Иван Котев (фолклорист)
Иван Котев (14 јули 1939 во с. Робово (Струмичко)) — македонски фолклорист и просветен деец.
Животопис
[уреди | уреди извор]Иван Котев е роден во 1939 година во струмичкото село Робово, тогаш во Кралство Југославија.[1] Четиригодишно основно образование завршува во родното село, а осумгодишно во соседното село Муртино.[2] Средно образование завршува на Школата за народни учители во Штип, каде што учи од 1954 до 1959 година, притоа во последната учебна година стажира во училиштето во кочанското село Облешево. По матурирањето се вработува во училиштето во струмичкото село Иловица, каде што работи до 1964 година, првично како одделенски учител, а подоцна како наставник по историја, географија и други предмети.[3] Од 1964 до 1966 година е редовен студент на додипломските студии по македонски со српскохрватски јазик на Педагошката академија во Штип.[4] По дипломирањето работи како наставник по македонски јазик во училиштето во струмичкото село Босилово. Од 1972 година работи како наставник по македонски јазик во училиштето во струмичкото село Дабиље, каде што останува до крајот на работниот век.[5] Од 1974 до 1999 година, 25 години, е директор на ова училиште. Го надоградува своето високо образование на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што од 1978 до 1980 година е вонреден студент на додипломските студии по историја на книжевноста на југословенските народи со македонски јазик.[6]
Котев започнува да се занимава со собирање на фолклорен материјал откако во 1969 година Иван Глигоров, родум струмичанец, тогаш професор на Педагошката академија во Штип, го запознава со иницијативата на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, предводен од Блаже Ристовски, за формирање и развивање мрежа на надворешни соработници на институтот, собирачи на фолклорен материјал.[7] Насочен од Глигоров, Котев се среќава со Ристовски и по неговите инструкции започнува да работи. Во тоа време неговите браќа кои биле на привремена работа во Западна Германија, оттаму му купиле и донеле магнетофон „Грундиг“. На 13 јануари 1970 година, ден пред Стара нова година, Сурва, Котев ги прави своите први аудио записи на фолклорен материјал, снимајќи го информаторот Тодор Митев Донев во Босилово, каде што тогаш е учител.[8]
Освен собирач на фолклорен материјал, Котев како фолклорист е и толкувач на истиот. Поттикнат во тоа од фолклористите Ѓорѓи Ѓоргиев и Михајло Димовски, во 1972 година учествува на конгрес на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија, одржан во Крушево. Неговиот прв фолклористички труд, претставен на овој конгрес, е на тема „Сурварските обичаи од неколку струмички села“.[9]
Котев има публикувано петнаесеттина книги. Неговата прва книга, во која се јавува како коавтор, е „Учителски искри“ (1976), монографија за првите учители во Струмица по Втората светска војна. Првата книга на тема од фолклорот „Черешница род родила“ ја објавува во 1984 година.[10]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Витанова-Рингачева, Ана (2023). Иван Котев. Меѓу фолклорот и животот. Струмица. стр. 14. ISBN 978-608-245-958-5.
- ↑ Витанова-Рингачева, Ана (2023). Иван Котев. Меѓу фолклорот и животот. Струмица. стр. 16. ISBN 978-608-245-958-5.
- ↑ Витанова-Рингачева, Ана (2023). Иван Котев. Меѓу фолклорот и животот. Струмица. стр. 19. ISBN 978-608-245-958-5.
- ↑ Витанова-Рингачева, Ана (2023). Иван Котев. Меѓу фолклорот и животот. Струмица. стр. 20. ISBN 978-608-245-958-5.
- ↑ Витанова-Рингачева, Ана (2023). Иван Котев. Меѓу фолклорот и животот. Струмица. стр. 22. ISBN 978-608-245-958-5.
- ↑ Витанова-Рингачева, Ана (2023). Иван Котев. Меѓу фолклорот и животот. Струмица. стр. 23. ISBN 978-608-245-958-5.
- ↑ Витанова-Рингачева, Ана (2023). Иван Котев. Меѓу фолклорот и животот. Струмица. стр. 41. ISBN 978-608-245-958-5.
- ↑ Витанова-Рингачева, Ана (2023). Иван Котев. Меѓу фолклорот и животот. Струмица. стр. 43. ISBN 978-608-245-958-5.
- ↑ Витанова-Рингачева, Ана (2023). Иван Котев. Меѓу фолклорот и животот. Струмица. стр. 49. ISBN 978-608-245-958-5.
- ↑ Витанова-Рингачева, Ана (2023). Иван Котев. Меѓу фолклорот и животот. Струмица. стр. 50. ISBN 978-608-245-958-5.