Лисја од трева

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Лисја од трева (англиски: Leaves of Grass) - збирка поезија на американскиот поет Волт Витман.

Историјат на книгата[уреди | уреди извор]

За прв пат, збирката била отпечатена во 1855 година, во Бруклин, Њујорк. На насловната страница се наоѓала слика на Витман, во отпечаток на дагеротипија, облечен во работна облека, со накривена шапка, држејќи ја едната рака на половината, а другата во џебот од панталоните. Никаде на книгата не се споменати имињата на авторот и називот на издавачот, но внатре, во една од песните се сретнува името на Витман. Книгата содржела предговор и 12 песни без наслов. Во предговорот, Витман се залага за создавање независна, самосвесна американска поезија и, следејќи го Ралф Волдо Емерсон, зборува за Америка како за најголема песна, како нација на многу нации, чија најголема вредност се обичните луѓе.[1]
Книгата била отпечатена во тираж од околу 800 примероци, а печатењето го финансирал самиот автор, кој потоа бесплатно ги поделил примероците од книгата. Еден примерок му испратил на Емерсон, кој му напишал писмо полно со воодушевување, поздравувајќи го непознатиот поет „на почетокот од една голема кариера“. Потоа, без знаење на Емерсон, Витман го објавил ова писмо, а истовремено самиот си напишал неколку анонимни критики кои го свртеле вниманието на јавноста кон збирката. Во 1856 година се појавило второто издание на забирката, кое било збогатено со нови 20 песни и кое, наместо предговорот, го содржело писмото на Емерсон. Третото издание било објавено во 1860 година и содржело уште 86 нови песни. Потоа, во новите изданија, Витман постојано ја менувал збирката, отфрлајќи или менувајќи некои стихови и песни и додавајќи нови. За време на животот на Витман биле објавени вкупно девет изданија, при што последното издание од 1891-1892 година содржело речиси 400 песни.[2]
На тој начин, од првото издание со околу 90 страници, на крајот збирката достигнала повеќе од 450 страници. Инаку, во предговорот на збирката од 1876 година, Витман опишал што го поттикнало да ја создаде збирката: „Размислував за Раѓањето и животот, завиткувајќи ги своите идеи во сликите, деновите, потфатите на моето време, за да им дадам одредено место, идентитет - исполнувајќи ги со силата на гордоста и срдечноста на слободата, која е неопходна за духот на сè уште неродената Америка да се ослободи од наслагите, празноверието и сите долготрајни, тврдокорни и задушливи антидемократски авторитети од минатото на Азија и Европа - при што главната цел ми беше, откажувајќи се од секакво вештачко внесување ред и без помош на вештачки средства, да го искажам вечното Телесно Обележје на Човековото Јас.“[3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Централно место во збирката „Лисја од трева“ зазема поемата „Песна за мене“ (Song of Myself), која истовремено е најдолгата творба. Таа се состои од 52 песни, кои имаат посебен облик, содржина и тон и, во основа, може да се читаат независно одна од друга, иако низ сите се провлекува една заедничка тема.[4]
„Песна за мене“ го опишува духовното патување на авторот кој во неа пишува во прво лице, но исто така, се споменуваат и неговото име и презиме. Таа почива на мистичното сознание на светот - искуство коешто не е исклучително рационално и не запира на „границата на бесконечноста“, туку поминува низ појавното, нуркајќи во духовната реалност. Притоа, Витман истакнува дека, во себеси, тој содржи сè, како најлошото и најниското, така и највозвишеното. Оттука, противречностите претставуваат спротивности, но не се исклучуваат меѓу себе, туку постојат истовремено.[5]
Покрај „Песна за мене“, збирката содржи и поголем број кратки песни, па дури и некои многу кратки, кои се состојат од два-три стиха, но сепак ја содржат истата тема присутна во големиот еп. Од друга страна, во збирката се сместени и неколку елегии, како „Од лулката што се ниша бесконечно“ (Out of the Cradle Endlessly Rocking) и „Кога во дворот цутеше јоргованот за последен пат“ (When Lilacs Last in the Dooryard Bloom’d), во кои тој се претставува како „поет на смртта“ и кои го претставуваат врвниот поетски домет на Витман. Најпосле, во книгата има и повеќе песни кои се со послаб квалитет, што е сосема разбирливо имајќи ги предвид обемот на збирката, но и сфаќањето на Витман за поезијата како одраз на секојдневниот живот.[6]

Критички осврт[уреди | уреди извор]

Кога се појавила збирката „Лисја од трева“, американските книжевни критичари биле згрозени од неа и се натпреварувале кој повеќе ќе го навреди нејзиниот автор, кој се осмелил да фрла кал на „убавото“, да го соблече човекот до гола кожа, да го наоѓа човекот дури и во порокот и човечкото начело да го стави пред Бога. Притоа, критичарите го нарекувале „неупатен во книжевноста како што крмакот е неупатен во математиката“, барајќи авторот јавно да се жигоса и да му се одземе перото, а од главата да му се извадат развратните сфаќања. Во таа хистерија, единствено Емерсон се искажал пофално за поезијата на Витман, пишувајќи дека „Лисја од трева“ содржи „ненадминливи нешта искажани ненадминливо добро“. Всушност, поезијата на Витман најпрвин добила признание во Англија, каде што Свинберн, Тенисон и некои други поети укажале на нејзиниот квалитет, а дури потоа Витман бил прифатен во САД.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Dragan Purešić, „Predgovor“, во: Volt Vitman, Izabrana poezija, Beograd: Plato books, 2008, стр. 11.
  2. Dragan Purešić, „Predgovor“, во: Volt Vitman, Izabrana poezija, Beograd: Plato books, 2008, стр. 12.
  3. Tihomir Vučković, „Volt Vitmen“, во: Volt Vitmen, Vlati Trave, Beograd: Rad, 1969, стр. 108.
  4. Dragan Purešić, „Predgovor“, во: Volt Vitman, Izabrana poezija, Beograd: Plato books, 2008, стр. 12.
  5. Dragan Purešić, „Predgovor“, во: Volt Vitman, Izabrana poezija, Beograd: Plato books, 2008, стр. 13.
  6. Dragan Purešić, „Predgovor“, во: Volt Vitman, Izabrana poezija, Beograd: Plato books, 2008, стр. 14.
  7. Tihomir Vučković, „Volt Vitmen“, во: Volt Vitmen, Vlati Trave, Beograd: Rad, 1969, стр. 107.