Пуч од 18-ти бример

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Пуч од 18-ти бример
Генерал Бонапарта за време на државниот удар од 18-ти бример во Сен Клоуд, слика од Франсоа Бушо, 1840 г.
УчеснициНаполеон Бонапарта, Емануел Жозеф Сијес, Шарл-Морис Талејран, Роже Дико, Пол Барас, Лисиен Бонапарта, Жозеф Бонапарта, Жан Жак Режи де Камбасерес, Шарл Франсоа Лебрен и други
МестоФранција
Датум9 ноември 1799
ИсходКонзулат; нов устав според кој првиот конзул, функцијата што требало да ја извршува Бонапарта, имала најголема моќ во француската влада

Пучот од 18-ти бример бил државен удар во Франција на 9 ноември 1799 година (или на 18-ти бример, Година VIII според францускиот републикански календар) со кој генералот Наполеон Бонапарта ја презел власта и станал прв конзул на Франција, и според мислењето на повеќето историчари се ставил крај на Француската револуција. Со овој бескрвен државен удар бил соборен Директоратот и е заменет со Конзулат.

Причини[уреди | уреди извор]

Од 21 март до 9 април 1799 година се одржале избори за нови 315 членови во Советите на кои победиле неојакобинците. Пролетта и летото 1799 година Франција доживеала серија порази во битките против втората коалиција.

По завршување на изборите, јакобинското мнозинство веднаш побарало Директоратот да стане „пореволуционерен“. Тие го прогласиле изборот на директорот Треилхард за незаконски поради технички пропусти и со гласање одлучиле да биде сменет со Луј-Жером Гоје, адвокат кој бил министер за правда за време на Конвентот и кој го надгледувал апсењето на умерените пратеници од Жиронда. Јакобинците во Советот побарале оставка и од двајца умерени директори, Ла Ревелие и Мерлин. Тие биле заменети со два нови члена, Роже Дико, малку познат адвокат кој бил член на Комитетот за јавен спас, и непознатиот јакобински генерал, Жан-Франсоа-Огист Мулен. Новите министри именувани од директорите во најголем дел биле докажани јакобинци, иако Сијес издејствувал назначување на Жозеф Фуше за нов министер за полиција.[1]

Јакобинците почнале да предлагаат закони кои во голема мера биле поволни за санкилотите и работничката класа, но кои ги вознемириле високата и средната класа. Советите наметнале принуден заем од сто милиони франци, кои требало веднаш да го платат според степенеста скала сите кои платиле данок на имот над триста франци. Оние кои нема да платат ќе се сметаат за емигрантски благородници и ќе ги загубат сите граѓански права. [2] На 27 јуни генералот Жордан, истакнат јакобински член во Советите, предложил масовна регрутација на сите подобни млади мажи меѓу дваесет и дваесет и пет години во армијата. Ова била првата масовна регрутација по 1793 година.

Неојакобинците отвориле нов политички клуб по моделот на јакобинските клубови од времето на Конвентот. Клубот бил отворен на 6 јули и наскоро броел три илјади членови, со 250 пратеници, меѓу кои и многу поранешни јакобинци од времето на владеење на теророт, како и поранешни поддржувачи на ултра-револуционерот Франсоа Бабеф. Членовите на клубот го нападнале Директоратот, жалејќи се раскошот и луксузот на кои ги уживале неговите членови. Директоратот набрзо одговорил на провокациите; Сијес навел дека членовите на клубот се стремат да го возобноват владеењето на теророт на Робеспјер. Министерот за полиција Фуше го затворил клубот на 13 август.[2]

Воената ситуација на Франција се подобрила по Втората битка кај Цирих на 25-26 септември. По намалувањето на изгледите за инвазија на Франција, јакобинците почнале да се плашат дека ројализмот (кој го поддржувал мирот) повторно ќе заживее. Кога Наполеон се вратил во Франција на 9 октомври, и двете фракции го поздравија како спасител на земјата. Бил почитуван од ројалистите затоа што потекнувал од мало благородничко семејство од Корзика, а од јакобинците затоа што го потиснал обидот за државен удар на ројалистите на почетокот на Директоратот.

Воодушевен од кампањата на Наполеон на Блискиот Исток, народот бил наклонет кон Наполеон. Сијес станал убеден дека тој е генералот кој му е неопходен за планираниот пуч.[3] Но, Наполеон направил заговор за пуч во пучот, и на крајот самиот тој се здобил со моќ наместо за Сијес.

Најголема пречка за државен удар била армијата. Некои генерали, како Жан-Батист Журдан, искрено го поддржувале републиканизмот; а други, како што е Жан Бернадот, сметале дека се способни самите тие да управуваат со Франција. Наполеон работел на нивно убедување, а своите намери ги чувал во тајност.[3]

Државниот удар бил внимателно испланиран од Сијес и Бонапарта, со помош на братот на Бонапарта, Лисиен, дипломатот и совршен интригант Талеран, министерот за полиција Фуше и комесарот на Директоратот, Пјер Франсоа Реал. Планот предвидувал тројца директори да поднесат ненадејна оставка, и земјата да остане без извршна власт. Тогаш на Советите ќе им биде кажано дека на нацијата ѝ се заканува Јакобински заговор; Советите ќе бидат преместени заради сопствена безбедност во Шато де Сен Клауд, на околу 5 км западно од Париз. Бонапарта ќе биде именуван за шеф на владата за да ја брани Републиката од заговорот; Советите би се распуштиле и ќе се напише нов Устав. Бонапарта ќе треба да убеди дел од пратениците. Фуше и Реал треба да кажат дека нема да има мешање од полицијата или градот Париз. Фуше предложил водечките јакобински пратеници да бидат уапсени на почетокот на пучот, но Бонапарта рекол дека тоа нема да биде потребно, што подоцна се покажало како грешка. [1] Кратко пред пучот, Бонапарта се сретнал со главните армиски команданти: Журдан, Бернадот, Ожеро и Моро и ги информирал за претстојниот државен удар. Не бил поддржан од сите, но се договориле да не му стојат на патот. Претседателот на Советот на старите исто така бил доведен во пучот, за да може да ја одигра својата улога, а братот на Бонапарта, Лисиен, ќе раководи со Советот со петстотини. [2]

Исто така требало да се натераат Советот на старите и Советот од петстотини (горниот и долниот дом на парламентот) да назначат послушен комитет кој ќе состави нов устав според спецификациите на заговорниците.

Настани од 18-ти бример, Година VIII[уреди | уреди извор]

Лисиен Бонапарта, претседател на Советот од петстотини, кој го извел пучот кој го донел неговиот брат на власт

Утрото на 18-ти бример, Лисиен Бонапарта ги излажал советите дека се спрема јакобински државен удар во Париз и поради безбедност треба да заминат во приградската Шато де Сен Клауд.[4] Наполеон бил задолжен за безбедноста на двата совета и му била доверена командата со сите трупи кои тогаш се нашле во Париз.[5]

Подоцна истото утро, Емануел Жозеф Сијес и Роже Дико поднеле оставки како директори. [3] Сега веќе поранешниот втор министер за надворешни работи од 1797-1799 година, Чарлс Морис де Талејран-Перигор, близок сојузник на Наполеон, го притиснал директорот Пол Барас да го стори истото.

По оставката на тројца од петте директори на првиот ден од државниот удар, Директоратот немал кворум за заседавање и одлучување, што практично значело распуштање на Директоратот. Двајцата директори од јакобинците, Луј-Жером Гоје и Жан-Франсоа-Огист Мулен, продолжиле да протестираат. Следниот ден биле уапсени, од сојузникот на Наполеон, генералот Жан Виктор Мари Моро, а пред тоа биле принудени да не се бунат.[6]

За разлика од Директоратот, Советите продолжиле да се состануваат.

Настани на 19-ти бример[уреди | уреди извор]

На мнозинството пратеници им станало јасно дека се соочуваат со обид за државен удар наместо да бидат заштитени од јакобинскиот бунт. Соочен со нивна непослушност, Наполеон упадна во одаите, придружуван од мала група гранадери. Иако можеби не било планирано, ова се покажало како пуч во пучот.

Наполеон сфатил дека Старите се противат „и покрај масовното покажување на воена сила“.[5] Честопати бил прекинуван додека им се обраќал со новите „вистини“ како „Републиката нема влада“ и, најверојатно, „Револуцијата заврши“. Еден пратеник викнал: „А Уставот? Наполеон одговорил, повикувајќи се на претходните парламентарни пучеви: „Устав! Вие самите го уништивте. Го прекршивте на 18 фруктидор; го прекршивте на 22 флореал; го прекршивте на 30 преријал. Веќе не е почитуван од никого“.

Карикатура од Џејмс Гили (1799) - Наполеон и неговите гренадери го изнесуваат Советот на петстотини од Оранжеријата.

Потоа разговарал со Советот од петстотини, кој веќе заседавал под претседателство на неговиот брат Лисиен. Овде Наполеон бил понепријателски пречекан од јакобинските пратеници.[5] Неговите гранадири влегле токму во моментот кога Јакобинците во советот ја оспориле законитоста на оставката на Барас. По влегувањето, Наполеон најпрво бил туркан, а потоа и директно нападнат. Според некои наводи, тој бил блиску до несвестица. Неговиот брат Лисиен, а не самиот Наполеон, ги повикал гранадирите да го бранат својот водач. Наполеон избегал, но со помош на употреба на воена сила.[3]

Во Советот од петстотини било покренато барање за прогласување на Наполеон Бонапарта за одметник од законот. Доколку Советот го изгласал како одметник од законот, Бонапарта можел да биде уапсен и веднаш погубен без судење Во тој момент, Лисиен Бонапарта се измолкнал од комората и им рекол на војниците кои ги чувале советите дека мнозинството од Петстотини се тероризирани од група пратеници кои мавтале со ками. Според Мајкл Рапорт, „Тој го посочил крвавото, бледо лице на Наполеон како доказ; иако еден навод споменува дека Наполеон го чешал своето лице во фрустрација и бес додека не пуштило крв. [7] Потоа, театрално, Лисиен зграбил меч и се заколнал дека својот брат ќе го прободи в срце ако е предавник“.[8] Лисиен им наредил на војниците да ги избркаат насилните пратеници од комората.[5] Гренадирите под команда на генералот Жоашен Мира влегле во Оранжеријата и го растерале советот. Со ова, практично се ставил крај на Директоратот.[5]

Старите донеле декрет со кој се одложуваат Советите на три месеци, ги назначиле Наполеон, Сијес и Дуко за привремени конзули и ги именувале членовите на законодавното тело. Некои членови од Петстотината, подоцна се собрале за да ги потврдат овие мерки во нивниот Дом. Така, Директоратот и Советите биле укинати. [3]

Последици[уреди | уреди извор]

Завршување на пучот[уреди | уреди извор]

По распуштањето на Советот, заговорниците формирале две комисии, и двете составени од по дваесет и пет пратеници од двата Совета. Заговорниците всушност преку заплашување ги натерале комисиите да прогласат привремена влада, прва форма на конзулатот со Наполеон, Сијес и Дико како конзули.По улиците немало никаква реакција и ова покажало дека револуцијата навистина е завршена. „Уморни од револуција, луѓето сакаа само да бидат мудро и цврсто управувани.“[3] Отпорот на јакобинските функционери во провинциите бил брзо уништен. Дваесет јакобински пратеници биле протерани, а други биле уапсени. Комисиите потоа го изготвиле „краткиот и нејасен Устав на годината VIII “, прв устав по Револуцијата во кој ја нема Декларација за правата.[9]

Така, Бонапарта го завршил својот пуч во рамките на пуч со усвојување на устав според кој Првиот конзул, позиција на која сигурно ќе биде назначен, имала поголема моќ од другите двајца. Всушност, тој го назначил Сенатот, а Сенатот го толкувал уставот. Сенатот му дозволил да владее со декрет, на тој начин што улогата на Државниот совет и Трибунатот станале неважни. На крајот тоа довело до создавањето на Првото Француско Царство.

Прием од Карл Маркс[уреди | уреди извор]

Во 1852 година, Карл Маркс го напишал Осумнаесетти бример на Луј Бонапарта кој се однесувал на многу подоцнежен настан, државниот удар од 1851 година против Втората Република од странаНаполеон III, кој бил внук на Наполеон. Маркс го сметал Луј Наполеон за слаб политичар во споредба со неговиот вујко кој го освоил светот, што е изразено во често цитираниот воведен дел на Маркс: „Хегел некаде забележува дека сите големи факти и личности во светската историја се појавуваат, така да се каже, двапати. Заборави да каже: првиот пат како трагедија, вториот пат како фарса.“[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Tulard, Fayard & Fierro 1998.
  2. 2,0 2,1 2,2 Lefebvre 1977.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Holland 1911.
  4. Doyle, p.374.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Doyle, p. 375.
  6. Lefebvre, p. 199.
  7. Ludwig 1927.
  8. Rapport, 1998
  9. Crook, Malcolm (1999). „The Myth of the 18 Brumaire“. H-France Napoleon Forum. Архивирано од изворникот на 18 January 2008. Посетено на 12 December 2007.
  10. „Chapter I“ . The Eighteenth Brumaire of Louis Napoleon  – преку Викиизвор.

Извори