Пресадување (медицина)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Пресадување на срце во 1968 г.

Пресадување на органи или трансплантација — постапка при која се отстранува орган од едно тело и истиот се става во друго тело, чиј таков орган е оштетен или недостасува.

Долго време била присутна надежта дека органите и ткивата земени од животни или од друг човек, можат да ги заменат оштетените органи и ткива кај друг човек или животно.[1]. Голем број од првите такви обиди завршувале неуспешно, бидејќи, секој организам се бори да ја уништи туѓата материја, вклучувајотфќи ги и ткивата од друг човек, или друго животно. Таквата нормална реакција на организмот се нарекува синдром на отфрлање.[1] Во сите случаи на пресадување, ткивата на дарителот, треба да соодветствуваат на ткивата на примателот, како што соодветствува крвта која се дава при трансфузија. Совпаѓањето на ткивата се проверува со голем број лабораториски анализи, а се прават и напори да се најдат дарители чии ткива содржат релативно малку антигени, што можат да предизвикаат отфрлање на пресадокот од организмот на примателот. Бидејќи е невозможно да се совпаднат целосно сите антигени од дарителот со тие на примателот, многу често на примателот му се даваат лекови што ја блокираат имунитетната реакција на неговото тело, насочена кон пресадениот орган или ткиво.[1]

Од историјата на пресадувањето[уреди | уреди извор]

Постојат извештаи кои потврдуваат дека пресадувањето постоело пред научното разбирање и унапредување на техниките потребни за развивање на оваа гранка.[2] Првите податоци укажуваат дека во вториот век пред нашата ера индискиот хирург Сушрута вршел пресадување на кожата во носот, како и извесна пластична хирургија на нос. Успехот на овие операции не е добро документиран. Римокатоличката митологија говори дека во третиот век ногата на некој ѓакон Јустинијан зафатена од гангрена била заменета со нога на починат Етиопјанин.[2] Неколку векови подоцна, италијанскиот хирург Гаспаре Таљацози извршил успешно пресадување на кожа и за првпат укажал на проблемот со отфрлање на новите органи од телото на примателот, неколку века пред медицински да биде разбран целиот механизам. Тој говорел за „силата на моќта на биолошката единка“ уште во 1596г., во книгата што ја објавил на оваа тема.[2]

Алексис Карел

Првите пресадувања[уреди | уреди извор]

Првото успешно пресадување на рожницата на окото била изведена во 1837 г., на една газела, а првото успешно пресадување на човечка рожница (кератопластична операција) било изведено од страна на Едвард Зирм од Австрија во 1905 г. Сепак, пионерската хируршка техника за пресадување била направена во самиот почеток на дваесеттиот век од страна на француските хирурзи Алексис Карел и Чарлс Гутрие со пресадување на венски артерии. Нивната вешта анастомоза (спојување на разделени органи) ги поставува темелите на подоцнежната хирургија. Во 1912г., Карел ја добил Нобеловата награда за медицина и физиологија. Исто така, неговата идентификација на проблемот на одбивањето на органите останала ненадмината со децении.[2] Пресадувањето на кожа доживеало голем напредок во текот на Првата светска војна, особено преку работата на Харолд Гили од Австралија кој се смета за „татко на пластичната хирургија“. Во неговите заслуги се вбројува воспоставувањето успешен проток на сопствена крв во младежот на пациентот, како резултат на успешната врска со дарителот. Неговиот асистент, Арчибалд МекИнд, продолжил со работата во текот на Втората светска војна во областа на реконструктивната хирургија. Работејќи за Кралските восздухопловни сили значително ја унапредил терапијата и рехабилитацијата на повредените и изгорени воени пилоти. Во 1962г., била извршена првата успешна реплантивна операција - неколку екстремитети биле повторно поврзани за телото и им било повратено (иако ограничено) функционирањето и чувствувањето на тие делови од телото.[2]

Првото пресадување на орган од покојник ја направил украинскиот хирург Јуриј Вороној во 1930 г. Џозеф Мари ја направил првото успешно пресадување на бубрег меѓу два близнака во 1954г., значително олеснета поради тоа што се работело за генетски идентични близнаци. Успехот на доктор Муреј со бубрегот водел до обиди и со други органи. Во јуни 1963г., било направено првото пресадување на градно крило во пациент кој страдал од рак на белите дробови од страна на Џејмс Харди од Мисисипи, САД. Пациентот живеел 11 дена и починал поради откажување на бубрезите.[2]

Органи и ткива кои можат да се пресадуваат[уреди | уреди извор]

Органи и ткива кои можат да се пресадуваат се однесува на органи и ткива кои релативно често или редовно се пресадуваат (овде "главни органи и ткива"), како и органи и ткива кои многу ретко се пресадуваат или се во експериментална фаза.

Срце[уреди | уреди извор]

Пресадување на срце[уреди | уреди извор]

Срцевиот орган бил најголемиот предизвик за пресадната хирургија. Но, поради проблемите со отфрлањето кои кај срцето можат да доведат до смрт за неколку минути, секоја операција морала да се изведе со голема брзина. Исто така, било потребно да се направи и машина која вештачки ќе ја извршува работата на срцето за време на операцијата. Пионерот во оваа област, Џејмс Харди, го направил првото пресадување на срце во 1964 г., но прераното откажување на срцето на пациентот го натерало Харди да мора да употреби срце од шимпанзо кое, за жал, откажало кратко по операцијата.[2] Првиот успех се случил на 3 декември 1967г., во Кејптаун, Јужна Африка, од страна на доктор Кристијан Барбард. Луис Вашкански, човекот на кого била извршена првото пресадување на срце, живеел само 11 дена. Сепак, после оваа операција се појавило големо интересирање за срцеви пресадувања. Преку стотини биле изведени во периодот 1968г. до 1969 г., но речиси сите пациенти починале за шеесетина дена. Вториот пациент на Бернард живеел 19 месеци. Во 1984 година две третини од пациентите со пресадено срце веќе живееле по пет години и повеќе. На 9 март 1981 г., се случила првата успешно пресадување на срце со крвни садови на универзитетската болница во Стенфорд од страна на хирургот Бруц Реиц.[2]

Срцевото пресадување е хируршка постапката која се изведува кај пациенти со краен стадиум наоткажување на срцевиот орган или тешка коронарно-артериска болест. Најчеста процедура е да се земе функционално срце од неодамна починат дарител (allograft) и да се имаплантира кај пациентот. Кај пациентот се отстранува неговото срце (orthotopic процедура), или поретко се остава срцето да ја потпомогне функцијата на донираното срце (heterotopic постапка). И двете се контроверзни решенија за една од најопасните болести кај човекот. Пост-оперативниот период во просек е во време траење од 15 години. Првото пресадување на човечко среце било изведено од страна на Кристијан Барнард на 3 декември 1967 година. Во светот се изведуваат околу 3500 пресадувања на срцето, а околу 800000 луѓе имаат потреба од нов орган бидејќи боледуваат од болеста на срцето Класа IV. Овој очај во 1993 година предизвикал голем број на истражувања за употребата на не-човечки срца. Исто така е можно да се земе срце од друг вид (xenograft) или имплант направен по вештачки пат но исходот од овие постапки е помалку успешен во споредба со другите две постапки и затоа се почесто се користи постапката каде се користи орган од починат дарител (allografts). Научниците саакат да се поправат и да ги надмнинат проблемите со овие опции во наредните 15 години.

Пресадување на белите дробови[уреди | уреди извор]

Иако пресадувањето на белите дробови со себе носи одредени ризици коишто произлегуваат од него, таа исто така може да го зголеми животниот век и да го подобри квалитетот на животот кај пациентите кај кои функцијата на белите дробови е во крајна фаза. Прецизните детали од операцијата ќе зависат најмногу од точниот тип на пресадокот, постојат многу чекори кои се заеднички за сите вакви постапки. Пред да се започне со операцијата врз примателот, хирургот кој го врши пресадувањето проверува дали на белите дробови од дарителот има некакви оштетувања или заболувања. Ако белите дробови или белодробните крила се одобрени примателот се поврзува на апарат за следење на IV линија и на други апарати како што е апаратот за следење на пулсот. На пациентот му се дава општа анестезија и неговото дишење е со помош на апарати за дишење кои го потпомагаат дишењето. Оваа постапка трае околу еден час, за пред-оперативна подготовка на пациентот. Пресадувањето на едно белодробно крило трае околу 4-8 часа, а додека пак пресадување на двете белодробни крила трае околу 6 до 12 часа. А доколку има и дополнителна повреда на градите може да го зголеми времето и да ја комплицира постапката на пресадување.

Пресадување на срце и бели дробови[уреди | уреди извор]

Пресадувањето на срце и бели дробови е постапка што се врши со цел да се заменат и срцето и белите дробови во една операција. Поради недостигот на соодветни дарители, оваа постапка многу ретко се изведува; Во САД се изведуваат околу сто такви пресадувања годишно. За време на операцијата пациентот е под анестезија. Кога донираните органи ќе пристигнат тие прво се проверуваат за да се види дали има некакво оштетување, доколку се пронајде некое оштетување се прекинува со оперативната постапка. Понекогаш некои пациенти се загрижени дека нивните органи ќе бидат отстранети а новите имплантирани органи нема да бидат соодветни. Бидејќи оваа е можност, тоа е стандардна постапка но пациентот не се оперира сè додека не се оцени дека донираните органи не се оштетени и одговараат за пресадување и покрај времето што се губи додека трае проверувањето.

Откако ќе се утврди дека органите од дарителот се погодни за пресадувањето, хирургот прави засечување почнувајќи од горе а завршува под градите кај градната коска и се сече низ целиот пат до коската. Рабовите на кожата се повлекуваат за да се отстранат од коската. Користејќи пила за сечење на коска се сече коската на средината. Со нож се сече помеѓу ребрата и се разделуваат ребрата за да се овозможи пристап до срцето и белите дробови на пациентот. Пациентот за време на операцијата е поврзан на машина која ја врши функцијата на срцето и белите дробови, и низ неговото тело циркулира оксидирана крв. Хирургот ги отстранува срцето и белите дробови на пациентот. Повеќето хирурзи настојуваат да го намалат бројот на крвни садови за да може полесно да се отстрани срцето и посебно кога големината на срцето кое треба да се имаплантира е различна од старото срце на пациентот. Донираното срце и белите дробови ќе бидат поставени и прицврстени на вистинското место. Кога донираните органи ќе ја достигнат нормалната температура на телото белите дробови започнуваат да се дуваат. Срцето на почетокот може да чука брзо и нерамномерно ова е поради тоа што мускулните влакна на срцето не работат истовремено. За да се подобри внатрешната работа може да се употреби мал електричен шок на срцето за да започне да работи срцето со соодветен ритам. Откако донираните органи ќе започнат да ја извршуваат својата функција нормално се отстранува машината која ја вршеше функцијата на срцето и белите дробови и се затвораат градите.

Бубрежно пресадување[уреди | уреди извор]

Донираните бубрези обично се сместуваат подолу од нормалната анатомска место положба. Бубрежното пресадување се врши кај пациенти кај кои функцијата на бубрезите е речиси целосно намалена. Пресадувањето на бубрезите се класифицира како пресадување со органи од мртов дарител (оваа се нарекува кадаверично пресадување) или од жив дарител во зависност од изворот на донираниот орган. Бубрежните пресадоци од жив дарител се карактеризираат со тоа што се генетички поврзани (живо-поврзани) или не-поврзани (живо-неповрзани) во зависност дали има или нема биолошка врска помеѓу дарителот и примателот.

Пресадување на црн дроб[уреди | уреди извор]

Пресадувањето на црниот дроб е постапка на замена на заболениот црниот дроб со нов здрав црн дроб. Најчесто користена техника е ортопоетичкото пресадување, во која се отстранува црниот дроб на пациентот и на негово место се става донираниот орган на истата анатомска место положба. Пресадувањето на црниот дроб денес е добра опција за пациентите кај кои функцијата на црниот дроб речиси исчезнала или при акутни заболувања.

Пресадување на панкреас[уреди | уреди извор]

Пресадувањето на панкреас вклучува имплантирање на здрав панкреас (оној што може да приозведе инсулин) кај лице кое има шеќерна болест. Бидејќи панкреасот извршува функции кои се потребни за процесот на варење панкреасот на пациентот не се отстаранува при пресадувањето туку донираниот пресадок се става на различна локација. Така да во случај на одбивање примателот ќе остане со својот панкреас бидејќи тој нема да биде отстранет. Здрав панкреас може да се земе од починат дарител но и од жив дарител ама само дел од панкреасот. Не е можна целосно пресадување на панкреас од жив дарител, бидејќи панкреасот е потребен за процесот на варење. Во моментов пресадувањето на панкреасот се изведува кај лица со дијабетес и многу тешки компликации.

Пресадување на лице[уреди | уреди извор]

Пресадувањето на лице е сѐ уште во експериментална фаза. Во прилог на кожата, пресадувањето оптимално ги вклучува и коските заедно со мускулите, кожата, крвните садови и нервите.

Главни ткива и клетки[уреди | уреди извор]

Пресадување на рожницата[уреди | уреди извор]

Пресадувањето на рожницата е хируршка постапка, каде што се заменува оштетената рожница со нова донирана рожница од починат дарител кој немал никакви пореметувања и заболувања кои можат да влијаат врз одржливоста на рожницата. Рожницата е проѕирниот дел на окото пред ирисот и зеницата. Хируршката операција се изведува од страна на офтамолози, лекари кои се специјализирани за болести на очите и се врши најчесто во амбуланти (по што пациентот си оди дома веднаш по операцијата).

Пресадување на кожа[уреди | уреди извор]

Британскиот војник Валтер Иео се претпоставува дека е првиот на кој му е извршена пластична операција а операцијата е изведена од Сер Харолд Жил во 1917 година. Пресадувањето на кожата често се користи за лекување на:

  • На големи повреди или трауми на кожата
  • При инфекции кога настанува голема загуба на кожата
  • Специфични операции кои можат да бараат да се пресади кожа за исцелување на раните.

Хируршко отстранување (засечување) на оштетената кожа е проследено со пресадување на кожа. Калемењето или пресадување служи за две цели: може да го намали времето за третман кое е потребно (и времето на лежење во болница), а може исто така што ја подобри функцијата и изгледот на површината од телото каде се пресадува кожата.

Историјата на првите успешни пресадувања[уреди | уреди извор]

  • 1954 - пресадување на бубрег на д-р Џозеф Мари (Бостон)
  • 1966 - пресадување на панкреас на д-р Ричард Лилихај и д-р Вилијам Кели (Минесота)
  • 1967 - пресадување на црн дроб на д-р Томас Старц (Питсбург)
  • 1967 - пресадување на срце на д-р Кристијан Бернард (Јужна Африка)
  • 1981 - пресадување на срце со крвни садови на д-р Брус Реиц (Стенфорд)
  • 1983 - пресадување на белодробно крило на д-р Џоел Купер (Торонто)[2]
  • 1986 - пресадување на бели дробови на д-р Џоел Купер (Торонто)
  • 1987 - пресадување на лапароскопска невректомија (хирушко отстранување на бубрег) од жив дарител на д-р Лојд Радер и д-р Луис Кавоуси (Балтимор)
  • 1998 - пресадување на дел од панкреас од жив дарител на д-р Дејвид Сатерленд (Минесота)
  • 1998 - пресадување на рака (Франција)
  • 2005 - пресадување на дел од лице (Франција)[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Учебник по Биологија за VIII одделение за основно осумгодишно образование - Скопје, 2010
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 2,9 Најпознатите пронајдоци на светот (илустрирана детска енциклопедија) – Скопје, Феникс,2006.