Петар Здравковски
Петар Здравковски - Пенко | ||
Роден | 4 ноември 1912 Прилеп, Македонија | |
---|---|---|
Починал | 26 јули 1967 Бејрут, Либан болест | |
Националност | Македонец | |
Занимање | просветител, државник, дипломат |
Петар Здравковски – Пенко (Прилеп, 4 ноември 1912 – Бејрут, Либан, 26 јули 1967) — македонски комунист, учесник во НОВ[1] и дипломат.
Животопис
[уреди | уреди извор]Петар Здравковски – Пенко е роден на 4 ноември 1912 година во Прилеп, каде завршил основно образование. Во учебната 1931/32 година завршил Учителска школа во Белград, каде се запознал со напредното работничко движење. Еден период работел како учител во селото Грнчари, Ресенско, како и во други соседни села.
Стапил во редовите на КПЈ, а по окупацијата во 1941 година, учествувал во подготовките за вооруженото востание во Прилеп. Кон крајот на 1942 година, станал член на Месниот комитет на КПЈ за Прилеп, задолжен за агитација и пропаганда. Бил затворен и по долго иследување, интерниран во Бугарија. Во пролетта 1943 година, се вратил во Македонија, а веќе во есента 1943 година бил во редовите на вооружените единици на НОВ во Дебрца, каде извршувал редица одговорни функции.
По Втората светска војна, Петар Здравковски – Пенко се наоѓал на разни раководни функции.
Го владеел францускиот јазик, а се служел со англискиот, рускиот и турскиот јазик. Дипломатската кариера ја започнал како ополномоштен министер (ранг на амбасадор) во дипломатската мисија на поранешна Југославија во Хелсинки, Финска (1950-1953). Бил началник на Одделението на Сојузниот секретаријат за надворешни работи во Белград (1953-1954) и генерален конзул на поранешна Југославија во Марсеј, Франција (1954-1957). Во 1965 година е поставен за амбасадор во Бејрут, Либан каде и починал во 1967 година.
За својата општествена работа бил одликуван со повеќе национални и меѓународни одликувања и признанија. Носител е на Партизанска споменица 1941 - 1946, Орден на братството и единството - 1947, Орден на заслуги за народот II - 1947, Орден за храброст - 1950, Големиот крст на орденот на лавот на Финска (Grand Cross of the Order of the Lion of Finland) - 1952, Орден на Републиката (сребрен венец) - 1961, Легија на честа на Франција - офицер (Légion d’honneur - officier) 7 мај 1956, Националниот ред на кедарот на Либан (Le grand cordon d’ordre des cèdres) - 1967.
Во Општина Бутел во Скопје едно од основните училишта го носи неговото име.
Во Прилеп една улица е именувана Пенко Здравкоски.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Крсто Здравковски: „Да не се заборави“, Архив на Скопје, 1982 г., стр. 153
- ↑ „Google Maps“. Посетено на 16.12.2023. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=
(help)
- ↑ Додевски, Сашо (2009). 65 години Министерство за образование и наука на Република Македонија 1944-2009. Скопје: Просветно дело. стр. 124. ISBN 978-9989-0-0750-7.