дезен.

Историските податоци укажуваат дека шајкачата првобитно била дел од униформа која подоцна станала дел од народната носија, а не обратно. Денес е често постари луѓе да носат секојдневно шајкача додека кај младите носењето на оваа капа е само во склоп на народна носија при настапување на концерти.

Дизајн[уреди | уреди извор]

Капата е дизајнирана во облик на латинската буква V, во форма на превртен галеб со темна маслинеста или сива боја. Направена е од мек, рачно изработен, волнен материјал, а во мирновременски период се носи без обележје. Во воени периоди, обележјата варираат во зависност од воената припадност.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Бјеладиновиќ, Јасна (2011). Народне ношње Срба у XIX и XX веку. [Књ. 2]. Белград: Етнографски музеј во Белград. ISBN 0350-0322. 
  2. Митровиќ, Андреј (2007). Serbia's Great War, 1914-1918. САД: Purdue University Press. 

Литература[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]