Кучевидни

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кучевидни
Период: Палеоцен - денес
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Ѕверови
Подред: Кучевидни
Kretzoi, 1943
Семејства

 Amphicyonidae
 Canidae
 Hemicyonidae
 Ursidae
 Ailuridae
 Enaliarctidae
 Odobenidae
 Otariidae
 Phocidae
 Mephitidae
 Mustelidae
 Procyonidae

Кучевидните (лат. Caniformia или Canoidea) се ѕверови (месојадци) кои образуваат подред во рамките на редот на ѕверови. Тие поседуваат долга нуска и неповлечни канџи (за разлика од мачковидните ѕверови - Feliformia). Перконогите (Pinnipedia: фоки, морски лавови, моржови) еволуирале од кучевидни предци и затоа се сврзуваат во оваа група. Повеќето од претставниците на оваа група имаат неповлечни канџи (само прстеноопашестата мачка има полуповлечни канџи[1]) кои обично се плантиградни (со исклучок на фам. Canidae). Друга особина која ги одделува од мачковините ѕверови е тоа што тие поседуваат повеќе заби. Имаат подолг рострум со помалку специјализирани ѕверски заби (карназијали). Тие се сештојади или се хранат со храна која случајно ја наоѓаат, додека мачковидните ѕверови се поспецијализирани за јадење на месо. Кучевидните ѕверови имаат еднокоморни или делумно поделени слушни були, составени од една коска, додека кај мачковидните, слушните були се двокоморни, составени од две коски и споени со септа.

Современи семејства[уреди | уреди извор]

Овој подред се состои од дванаесет семејства, девет современи и три изумрени. Порано и семејството на хиените (Hyaenidae) било вклучено овде, но денес таа се групира во подредот на мачковидните ѕверови. Копнените кучевидни ѕверови во дивината можат да се најдат на секој континент, со исклучок на Антарктик, додека перконогите се распространети во светските океани.

Семејството на кучињата (Canidae) ги вбројува во себе волците, кучињата, лисиците и други животни. Тие се најсоцијални од сите кучевидни ѕверови, при што живеат во пактови. Кучето е најразновидно од сите останати цицачи по својата телесна градба. Семејството на кучињата е поделено на „вистински кучиња“ од племето Canini и „лисици“ од племето Vulpini. Двата вида од базалните Caninae се попримитивни и не се вклопуваат во овие две племиња.

Семејството на мечките (Ursidae) ги вклучува најголемите копнени кучевидни ѕверови, и тоа од големата бела мечка до малата малајска мечка, како и од загрозената џиновска панда до многу познатата црна мечка. Заеднички особини на современите мечки се големото тело со дебели нозе, долга нуска, бушаво крзно, плантиградни шепи со пет неповлечни канџи и кратката опашка. Додека белата мечка е најмногу месојадна и џиновската панда се исхранува речиси целосно со бамбус, останатите шест видови се сештојадни.

Семејството на малата панда (Ailuridae) порано се сметала за дел од Procyonidae или Ursidae. Денес образува свое семејство. Малата панда може да се најде на Хималаите, и тоа во јужна Кина, Непал, Бутан, Индија и Пакистан. Фосилните видови од ова семејство живееле и во Северна Америка[2].

Семејството на творовите (Mephitidae), која еднаш се сметала за дел од Mustelidae, денес е посебна група. Постојат 11 видови на творови кои се поделени во четири родови: Mephitis (капест и ресичест твор, два вида), Spilogale (дамчести творови, два вида), Mydaus (два вида) и Conepatus (свињоноси творови, пет вида). Двата вида на творови во родот Mydaus ја населуваат Индонезија и Филипините, а сите останати творови ја населуваат Америка, од Канада до централна Јужна Америка.

Семејството на куните и видрите (Mustelidae) е најразновидна група во овој подред. Иако се многу разновидни по својата форма, големина и однесување, повеќето мустелиди се помали животни со кратки нозе, кратки заоблени уши и густо крзно. Мустелидите се месојадни. Иако не сите мустелиди споделуваат идентично забало, сите тие поседуваат заби адаптирани за јадење месо, меѓу кои и рассечувачките ѕверски заби (карназијали).

Семејството на ракуните (Procyonidae) опфаќа помали животни, најчесто со витки тела и долги опашки. Освен кинкаџу, сите проциониди имаат лентести опашки и посебни фацијални обележја и, како и мечките, се плантиградни, движејќи се со целосно прикрепување на стапалата за подлогата. Повеќето видови имаат неповлечни канџи. Се претпоставува дека раните проциониди биле гранка која се одделила од канидите и се прилагодила за посештојаден начин на исхрана.

Групата на перконогите (Pinnipedia) ги вклучува во себе фоките, морските лавови и моржовите. Тоа е широко распространета и разновидна група од полуакватични морски цицачи кои потекнале од заеднички предок најблизок до современите мечки. Групата обединува три семејства:

  • Phocidae (вистински фоки или безушни фоки) обединува околу 19 видови силно адаптирани на воден начин на живот со буревидни тела чија тежина и должина се движат од 45 кг и 1,2 m (прстенеста фока) до 2400 кг и 5 m (јужна слоновска фока). Фоцидите можат да се најдат во сите светски океани.
  • Otariidae: (ушести фоки, морски лавови и крзнени фоки) опфаќа претставници кои се распространети во сите светски океани, со исклучок на Северниот Атлантик. 16 вида на отарииди се разликуваат од фоцидите по видливите надворешни уши (пини, pinnae), покучеликите лица и можноста да ги насочат нивните задни перки нанапред.
  • Odobenidae: (моржот е единствениот преживеан член). Тоа е голем (до 2000 кг), посебен перконог со долги рогови и мустаќки. Има дисконтинуирано околуполарно распространување во Северноледениот Океан и субарктичкие мориња од северната полутопка. Тој е главно бентосен собирач на школки и други морски без‘рбетници.

Еволуција[уреди | уреди извор]

Miacis sp.
Puijila darwini, најраниот пронајден фосил на перконог. Ова животно имало големи нозе, што укажува на исправено движење на копно, и зарамнети фаланги на прстите, што укажува на тоа дека тие веројатно биле во фаза на претворба во перки.

Кучевидните ѕверови најпрво се јавиле во вид на дрвоискачувачки, куновидни месојади во палеоценот (пред 65-55 милиони години). Miacis веројатно бил ран кучевиден ѕвер. Како и многу други рани ѕверови, тој бил добро прилагоден на животен стил од типот на арбореално искачување со остри како игла канџи и поседувал екстремитети и зглобови кои се слични на современите ѕверови. Миацисот најверојатно бил многу подвижен шумски жител кој ловел помали животни, како на пример мали цицачи, влекачи и птици, а можеби јадел и јајца и плодови, што го правело сештојад.

Скорешните молекуларни докази укажуваат на тоа дека перконогите еволуирале од мечковиден предок пред околу 23 милиони години, за време на доцниот олигоцен или раниот миоцен, транзициски период меѓу потоплиот палеоген и поладниот неоген.[3]

Филогенетско дрво[уреди | уреди извор]

   Caniformia   

Amphicyonidae



Canidae


   Arctoidea   
   Ursoidea   

Hemicyonidae



Ursidae




Pinnipedia

Enaliarctidae



   

Phocidae



   

Otariidae



Odobenidae





   Musteloidea   
   

Ailuridae



   

Mephitidae



   

Procyonidae



Mustelidae








Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://animaldiversity.ummz.umich.edu/site/accounts/information/Bassariscus_astutus.html
  2. „Two new carnivores from an unusual late Tertiary forest biota in eastern North America“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2007-09-30. Посетено на 2007-02-27.
  3. John J. Flynn; и др. (2005). „Molecular Phylogeny of the Carnivora“. Systematic Biology. 54 (2): 317–337. doi:10.1080/10635150590923326. PMID 16012099.