Прејди на содржината

Сказна за Вилен

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Сказна за детето Вилен“ или „Сказна за Вилен“новела за деца на македонскиот писател Глигор Поповски, првобитно објавена во 1953 година.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Книгата се состои од следниве делови:[1]

  • Дедо Сезнаел
  • Патот до Големата Река е долг
  • Во земјата на лошиот Баул
  • Ладе
  • Ѕуницата пие
  • Кај стариот рибар

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

Новелата е напишана во форма на сказна. Во освртот кон делото, Елица и Атанас Николовски истакнуваат дека тоа е напишано допадливо, но неколку места се незаборавни, како: описот на дедо Сезнаел, патувањето на Вилен кон Големата Река, неговиот престој во земјата на лошиот Баул и средбата со стариот рибар.[2]

Александар Поповски го пофалува авторот како еден од ретките македонски писатели кој низ формата на сказната успева да проникне во светот на детето. Притоа, кај него постојано е присутен потсмевот кон неверојатното во сказните со што истовремено ја создава и урива штотуку создадената сказна. Тоа е особено видливо во „Детето Вилен“ каде авторот дидактички забележува дека „среќата и богатството се печалат само со труд.“ Како што подвлекува авторот, сказната „Детето Вилен“ е градена врз основа на едно народно верување кое го слушал и тој како дете. Единствено, Александар Поповски забележува дека крајот на оваа сказна веројатно ќе го разочара младиот читател, претпоставувајќи дека тој недостаток го воочил и самиот автор, кој малку невешто се обидел да се извлече, подвлекувајќи дека само го запишал она што му останало во сеќаавњето. Сепак, Александар Поповски е убеден дека авторот не ги исцрпел сите можности кои ги нуди сказната „Детето Вилен“, препорачувајќи му да се наврати пак на неа, зашто таа има можности да стане малечко ремек-дело. Најпосле, критичарот истакнува дека, и ваква каква што е, сказната „Детето Вилен“ е привлечна, едноставно раскажана, спасена од непотребни оптоварувања на реченицата и нуди широк спектар од согледувања за детето, неговите желби кон понирање во таинственоста и копнежиот за поубав свет.[3]

Технички податоци

[уреди | уреди извор]

Книгата „Сказна за Вилен“ била објавена повеќепати како заедничко издание на неколку издавачки куќи („Мисла“, „Детска радост“, „Наша книга“, „Македонска книга“ и „Култура“) и служела како задолжителна лектира за второ одделение во основните училишта на СР Македонија. Така, Изданието на „Наша книга“ од 1973 година има 34 страници, а автор на поговорот е Александар Поповски. Книгата не е каталогизирана и не ја поседува меѓународната ознака ISBN.[4] Изданието од 1987 година, со обем од 47 страници, било испечатено во печатницата на НИПРО „Нова Македонија“, во тираж од 30.000 примероци. Илустрациите во книгата ги направил Александар Каевски, а корицата ја илустрирала Бисерка Перовска. Автори на поговорот се Елица и Атанас Николовски. Книгата е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“, Скопје, но не ја поседува меѓународната ознака ISBN.[1]

  1. 1 2 Глигор Поповски, Сказна за Вилен, Скопје: Култура, Наша книга, Мисла, Македонска книга, Детска радост, 1987.
  2. Елица и Атанас Николовски, „Разговор за делото „Сказна за Вилен“ од Глигор Поповски“, во: Глигор Поповски, Сказна за Вилен, Скопје: Култура, Наша книга, Мисла, Македонска книга, Детска радост, 1987, стр. 44-45.
  3. Александар Поповски, „Лажните бои на ѕуницата“, во: Глигор Поповски, Сказна за Вилен, Скопје: Наша книга, 1973, стр. 32-34.
  4. Глигор Поповски, Сказна за Вилен, Скопје: Наша книга, 1973.