Трајче Крстески

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ова е статија за писател. За истоименото воено лице видете Трајче Крстевски

Трајче Крстески (Прилеп, 18 мај 1950 - Прилеп, 18 декември 2016) — македонски раскажувач, романописец, драмски писател, поет, новинар, уредник и издавач.

Биографија[уреди | уреди извор]

Основно и средно образование завршува во родниот град. Студира книжевност на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј” во Скопје . Работел како новинар во Радио Скопје. Од 1970 година е уредник во списанието за литература и општествени прашања „Стремеж” (Прилеп), а сега работи како уредник во издавачката дејност на тоа списание.

Иако своите први литературни остварувања (раскази) почнал да ги објавува уште во 1967 година, Крстески ѝ припаѓа на тнр. четврта генерација повоени македонски писатели кои на литературната сцена се афирмираа во текот на седумдесеттите години на XX век. Како раскажувач и романописец тој е типичен претставник на својата генерација, исцело свртена кон пронаоѓање нови, антитрадиционални модели на прозниот дискурс. Внесувајќи одредена доза на (само)иронија и сарказам во просторите на текот на свеста, користејќи екстремно рационализирани дијалози во сосема нерационалните околности на неговите сложени, понекогаш и кафкијански заплеткани и непроодни фабули, тој создаде препознатлив тип на нова проза во рамките на македонската рана постмодерна (Васе Манчев, Митко Маџунков, Алдо Климан, Зоран Ковачевски), по која следуваше тнр. петтиот круг (Венко Андоновски, Драги Михајловски, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Димитрие Дурацовски, Ким Мехмети и др.). mojsieva-gusheva/postmodernizmot.htm [1]

Не оддалечувајќи се од општата мрачна и апатична атмосфера што ја обвива неговата проза, а сега и под очигледно влијание на европската антидрама (Јонеско /Ionesco/, Олби /Albee/, Бекет /Beckett/), Крстески напиша и неколку драмски текстови, но со нив сепак ѝ остана поблизок на читателската одошто на театарската публика.

Негови раскази застапени се во повеќе антологии на современата македонска проза и се преведени на повеќе светски јазици.

Трајче Крстески живеел и создавал во Прилеп, каде и починал на 18 декември 2016 година.[1]

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • „Скица zа гоблен со палјачо”, „Современост”, Скопје, 1973 - драмски текстови,
  • „Арлекин со празни раце”, „Македонска книга”, Скопје, 1981 - роман,
  • „Пресуда”, 1982 - драма,
  • „Убиство со умисла”, 1983 - драма,
  • „Бела Митра”, „Наша книга”, Скопје, 1986 - роман,
  • „Бесење пес”, „Стремеж”, Прилеп, 1988 - раскази,
  • „Ослободен човек”, „Мисла”, Скопје, 1989 - роман,
  • „Светлина зад ридот”, 1990 - роман,
  • „Лов”, 1991 - роман,
  • „Градење црква”, 1993 - драма,
  • „Силјан повторно лета”, 1994 - роман,
  • „Скриено во говорот”, 1997 - поезија,
  • „Генералот и касапот”, „Мисла”, Skopje, 1998 - роман,
  • „Арлекин”, „Детска радост”, Скопје, 1998 (второ издание на романот „Арлекин со празни раце”),
  • „Фантазмагории”, 1999 - раскази,
  • „Габи”, 1999 - публицистика,
  • „Јона и полжавот”, 2000. - роман,
  • „Љубовта на Самуил” - роман,
  • „Опстанок”, ТВ серија во 10 епизоди[2]

Награди[уреди | уреди извор]

  • Прва награда на списанието „Современост” за најдобра кратка проза во 1971 година
  • „Нарциса”
  • „Мисла”

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Почина писателот Трајче Крстески
  2. Македонски писатели, Друштво на писатели на Македонија, Скопје, 2004, стр. 130.