Онеири (митологија)
Онеирите (Ὄνειροι) се демони на сништата во старогрчката митологија,.
Онеирите можеле да имаат различен облик, а кај луѓето доаѓале како мало ветре кое минувало низ клучалките. Нивната задача била заспаните да ги поведат по вистинскиот пат, или, пак, да ги залажат. Онеирите се повеќе и се замислувани како демони или духови со темни крилја. Се појавувале како јато птици или лилјаци, доаѓајќи ноќе од своите пештери од Ереб, земјата на вечната темнина, зад изгрејсонцето, односно крај Океан, близу до земјата на мртвите. Виселе под листовите на дрвјата или по ѕидовите на пештерите. Кога доаѓале кај луѓето, проаѓале низ две порти. Едната била направена од рогови и од таму се носеле пророчки соништа кои ги праќале боговите и стигале по полноќ, а другата била направена од слонова коска и од таму пристигнувале лажните соништа кои стигнувале пред полноќ.[1][2]
Во почетокот Онеирите биле персонификација без божествена моќ. Подоцна, во хеленско-римското време, тие стануваат придружници на Хермес, а во доцната антика стануваат самостојни божества.[1]
Според Хесиод, кога титанот Крон го кастрирал својот татко Уран и му ја презел власта, Никта многу се разлутила и од бес ги родила, по пат на партеногенеза Онеирите, и нивните браќа и сестри: Мом (вината, критиката), Морос (судбината, проклетството), Танат (смртта), Хипнос (сонот), Харон, Хесперидите (вечерите), Керите (насилнaта смрт), Мојрите (судбината), Немезида (одмаздата), Апата (измамата), Филота (дружењето, нежноста), Герас (староста) и Ерида (караницата, раздорот).[3] Цицерон ја следи оваа традиција, но според него татко на овие деца е Ереб (темнината).[4]
Римскиот поет Овидиј ги претставува не како браќа на Хипнос, туку како еден од неговите илјада синови.[5]
Во Илјадата на Хомер, Онеирите се споменуваат како повикани од Зевс да одат кај Ахајците, односно да влезат во шаторот на Агамемнон и да го поттикнат да војува.[6]
Во еден дел од Одисејата се зборува за земјата на соништата, на работ од Океанот, која се граничи со преминот на мртвите во подземниот свет (Ад).[7]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Цермановиќ-Кузмановиќ, А. & Драгослав Срејовиќ, 1992, Лексикон на религии и митови, Современа администрација, Белград.
- ↑ -{theoi.com: Oneiroi}-, Посетено на 17. 4. 2013.
- ↑ Theogony, 211–225
- ↑ De natura deorum, 3,17
- ↑ Метаморфози, XI, 633-649
- ↑ Илијада, II, 1-35
- ↑ Одисеја, XXIV, 11-14[мртва врска]