Урфи Аголи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Урфи Аки Аголи (албански: Urfi Agolli); (Дебар, 1903 - Шпанија, 1937) бил учесник во Шпанската граѓанска војна.

Биографија[уреди | уреди извор]

Урфи Аголи е роден во Дебар. Завршил осумгодишно училиште во Лерин на грчки јазик. Од 1928 до 1930 година го продолжил школувањето во колеџот во Корча на француски јазик, каде се инспирира со напредните идеи за демократијата и заедно со неговите врсници се активира против режимот на Ахмед Зогу, поради што е и отстранет од колеџот. Со цел идеолошки да го скршат, во 1930 година е испратен во воениот колеџ во Рим. По завршувањето на студиите во колеџот, во 1932 година се запишува во Воената академија во Модена, од каде исто така е избркан поради антифашистичките активности и се до Бари е придружен од италијанската полиција како опасен елемент за италијанското општество.

По враќањето во Албанија, за да се спаси од прогонот на режимот на Зогу, Урфи се враќа во Дебар, каде остана кратко време кај неговата сестра. Потоа, југословенската полиција го интернира во Нови Сад, обвинувајќи го за иредентистичка пропаганда против Југославија. Во 1933 година се враќа во Албанија и отслужува задолжителната служба во дополнителното офицерско училиште за резервисти во Тирана. Во 1934 заминува да работи во Франција, затоа што во Албанија режимските власти не му даваат шанса за преживување. Но, по само шест-месечен престој во Франција се враќа во Албанија, каде агентите продолжуваат да го прогонуваат. Во 1935 година е уапсен во Тирана како активист против феудалниот режим и за организирање на народот. Поради недостаток на докази по шест месеци е пуштен.

Во 1936 година, Аголи со помош на неколку негови пријатели повторно заминува за Франција каде работи како преведувач во еден париски хотел. По избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, на почеток на август 1936 година Аголи се приклучува на Интернационалната бригада „Гарибалди“ предводена од Италијанци. Во составот на оваа чета, која беше и една од првите интернационални, Аголи војува на фронтот на Арагон до октомври истата година. Учествува во една од најпрочуените битки во Каза де Кампо (во Мадрид) со XI и XII бригада.

На 9 јануари 1937 година, учествувајќи во одбраната на Мадрид, Аголи е убиен во Куеста де ла Пердиз, во северозападниот дел на градот.

Според друга верзија, Урфи Аголи дошол во Шпанија во октомври 1936 година преку Солун и загинал нешто подоцна, во април 1937 година кај Брунете пред Мадрид.[1]

Во негова чест една улица во Дебар го носи неговото име.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Коробар, Перо (1989). Божо Стефановски. уред. Во меѓународните бригади на Шпанија. Скопје: Студентски збор. стр. 215-220.