Црвојаднина (расказ)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Црвојаднина е расказ од рускиот и советскиот писател Михаил Шолохов од 1926 година. Расказот е објавен на македонски јазик, во превод на Цветко Мартиновски, како дел од збирката „Донски раскази“, објавена во 1965 година од издавачката куќа „Култура“.

Содржина[уреди | уреди извор]

Јаков Алексеевич е поранешен богат селанец (кулак), кој по доаѓањето на советската власт, за да го избегне плаќањето на данокот, продал голем дел од имотот. Сепак, тој е највредниот домаќин во селото и кај него често доаѓаат сиромашните селани за да побараат сено или жито, а за возврат, тие работат на неговиот имот. Сепак, Јаков има голема мака, бидејќи помалиот син, Степан (кого нагалено го викаат Стјопка), кој има околу 20 години, се зачленил во комунистичката младина (Комсомол), а Јаков ја мрази советската власт. Поради тоа, Јаков и Степан често се расправаат, а постепено, целото семејство почнува да го мрази Степан. Така, еднаш, неговиот постар брат, Максим му раскажува како за време на Првата светска војна, тој служел во армијата и, заедно со Козаците, учествувал во бруталното задушување на еден штрајк на работниците во близината на Москва. Тогаш, меѓу него и Степан започнува кавга, по што Максим безмилосно го тепа својот помлад брат.

Една сабота, во домот на Јаков доаѓа сиромашниот селанец Прохор, барајќи ги на заем воловите за да го пренесе сеното. Јаков не сака да му ги даде воловите, во остро се вмешува Степан, така што Јаков се согласува, но под услов Степан да ги води воловите. Утредента, Јаков го повикуваат да каже колкава површина земја посеал, за да му определат колку данок да плати. Надевајќи се дека ќе му го намалат данокот поради тоа што син му е комсомолец, тој со себе го зема Степан. Пред попишувачот, Јаков лаже, велејќи дека посеал седум десетини земја, но Степан се вмешува и ја кажува вистината, т.е. дека тој има дури 20 десетини земја. Потоа, Степан набрзина оди дома, ги зема воловите и заедно со Прохор одат на неговата ливада да го натоварат сеното.

Уморни од работата, вечерта тие засиваат на ливадата, а кога се будат, гледаат дека ги нема воловите. Во меѓувреме, Јаков е загрижен, бидејќи Степан уште не се вратил со воловите. Затоа, тој и Максим одат да го побараат Степан, а кога пристигаат на ливадата, гледаат дека ги нема воловите. Мислејќи дека Степан и Прохор ги продале воловите, тие побеснуваат и Максим најпрвин го претепува Прохор, а потоа го убива, прободувајќи го со вилата во градите. Во меѓувреме, Јаков го соборува својот помлад син на земјата, а Максим и него го прободува со вилата. Потоа, Јаков и Максим одат дома, договарајќи се да излажат дека некои арамии ги украле воловите и ги убиле Степан и Прохор. Кога пристигаат дома, жената на Максим им кажува дека попусто се тревожеле, зашто воловите си дошле дома.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Црвојаднина“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 198-216.