Комитет за јавен спас

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Комитетот за јавен спас (француски: Comité de salut public) била привремена влада во Франција за време на владеењето на теророт (1793–1794), предводен претежно од Максимилијан Робеспјер. Во април 1793 година со Националниот конвент го креирал Комитетот за јавен спас, и бил реструктуиран во јули 1793. Целта за креирање на Комитетот била да се заштити новата република од надворешните и внатрешните непријатели, борба против Првата коалиција и задушување на бунтот во Вандеја. Затоа што бил креиран како воена мерка, на комитетот му биле доделени широки надзорни и административни овластувања над вооружените сили, судството и законодавството, како и врз извршните тела и министрите на Конвентот.

Во декември 1793 година, Конвентот формално му ја дал во надлежност извршната власт на комитетот. Како негов лидер се издигнал Јакобинскиот радикал Максимилијан Робеспјер. По апсењето и погубувањето на политичките опоненти на Јакобинците, Еберовците и Дантонистите, Конвенот исплашен од нова политичка чистка се свртел против Робеспјер, кој бил уапсен и погубен во јули 1794 година. За време на Термидорската реакција, влијанието на комитетот се намалило и бил укинат во 1795 година.[1]

Потекло и еволуција[уреди | уреди извор]

Комитет на владеење[уреди | уреди извор]

Англиско писмо (Lettre anglaise) од 29 јуни 1793 година објавено од Националниот конвент за време на Француската револуција (1793) за да се докаже англиското шпионирање и заговор

На 5 април 1793 година, францускиот воен командант и поранешен министер за војна, генералот Шарл Франсоа Димурие пребегнал во Австрија по објавувањето на писмо во кое се заканувал дека ќе со својата војска ќе влезе во Париз ако Националниот конвент не го постави на негово чело. Веста за пребегнувањето ги растревожило парижани, кои стравувале дека Австријците со своите сојузници ќе ја поразат Франција. Се верувало дека Франуската Република е во опасност, загрозена не само од странските војски и неодамнешните бунтови во Вандеја, туку и од странските агенти кои подготвувале заговор за уништување на нацијата одвнатре.[2] Поради заканите, лидерот на Жирондинците Максимин Иснар предложил да се формира деветчлен Комитет за јавен спас. Иснар добил поддршка од Жорж Дантон.[2]

Комитетот бил формиран на 6 април 1793 година. На почетокот бил познат како Дантонов комитет затоа што на негово чело застанал Дантон.[3] Дантон го водел Комитетот до пучот од 31 мај до 2 јуни 1793 година кога Жирондинците биле насилно протерани од Конвентот. Комитетот добил нов состав на 10 јули 1793, а Дантон не бил вклучен во него. Сепак, тој продолжил да ја поддржува централизацијата на моќта во Комитетот.[2]

На 27 јули 1793 година, Максимилијан Робеспјер бил избран за член во Комитетот. Комитетот за јавен спас бил надлежен за управување со војната (како и назначувањето на генерали), назначување судии и поротници за Револуционерниот трибунал,[4] обезбедување со намирници на армијата и народот, одржување на јавниот ред и надзор врз државната бирократија.[5]

Комитетот, исто така, бил одговорен за толкување и примена на декретите од Националниот конвент, а со тоа и за спроведување на некои од најстрогите политики на Теророт - на пример, масовната регрутација од 23 август 1793 година, Законот за осомничени од 17 септември 1793 година и Законот за максимум од 29 септември 1793 година. Големите и централизирани овластувања на Комитетот биле озаконети со Законот од 14 фримар (познат и како Закон за револуционерна влада) од 4 декември 1793 година. 

Погубување на Ебертовците и Дантонистите[уреди | уреди извор]

Од 5 декември 1793 година, со одобрение на Робеспјер и Комитетот почнал да се публикува Le Vieux Cordelier.[5] Овој весник бил насочен против ултрареволуционерната Ебертистичка фракција, чии екстремистички барања, антирелигиозната жестина и склоноста кон ненадејни бунтови го загрижувал Комитетот.

Како резултат на тоа, Ебертовците биле уапсени и погубени во март 1794 година, а покрај нив биле погубени и Дмулен и Дантон. Еро де Сешел, пријател и сојузник на Дантон, бил исфрлен од Комитетот за јавен спас, уапсен и суден заедно со нив. На 5 април 1794 година, Дантонистите завршиле на гилотина.[6]

Владеење на Комитетот[уреди | уреди извор]

Максимилијан Робеспјер, член на Комитетот за јавен спас

Елиминацијата на Ебертовците и Дантонистите ја покажале диктаторската моќ на комитетите за контрола и замолчување на опозицијата. Создавањето на Општото полициско биро во март 1794 година - кое требало да му рапортира на Комитетот за јавен спас, но најчесто директно на Робеспјер и неговиот најблизок соработник, Луј Антоан де Сен-Жист - требало да ја зголеми моќта на Комитетот за јавен спас и на самиот Робеспјер.

Законот од 22 праириал, предложен од Комитетот и донесен од Конвентот на 10 јуни 1794 година, наведувал различни форми на јавни непријатели и сериозно го ограничил правата кои им се на располагање на обвинетите. Според овој закон, казната за сите злосторства била смрт; од неговото воведување до падот на Робеспјер на 27 јули 1794 година, на смрт биле осудени повеќе лица отколку во целата претходна историја на Револуционерниот трибунал.[4]

Меѓутоа, кога Теророт го достигнал својот врв, а со тоа и Комитетот својата политичката моќ, растел раздорот меѓу членовите во револуционерната влада. Членовите на Комитетот за општа безбедност биле загрижени за автократското однесување на Комитетот за јавен спас, и особено на Општото полициско биро.[4] Исто така, Робеспјер почнал сè повеќе да отсуствува од седниците на Комитетот поради болест (престанал да присуствува на состаноците од јуни 1794) и се создал впечаток дека е изолиран.

Падот на Комитетот и последиците[уреди | уреди извор]

Comité de Salut public, An II

Кон средината на јули 1794 било очигледно дека Робеспјер и Сен-Жист планираат нова чистка на политичките противници Жозеф Фуше, Жан-Ламбер Талиен и Марк-Гијом Алексис Вадиер (последниве двајца биле членови на Комитетот за општа безбедност). На 26 јули 1794 година Робеспјер одржал говор пред Националниот конвент во кој ја нагласил потребата да се „прочистат“ Комитетите и да се „уништат сите фракции“.[7] Во говорот пред Јакобинскиот клуб истата вечер, тој ги нападнал Коло д'Хербоа и Било-Варен, кои одбиле да дозволат печатење и дистрибуција на неговиот говор до Конвентот.

Следниот ден, 27 јули 1794 година (или 9 Термидор според републиканскиот календар), Сен-Жист започнал говор пред Конвентот, барајќи осуда за Коло д'Хербоа, Било-Варен и другите членови од Комитетот за јавен спас. Но, веднаш бил прекинат од Талиен и од Било-Варен, кои го обвиниле дека има намера да го „убие Конвентот“.[7] Баер, Вадие и Станислас Фрерон им се придружиле на обвинувањата против Сен Жист и Робеспјер. Конвентот наредил апсење на Робеспјер, неговиот брат Августин и Сен Жист, заедно со нивните поддржувачи Филип Ле Ба и Жорж Кутон.

Следел период на големи граѓански немири, при што членовите на Комитетот за јавен спас и општа безбедност биле принудени да се засолнат во Конвентот. Браќата Робеспјер, Сен-Жист, Ле Ба и Кутон се засолнале во Хотел де Вил, во обид да поттикнат бунт. На крајот, соочен со пораз и апсење, Ле Ба извршил самоубиство, а Сен Жист, Кутон и Максимилијан и Аугустин Робеспјер биле уапсени и гилотинирани на 28 јули 1794 година.[8]

Термидорската реакција укинала многу од најнепопуларните закони на Теророт и ја ограничил моќта на Комитетите за јавен спас и јавна безбедност. Комитите биле укинати со Уставот на годината III (1795).

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Committee of Public Safety“. Encyclopedia Britannica (англиски). Посетено на 2017-09-20.
  2. 2,0 2,1 2,2 Belloc (1899).
  3. Mantel (2009).
  4. 4,0 4,1 4,2 Scurr (2006).
  5. 5,0 5,1 Furet (1992).
  6. „Danton Versus Robespierre: The Quest for Revolutionary Power“. ucumberlands.edu. Архивирано од изворникот на 8 September 2017. Посетено на 20 September 2017.
  7. 7,0 7,1 Madelin (1916).
  8. „Maximilien Robespierre, Master of the Terror“. loyno.edu. Посетено на 20 September 2017.

Извори[уреди | уреди извор]