Роб (роман)
„Роб“ (англиски: The Slave) е роман од американскиот писател Исак Башевис Сингер.
Содржина
[уреди | уреди извор]Романот се состои од три дела, со вкупно 13 глави: Ванда (1-7 глава) Сара (7-12 глава) Враќање (13 глава) Дејството на романот се одвива во Полска, во 17. век и во него се опишува животот на Јаков, Евреин од малото место Јозефово. На дванаесетгодишна возраст него го свршиле со ќерката на претседателот на еврејската општина, но никогаш не ја сакал својата жена. Еден ден, кога Јаков имал 25 години, во Јозефово упаднала Козачка банда, која извршила колеж врз Евреите. Јаков успеал да побегне до Козаците, но бил грабнат од разбојници, а потоа му бил продаден како роб на селанецот Јан Бзик. Еден дел од годината Јаков го поминувал високо во планините, пасејќи ги кравите, а зимата ја поминувал во селото.
Со исклучок на неговиот господар, сите селани го мразеле Јаков, постојано го навредувале и кроеле планови да го убијат. И покрај несреќата што го снашла, Јаков останал верен на својата религија. Меѓутоа, уште при првата средба, тој се вљубил во ќерката на Јан Бзик, Ванда чиј маж неодамна умрел. Иако Ванда постојано му ја нудела својата љубов а Јаков горел од страст кон неа, сепак тој цело време се воздржувал, останувајќи им верен на својата религија и на жената (за која не знаел дали е жива). Меѓутоа, наспроти секојдневните молитви, една ноќ, Јаков не издржал и започнал да води љубов со Ванда, која му ветила дека ќе побегне со него од селото и дека ќе ја прифати еврејската вера. Една зима, откако Јаков поминал пет години во ропство, непосредно по смртта на Јан Бзик, во селото пристигнала група Евреи, кои платиле откуп за слободата на Јаков. Притоа, тој дознал за злосторствата над Евреите во Јозефово и за смртта на неговото семејство.
По враќањето во Јозефово, Јаков бил многу потиштен: од една страна, не можел да си одговори, како е можно бог да дозволи такви злостроства, а од друга страна, како луѓето можат толку лесно да продолжат со секојдневниот живот. Истовремено, тој продолжил да копнее по Ванда. Затоа, го напуштил местото и една летна ноќ се вратил во селото, каде ја пронашол несреќната Ванда. Потоа, двајцата избегале и по некое време се населиле од другата страна на Висла, на поседот на полскиот благородник Адам Пилицки. Претходно, Јаков и Ванда се венчале, а таа го добила името Сара и ја прифатила еврејската вера. Притоа, бидејќи не го познавала добро еврејскиот јазик, Сара се преправала дека е глувонема. Меѓутоа, еднаш, кога Јаков му се спротивставил на пијаниот Пилицки, во намера да го заштити, Сара прозборела на полски јазик, а Евреите го протолкувале тоа како чудо. По тој настан, Јаков станал управник на имотот на Пилицки, кој почнал да се сомнева во „чудото“ на Сара. Кога дошло време Сара да се породи, мачејќи се со породилните болки и претчувствувајќи ја својата смрт, Сара повторно прозборела и тогаш била откриена измамата. Така, Јаков повторно бил доведен во опасност, бидејќи ниту [Христијани|[христијанските]] ни еврејските закони не го дозволувале нивниот брак. По долго измачување, Сара родила син, но веќе утредента умрела, а бебето го зела една жена за да го дои. Еврејската заедница свикала состанок на кој го осудила однесувањето на Јаков, а една ноќ, додека тој бдеел над мртвото тело на Сара, дошле војници кои го уапсиле. Сепак, Јаков успеал да побегне и дошол до брегот на Висла, каде сретнал еден еврејски испосник. По разговорот со него, Јаков скришум се вратил во селото, го посетил гробот на Сара, го зел бебето и повторно побегнал на брегот на Висла.
По дваесет години, Јаков се вратил во Пилиц со намера да го откопа телото на Сара и да го однесе во Израел, каде веќе подготвил заеднички гроб. Во меѓувреме, синот на Јаков пораснал, се оженил и станал учител во верско училиште. Во Израел, Јаков живеел скромен, повлечен живот и бил посветен на религијата, иако некое време бил припадник на една верска секта. Додека Јаков бил отсутен, Пилиц се променил целосно: Адам Пилицки и жена му биле мртви, земјата имала нов сопственик, а во градот се населиле други луѓе. Кога пристигнал во Пилиц, Јаков го побарал гробот на Сара, но не можел да го најде. Тој се сместил во дом за сиромашни, а утредента, кога се разбудил, почувствувал дека наеднаш силата го напуштила и наскоро умрел, постојано мислејќи на Сара. Кога жителите на градот сакале да му ископаат гроб, неочекувано го пронашле телото на Сара и, така, тие биле закопани еден до друг.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Isak Baševis Singer, Rob. Beograd: BIGZ, 1979.