Томо Владимирски
Томо Владимирски | ||
Роден | 26 август 1904 Скопје , Османлиско Царство | |
---|---|---|
Починал | 14 септември 1971 Скопје, СФР Југославија | |
Занимање | сликар и сценограф |
Томо Владимирски (Скопје, 26 август 1904 - Скопје, 14 септември 1971) — македонски сликар, сценограф, еден од основоположниците на модерното македонско сликарство.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Владимирски е роден на 26 август 1904 година во Пајко Маало во Скопје. Првите сликарски поуки ги добил од својот учител, зографот Димитар Андонов Папрадишки. Во 1935 година завршил академски курс во Белград, веќе во 1937година, специјализирал сликарство на Уметничката академија во Прага, кај професорот Јакоб Обровски. Во Прага ја подготвил ѝ својата прва самостојна изложба. Пред војната самостојно излагал во Прага (1937 година), Скопје (1937, 1939 и 1943 година) и Битола (1938 година). По војната самостојно излагал во Скопје (1960, 1968 и 1970 година) и Куманово (1971 година).[2] Работел како сценограф во Македонскиот народен театар во Скопје во периодот од 1939 до 1966 година. Имал ретроспектива во Скопје (МСУ, 1981).[3]
Стил
[уреди | уреди извор]Стилски се поврзува со реалистичкиот и експресионистичкиот израз. Сликал со масла, темпера и акварел. Се одликува со разновидна тематска определеност: градски мотиви, мртва природа, портрети (Мотив од Прага,1937; Работник, 1940), етнолошко-фолклорни елементи, а по војната, сликал историски содржини и мотиви од реките Вардар и Радика.[3] Учествувал во организирањето на ликовниот живот во Македонија и во основањето на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, на Училиштето за применета уметност и на Уметничката галерија.[2] Неговите дела се наоѓаат во многу музејски збирки во Македонија, како во македонски приватни збирки, така и во странски.[3]
Награди
[уреди | уреди извор]Добитник е на Октомвриската награда за сликарство (1961 година) и за животно дело (1968 година).[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Слободанка Парлиќ-Баришиќ, Томо Владимирски, Скопје, 1981.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 д-р Стојан Киселиновски и др. (2000). Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. стр. 107. ISBN 9989-624-46-1. Недостасува
|author1=
(help) - ↑ 3,0 3,1 3,2 „Ретроспектива на творештвото на Томо Владимирски“. Дневник. Посетено на 2011-12-20.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- 40 Години од смртта на Томо Владимирски - Премин (17 декември 2011)