Вранец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гроздови вранец на винова лоза
Набрано грозје вранец

Вранец — домороден вид на грозје кое се одгледува во Македонија, Црна Гора, Херцеговина и Србија.

Се смета за најзначаен вид во Црна Гора и еден од најзначајните во Македонија[1], а го има доста и во Србија. Во Македонија вранецот е застапен со 50% во производството на црни вински грозја.[2]

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Зборот вранец означува црн пастув, затоа вината од оваа сорта грозје асоцираат на сила и моќ. Вран исто така значи нешто што има сјајна црна боја.[3]

Виногорја[уреди | уреди извор]

Виновата лоза од сортата се наоѓа низ цела Македонија, а со Правилникот за реонизација на лозарските подрачја [4] истата е препорачана во Повардарскиот реон и во Кумановското виногорје.

Лоза[уреди | уреди извор]

Грозје од сортата Вранец во Тивешијата

Лозата е умерено снажна и со обилен род, отпорна на заболувања. Зрната се големи и со темна боја. Во Македонија се смета за најбитна сорта грозје и е застапена со речиси 70% од сите црвени сорти кои се одгледуваат. Зборот вранец значи црн пастув, име кое го опишува ова грозје. Младите Вранци  имаат светловиолетова боја и мирис на црвени боровинки и овошен мармалад со многу јаки танини. По неколку години зреење, бојата  преминува во темноцрвена рубин/црна боја и се развива комплексна арома која потсетува на чоколадо, црно овошје и цимет, при што вината ја губат својата острина, развивајќи долг и свилен послевкус. (Витач е алкохолен пијалак кој се добива од сортата Вранец[5]).

Витикултура[уреди | уреди извор]

Вранецот сака топла и сува клима. Грозјето се бере рачно и во зависност од подрачјето бербата почнува од половината на септември и се протега до првата третина на октомври.

Вина[уреди | уреди извор]

Вранец од Македонија

Од оваа сорта на грозје се произведуваат суви вина со единствен вкус и карактер кои се синоним за Балканот. Вранецот се смета за типично рурално робусно агресивно вино, без аспирации за лажна префинетост, полно со карактер и пркос. Со еден збор вранецот со своите вински одлики ги отсликува културно-антрополошките црти на балканските народи. Вранецот има карактеристична пурпурна боја која може да биде и темноцрвена во зависност од зрелоста. Темните нијанси на виното се длабоко изразени така што најчесто ја обојува чашата и усните на консументот. Не можете лесно да се „ослободите“ од него. Ретко на кои производители им успева да го стабилизираат и исфилтрираат ова вино за да добие проѕирна нијанса. Вранецот ослободува ароми на кисело зрнесто овошје, пред сè рибизла, боровинка и капина, но кај барикираните примероци се јавува и мирис на дрво и презреани вишни. Вкусот е исполнет со истото зрнесто кисело овошје, со многу високи агресивни танини, посебно кај младите примероци. Кај некои зрели и мудрo барикирани примероци, танините се подискретни и посмирени. Телото на виното е средно до екстремно полно во зависност од зрелоста, а послевкусот е долготраен посебно кај постарите примероци.[6]

Вранецот исклучително добро го поднесува стареењето во дабови бочви и во шишиња, што често е неопходно за да се скроти неговиот снажен спој на танини и киселини. Благодарение на својата хармонична природа добро се комбинира со други сорти на грозје како што се каберне совињон и мерло.

Консумирање[уреди | уреди извор]

Различни производители препорачуваат различна температура на служење за своите вина од оваа сорта, а најчесто се сретнуваат препораччани температури од 15 до 17оС ,[7] и од 16 до 18оС[8] .

Вранецот исклучително добро се слага со димено, конзервирано и месо на скара, дивеч, со салати и стари сирења со снажни вкусови.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Stevenson, Tom (2005). The Sotheby's Wine Encyclopedia (4. изд.). Londyn: Dorling Kindersley. стр. 427. ISBN 0-7566-1324-8.
  2. „Министерство за земјоделство, шумарство и стопанство „Нацрт стратегија за лозарство и винарство (2010-2015)" (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-09-28. Посетено на 2016-02-04.
  3. Толковен речник на македонскиот јазик, Том I, стр. 300, редакција:Снежана Велковска, Кирил Конески, Живко Цветковски, Скопје 2003
  4. Правилник за реонизација на лозарските подрачја
  5. „Вински сорти | www.vino.mk“. vino.mk. Посетено на 2017-09-25.
  6. Баркод ВРАНЕЦ – Македонска гордост[мртва врска]
  7. Вранец Бовин Архивирано на 13 декември 2013 г.,
  8. „Вранец тероар, Шато Камник“. Архивирано од изворникот на 2014-10-01. Посетено на 2016-02-04.