Север-Северозапад (филм од 1959)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Север-Северозапад (англиски: North by Northwest) - американски филм од 1959 година, во режија на Алфред Хичкок, а според сценариото на Ернест Леман. Главните улоги ги играат: Кери Грант, Ева Мари Сеинт, Џејмс Мејсон, Лео Керол и Мартин Ландау. Во 1960 година, филмот бил номиниран за наградата „Оскар“ во три категории, но не успеал да добие ниту една. Сепак, поради големото значење за развојот на филмската уметност, во 1995 година, филмот бил зачуван во Националниот филмски регистер на САД.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Роџер Торнхил (го игра Грант), кој работи како маркетинг-агент, треба да се најде со деловни партнери во еден ресторан, но на сред состанок го грабнуваат двајца непознати вооружени луѓе. Тие го носат во голема, богата куќа каде го пречекува непознат човек (го игра Мејсон), кој се претставува како г-н Таунзенд. Таму го опиваат и го седнуваат во автомобил, со намера да го убијат, но тој успева да избега, по што е уапсен од полицијата. На судењето, Торнхил ја раскажува својата чудна случка, но никој не му верува. Торнхил оди во зградата на Обединетите Нации и таму го среќава вистинскиот г-н Таунзенд, кого го убива еден од неговите грабнувачи, а за убиството е обвинет Торнхил, така што тој мора да бега и од полицијата и од непознатите луѓе кои сакаат да го убијат.

Торнхил се качува во првиот слободен воз и ја среќава убавата девојка Ева Кендал (ја игра Мари Сеинт), која му помага да избега од полициската потера. Истовремено, во возот, тие имаат кратка љубовна афера. По наговор на девојката, тој патува со автобус на север, застанувајќи во едно поле, каде треба да се сретне со Џорџ Каплан, човекот со кого го заменуваат неговите грабнувачи. Меѓутоа, наместо средбата со Каплан, него го брка земјоделски авион, со намера да го убие. Сепак, Торнхил повторно успева да избега и оди во еден хотел во Чикаго, каде повторно ја среќава г-ца Кендал, за која открива дека му е љубовница на човекот што лажно му се претстави како г-н Таунзенд. Тука, неговите луѓе повторно сакаат да го убијат Торнхил, но тој успева да се спаси. Притоа, полицијата го пренесува до аеродромот, каде се запознава со „Професорот“ (го игра Лео Керол), кој му кажува дека тој и г-ца Кендал работат за ЦИА, дека Џорџ Каплан е измислен лик, а дека лажниот г-н Таунзенд, всушност, е Филип Вандам, кој се обидува на странските тајни служби да им даде важни информации.

„Професорот“ и Торнхил одат во познатото туристичко место на планината Рашмор, каде Вандам поседува вила. Таму, Торнхил му закажува средба на Вандам, но г-ца Кендал пука во него. Сепак, таа користи лажни куршуми, а Торнхил е затворен во една болница за да не прави повеќе проблеми во акцијата против Вандам. Сепак, тој успева да побегне од болницата и оди во вилата на Вандам, каде што открива дека тој сака да ја убие г-ца Кендал. Сепак, Торнхил ја спасува г-ца Кендал, а во последната сцена на филмот, како брачен пар, тие заминуваат на патување со воз.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]