Прокупец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прокупец
Прокупац
Изглед на листот
Боја на лушпатацрвена
РегиониМакедонија, Србија, Бугарија
Винапрокупец
Идеална почвасуви, пропустливи
Особини на виното
На умерено поднебјевишна, цреша

Прокупецбалканска сорта грозје (Vitis vinifera) која се користи за правење розови и црвени вина, потоа за купажа како и за производство на вино и вињак.

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Името го добило според градот Прокупље, каде што се одгледувало од дамни времиња.

Виногорје[уреди | уреди извор]

Прокупецот се одгледува Србија, Македонија и Бугарија. Спорадично се одгледува и во Русија.

Според Правилникот за изменување на Правилникот за класификација на препорачани и одобрени сорти на грозје за производство на вино за секоја лозарска област за производстство на вино во Македонија,[1] прокупецот е препорачана сорта во виногорјата:

Ботанички опис[уреди | уреди извор]

  • Бујност - развива многу бујна пенушка со исправени ластари.
  • Врвот на младиот ластар е белузлаво-сив, свиткан и влакнест.
  • Зрелите ластари се средно дебели или дебели, со кратки или средно долги виолетови интерноди. Бојата на кората на ластарите е црвеникава.
  • Зимското окце на оваа сорта е средно развиено, конусно, покриено со темни лушпи.
  • Развиениот лист е голем, цел или троделен, со прилично плитки горни странични засеци. Кората е плитко избраздена, темнозелена, мрежесто збрчкана и мека. Лицето на листот има ретки и едвај видливи пајажинести влакненца, додека на наличјето е обраснато со средно густи сиви влакна. Нервите се зелени од двете страни, добро истакнати на задната страна. Запците се со различни големини, доста заоблени.
  • Петелката е со средна дебелина и должина, малку ребреста, зелена и делумно виолетова.
  • Цветот е морфолошки и функционално хермафродит со 5-6 прашници, кои се нешто повисоки по положба во споредба со добро развиениот толчник во облик на шише.
  • Зрното е со средна големина, тркалезно, со темносина кожа, сочно, без изразен мирис и со пријатен вкус.
  • Гроздот е со средна големина, поретко голем, со цилиндрично-конусен облик, средно збиен. Тежината на гроздот значително варира во зависност од сортата и клонот од 150 до 300 грама. Гроздот најчесто се наоѓа на четвртото и петото коленце на родниот ластар. Петелката на гроздот е кратка и зелјеста.[2]

Агробиолошки особености[уреди | уреди извор]

  • Епоха на зреење - грозјето зрее помеѓу III и IV епоха. Многу доцна сорта со долга вегетација.
  • Стапката на плодност е многу висока и се движи од 1,3 до 1,6.
  • Принос на грозје - многу приносна сорта. Приносите на грозје варираат од 15.000 до 20.000 кг/ха.
  • Закројување - му одговара кратко кроење. Кондирите се режат на 2-3 окца.
  • Облици на одгледување - сите на кои може да се примени краткa резидба. Во старите лозја се одгледува со или без колци бидејќи тоа го овозможуваат силните и исправени ластари.
  • Видови почви - дава најдобри резултати на суви, пропустливи, лабави, камено-чакални, умерено плодни и топли почви.
  • Отпорност на криптогамски заболувања - средно отпорен на пепелница, а многу чувствителен на пламеница. Има изразена отпорност на сива мувла.
  • Отпорност на ниски температури - умерено отпорен е на зимски мразови. Окцата замрзнуваат на - 16 °C.
  • Афинитет кон подлоги - се препорачуваат следните подлоги: Berlandieri X Riparia kober 5BB, Teleki 8B, Š XB 41B, SO4, Rupestris du Lot и други. [2]

Поважни особености[уреди | уреди извор]

Состав на грозјето (g)
Маса на гроздот 130 - 300
Маса на зрната 90 - 193
Маса на шепурината 4,10 - 6,69
Состав на зрната (g)
Маса на кожата 6,53 - 10,40
Маса на семките 4,87 - 6,40
Маса од месото 85,20 - 181,94
Структура на гроздот (%)
Шепурина 2,45 - 4,72
Кожичка 3,38 - 8,17
Семки 2,52 - 4,59
Месо 70,30 - 90,75
Скелет 6,73 - 10,37

Технолошки и органолептички особености на ширата и на виното[уреди | уреди извор]

Особености на ширата[уреди | уреди извор]

Ширата содржи 18-22% шеќер и 6-7 вкупни киселини. Безбојна е. При посилно цедење на грозјето се добива шира со розовкаста боја. Вкусот и мирисот се пријатни. Приносот на сокот е 65-70%.

Особености на виното[уреди | уреди извор]

Виното содржи 11-13% алкохол и 5-6 вкупни киселини. Многу питко, освежувачко, црвена или рубин црвена боја, мирисните ароми се комбинација на вишна и цреша. Кога се остава подолго време во комината, виното станува горчливо поради ослободување на танини. Со одлежување, виното добива на квалитет.[3]

Консумирање[уреди | уреди извор]

Се препорачува консумација на температура од 16-18°С со лесни предјадења, тестенини и варива.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Правилник за изменување на Правилникот за класификација на препорачани и одобрени сорти на грозје за производство на вино за секоја лозарска област за производстство на вино“ (PDF). Посетено на 6 јуни 2023.
  2. 2,0 2,1 Детаљан опис сорте и најважније особине Здрава Србија, Виноградарсво, 9.март 2013. Приступљено 13.новембра 2016.
  3. Сорте за квалитетна црвена и црна вина Архивирано на 28 април 2016 г., Виноградари и винари Опленачког краја. Пристапено 13 ноември 2016.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]