Мом (митологија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мом со маска во раката, слика на таванот на театарот во Нант

Мом (грчки: Μῶμος) — божество на острата критика, обвинувањето, потсмевот, презирот, жалбата и цензурата во старогрчката митологија. Тој е персонификација на сатирата, исмејувањето, бог на писателите и поетите, зол дух на обвинувањето и нефер критиките. Во класичната уметност е претставен како ја крева маската од своето лице. Негова спротивност била Ефимија.

Потекло[уреди | уреди извор]

Според Платон, Мом е бог на прекорот и критиката кој на секој бог му замерува за нешто. Бидејќи немал што да ѝ забележи на Афродита, тој се распукал од мака.[1] Според Хесиод, Мом е син на Никта (Ноќта). Кога титанот Крон го кастрирал својот татко Уран, и му ја презел власта, Никта многу се разлутила и од бес ги родила, по пат на партеногенеза: Мом (вината, критиката), Морос (судбината, проклетството), Танат (смртта), Хипнос (сонот), Харон, Онеирите (сништата), Хесперидите (вечерите), Керите (насилнaта смрт), Мојрите (судбината), Немезида (одмаздата), Апата (измамата), Филота (дружењето, нежноста), Герас (староста) и Ерида (караницата, раздорот).

Според Цицерон, пак, негова мајка е Никта, но татко му е Ереб.[2]

Во преданијата[уреди | уреди извор]

Во постарите преданија Мом бил мудриот советник на Зевс. Имено, кога Геја се пожалила дека луѓето премногу се намножиле на Земјата и дека ѝ претставуваат голем товар, Зевс одлучил да ја растовари па ја предизвикал Тебанската војна. Но, во таа војна не загинале многу луѓе, па Зевс ги убивал со громови и поплави. Мом го посоветувал, наместо тоа, да ја омажи Тетија за еден смртник, а и самиот со некоја смртничка да роди ќерка. На тој начин се родени Ахил и убавата Елена, централните личности во Тројанската војна.[3]

Во подоцнежните преданија, Мом е замислуван како злобно суштество со крилја, со долги и остри заби што им се потсмева на сите. Тој му се потсмевал на Прометеј зашто на луѓето не им оставил отвор за да им се гледа срцето.[3] Макар што, според Луцијан, Мом го цензурирал Хефест додека го правел човекот, спречувајќи го да остави мал отвор на градите, за да не можат луѓето да проникнуваат во туѓите мисли.[4] Мом му се потсмевал дури и на Зевс зашто на бикот не му ги ставил роговите пред или под очите. Според Филострат[4], на Афродита не можел да ѝ најде замерка, па ги исмевал нејзините обувки. Заради таквото однесување, го протерале од Олимп.[3]

Според една верзија на митот, која ја пренесува Езоп, Зевс, Посејдон и Атина се расправале кој од нив може да му направи повеќе добрини на човештвото; Зевс го направил човекот, Атина куќата кајшто ќе живее, а Посејдон бикот. Мом, кој тогаш живеел меѓу боговите, бил повикан да пресуди. Но, тој не сакал никого од овие тројца и сите ги искритикувал. Бикот заради роговите, човекот заради срцето, а куќата, зашто немала железни тркала, па сопственикот да ја преместува каде што ќе посака.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Beleške“, во: Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 114.
  2. Мом
  3. 3,0 3,1 3,2 Цермановиќ-Кузмановиќ, А. & Драгослав Срејовиќ, 1992, Лексикон на религии и митови, Современа администрација, Белград.
  4. 4,0 4,1 Индекс на грчки митови - Мом Архивирано на 25 септември 2010 г.,

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Мом на Теои проектот