Златко Славенски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Златко Славенски
Роден(а)8 август 1966
Скопје,  Социјалистичка Федеративна Република Југославија денес Македонија Македонија
Починал(а)4 август 2019(2019-08-04) (воз. 52 г.)
Скопје, Македонија Македонија
НационалностМакедонец
Занимањепрофесор, режисер и драматург

Златко Славенски (Скопје, 8 август 1966 - Скопје, 8 април 2019) — македонски режисер и драматург и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје по предметот театарска режија.[1]

Биографија[уреди | уреди извор]

Славенски е роден во Скопје во 1966 година. Во родниот град каде завршил основно и средно образование. Во 1986 година се запишал на редовни студии на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Во потрага по задоволување на својата потреба да се занимава со режија, во 1988 година ги прекинал студиите и отишол во Велика Британија, каде во Лондон се запишал на студии по филмска режија на познатата филмска школа London International Film School (LIFS).

Поради стопирање на државната стипендија (во почетната фаза на распадот на СФРЈ), во 1990 година го прекинал студирањето во Лондон и се вратил во Македонија, каде истата година се запишал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за интермедијална режија, во класата на проф. Слободан Унковски и проф. Столе Попов, каде дипломирал во 1994 година. Исто така, паралелно продолжил со прекинатите студии од Општа и компаративна книжевност, каде дипломирал во 1993 година.

Во 1997 година му отпочнала и академската кариера, вработувајќи се на Факултетот за драмски уметности – Скопје како помлад асистент. Во 2016 година бил избран во звање редовен професор. Славенски е режисер на голем број театарски проекти, па сè до денес има реализирано повеќе јавно изведени театарски проекти како што се „Безљубни“, „Сината птица“; „Инфинити“ „Кафкаски круг со креда“, „Соларис“, „Супернова“, „Бесови“, „Визија“, „Времеплов“, „И коњите ги убиваат, зарем не?“, „Побрзи од светлината“, „Спиро Црне“, „Летот на пчела околу една калинка, неколку секунди пред будење“, „Троил и Кресида“, „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, „Амадеус“, „Злосторство и казна“, „Пречистување“, „Време за сонување“, „Казабалкан“, „Будење на пролетта“, „Пер Гинт“, „Собрани дела на Вилијам Шекспир“, „Папокот на светот“ и други.

Во текот на својата кариера има добиено голем број награди: награда за најдобра претстава на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) Војдан Чернодрински за претставата „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, награда на ревијата Екран за најдобра претстава „Амадеус“, награда на весникот Нова Македонија на МТФ Војдан Чернодрински за претставата Будење на пролетта, награда на весникот Нова Македонија за најдобра претстава на Фестивалот Охридско лето, за претставата Пер Гинт и многу други.

Автор е на книгата „0,1 – Краток вовед во бесконечноста“.

На 8 април 2019 година за време на час со студентите му се слошило, по што починал.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]