Рамноденица

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Рамноденица е деноноќјето кога должината на денот и ноќта се исти, и се случува 2 пати годишно, на почетокот на пролетта и на есента.

Приказ на Земјините годишни времиња гледано од северната хемисфера. Крајно десно е декемвриската краткоденица.

Годишните времиња се предизвикани од закосувањето на Земјината оска во однос на рамнината на ротација околу Сонцето. Ова закосување изнесува околу ±23,44° во однос на рамнината на ротација, па така, половина година, приближно од 20. март до 22. септември, северната хемисфера е поизложена кон Сонцето со максимум околу 21. јуни, а другата половина од годината јужната хемисфера е поизложена на Сонцето, со максимум околу 21. декември.

На рамноденицата која се случува околу 20. март на северната хемисфера настапува пролетта, а на јужната есента; обратно, на 22. септември на северната хемисфера настапува есента, а на јужната пролетта.

Двата моменти кога Сонцето е точно над Екваторот (кога оската на ротација на Земјата е нормална на рамнината на ротација) се викаат рамноденица.

Интересни податоци за рамнодениците[уреди]

Неколку интересни податоци за рамнодениците:

  • Бидејќи Сонцето е сфера, а не светлосна точка, реалното преминување на Сонцето преку Екваторот трае 33 часа;
  • На рамнодениците, брзината на промена на траењето на денот и ноќта е најголема: на половите рамноденицата означува преод од 24-часовен ден во 24-часовна ноќ (или обратно), и таа промена е поголема колку се оди од Екваторот кон половите;
  • Од јунската долгоденица до септемвриската рамноденица има 94 дена, но само 89 дена од декемвриската краткоденица до мартовската рамноденица: затоа годишните времиња се со различна должина. Причината за ова е различната брзина на Земјата додека се движи околу Сонцето (апхел и перихел);
  • Појавата на рамноденицата не е фиксна, туку приближно 6 часа подоцна секоја година, што изнесува еден цел ден во четири години, но тоа се поништува со престапните години (видете и григоријански календар);
  • Помалите нерегуларности во моментот на рамноденицата се предизвикани од влијанието на Месечината и другите планети врз движењето на Земјата;
  • Датите на рамноденицата ги пресметуваме според времето по Гринич Универзално време, и тие може да варираат и по два календарски дена за луѓето што живеат на далечниот исток или запад, близу до датумската граница. Така, на островите Тонга во 1999. рамноденицата била на 24. септември, и ќе биде на таа дата повторно дури во 2103. Слично на тоа, на крајниот запад на Америка, рамноденицата може да биде и на 19. март.

Рамноденицата во културата на цивилизациите[уреди]

Рамноденицата, особено пролетната, играла значајна улога во културата на сите цивилизации од минатото. Почетокот на пролетта бил поврзан со почеток на земјоделските работи, или со приложување на жртви заради успешен род. Пролетната рамноденица била прославувана и како почеток на новата година. Во Македонија, најстариот познат локалитет на кој се определувала датата на рамноденицата е Кокино, од околу 1800.г.п.н.е.