Мустафа Решид Бушатлија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Мустафа Паша Бушатлија
РоденСкадар (денешна Албанија)
Починал27 мај 1860
Медина

Мустафа Решид Бушатлија, познат како Мустафа Решид Паша и Мустафа Паша Бушатлија, бил албански феудалец, последниот скадарски паша од фамилијата Бушати.

Мустафа ги помагал силите на Хусрид Паша, кои го задушиле Првото српско востание на Караѓорѓе Петровиќ во 1813. Мустафа Паша, исто така ги подржувал албанските сили во Грција по одметнувањето на Али Паша Јанински. Мустафа Паша ја продолжил политиката на својот претходник Ибрахим Паша Бушатлија, односно сорботката со султанот и Високата порта. Меѓутоа се спротиставил на централната власт откако Махмуд II започнал со своите реформи. Албанските феудалци кој биле против реформите на Махмуд II се обединиле околу Мустафа Паша, а тој нашол свој сојузници и во други области на Османлиската империја, во прв ред босанската олигархија на чело со Хасан Капетан Градашчевиќ и крупните македонски феудалци: Џеладин Бег од Охрид, Абдурахман Паша од Тетово, Хавзи Паша од Скопје и др.

Мустафа Паша и неговите приврзаници се стремеле да го сочуваат стариот ред во своите области и биле серизна пречка за реформите. Махмуд II увидел дека крупните феудалци ќе настапат против реформите и го испратил големиот везир Мустафа Решид Паша во Битола, за да се обиде по мирен пат и преку преговори, Мустафа Паша Бушатлија да дозволи спроведување на реформите во Скадарскиот пашалук. За да го придобијат, на Мустафа Паша Бушатлија му биле доверени повеќе пашалуци во Албанија и два во Македонија: Дебарскиот и Охридскиот [1]. Меѓутоа, Мустафа Паша Бушатлија одбил да дозволи распоредување на регуларните султанови сили во скадарскиот гарнизон. По овој чин, големиот везир Мустафа Решид ги поканил албанските првенци од областите на скадарскиот паша во Битола и ги ликвидирал. Со овој акт, започнала борба помеѓу централната власт и албанските феудалци предводени од Мустафа Решид Бушатлија.

Во 1830 година, Мустафа Паша Бушатлија со голем број на воружени Албанци навлегол во Македонија и го освоил нејзиниот северен и централен дел. Преку планината Бабуна, Мустафа Паша со своите сили се симанла во прилепското поле со намера да ја освои Битола, седиштето на Румелискиот ејалет. Меѓутоа, во неколку битки кај Прилеп и планината Бабуна, во април и мај 1831 година, силите на Мустафа Паша Бушатлија биле поразен. Мустафа Паша се засолнил во Скадар, но бил принуден да му се предаде на султанот.

Во текот на борбите тешко настрадало македонксото население. Војската на Мустафа Паша Бушатлија го ограбиле Прилеп и околните места, а настрадале и селата на Скопска Црна Гора. Биле ограбени кичевскиот манастир Пречиста и Марковиот Манастир, а во Скопје биле извршени насилства врз жените [1]. Некои од селата во Скопска Црна Гора биле принудени да преминат во ислам [1].

По поразот, Мустафа Паша Бушатлија бил остранет од Скадарскиот пашалук и бил испратен за управник на Мека и Медина каде што владеел се до 1860 година.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година