Мистеријата на убиството на Менхетен

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Мистеријата на убиството на Менхетен (англиски: Manhattan Murder Mystery) е американски филм од 1993 година, во режија на Вуди Ален (Woody Allen), кој е автор и на сценариото, заедно со Маршал Брукмен (Marshall Brickman). Главните улоги ги толкуваат: Вуди Ален, Дајан Китон (Diane Keaton), Џери Адлер (Jerry Adler), Алан Алда (Alan Alda), Анџелика Хјустон (Anjelica Huston) и Мелани Норис (Melanie Norris). Филмот бил снимен во продукција на TriStar Pictures. Филмот трае 104 минути и снимен е во колор техника. Филмот бил премиерно прикажан на 18 август 1993 година, а на фестивалите не освоил ниту една награда, иако имал четири номинации, меѓу кои и за „Златен глобус“ (Дајан Китон во категоријата за најдобра актерка).[1] [2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Лари (го игра Вуди Ален) и Керол Липтон (ја игра Дајан Китон) се средовечен брачен пар што живее безгрижен и здодевен живот на Менхетен, во Њујорк. Еден ден, враќајќи се дома, тие гледаат како болничката кола го изнесува телото на нивната соседка, која ненадејно починала од срцев удар. Бидејќи сосетката воопшто не се жалела на проблеми со срцето и поради тоа што нејзиниот маж не делува натажен по смртта на жена си, Керол започнува да се сомнева дека соседот Пол Хаус (го игра Џери Адлер) ја убил својата жена. Затоа, таа одлучува да започне сопствена детективска истрага, а во тоа ја поддржува пријателот на нејзиниот маж, Тед (го игра Алан Алда), кој потајно се вљубен во неа.

Во станот на соседот, Керол наоѓа урна со пепел, иако Пол кажува дека својата жена ја закопал на гробиштата. Утредента, таа го гледа Пол како доцна во ноќта излегува надвор, а потоа открива дека урната исчезнала од неговиот дом. Дополнителната истрага покажува дека Пол одржува врска со една манекенка. За време на нејзината истрага, Лари ја обвинува жена си дека си замислува и дека има психички проблеми. Истовремено, Керол и Тед се зближуваат додека заедно ја водат истрагата, иако Лари се обидува да го зближи Тед со писателката Марсија Фокс (ја игра Анџелика Хјустон).

Еден ден, Керол ја здогледува жената на Пол, жива и здрава, така што се појавува прашањето: чие е телото на умрената жена? Таа успева да го наговори Лари и ја следат жената до хотелот во кој престојува, но кога влегуваат во нејзината соба, ја наоѓаат мртва. Набрзина, тие истрчуваат надвор и повикуваат полиција, а кога се враќаат во хотелската соба, телото го нема! Поради тоа, полицијата не верува во нивната приказна. Лари и Керол се упорни и пак се враќаат во хотелот и во лифтот го наоѓаат мртвото тело на сопругата на Пол, кој го зема телото и го носи во фабрика за уништување отпад.

Така, Лари и Керол утврдуваат дека Пол е навистина убиец, но повторно останува мистеријата околу тоа која е првата убиена жена. Истовремено, бидејќи немаат никаков доказ, тие не можат да го обвинат Пол за убиствата. Тогаш, писателката Марсија измислува план, предлагајќи им да му се јават на Пол и да го уценуваат, лажејќи дека го поседуваат телото на неговата жена, а за возврат да бараат голема сума пари. За таа цел, тие прават лажна аудиција на која ја повикуваат љубовницата на Пол, манекенката Хелен Мос (ја игра Мелани Норис) и го снимаат нејзиниот глас, а потоа се јавуваат кај Пол за да изгледа дека се јавува таа. Замката успева и Пол е исплашен, но тој ја заробува Керол. Лари се среќава со Пол со цел да му го предаде телото во замена на парите, но Лари е збунет и Пол ја открива лагата. Потоа, Лари бега во кино-салата чиј сопственик е Пол. Во мигот кога Пол сака да го убие Лари, се појавува неговата помошничка, која го убива него, а Лари ја ослободува Керол.

Така, на крајот, Лари и Керол ја победуваат здодевноста во брачниот живот и се зближуваат уште повеќе, а Тед стапува во врска со Марсија. Истовремено, мистеријата на убиството е разрешена: сопругата на Пол имала богата роднина во Британија, која ја повикуваат на посета и ја убиваат за да го добијат нејзиното наследство. Меѓутоа, Пол ја убива својата жена за да ги земе парите и да ужива со својата љубовница. Помошничката на Пол е вљубена во него со години, а кога открива дека тој одржува врска со манекенката, решава да го убие.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]