Прејди на содржината

Заминувам

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Заминувам“ (француски: Je m'en vais) е роман на францускиот писател Жан Ешноз од 1999 година. Македонскиот превод е објавен во 2007 година од издавачката куќа Темплум.

Технички податоци

[уреди | уреди извор]

Романот е објавен како 51. книга на библиотеката „Магма“. Преводот од француски јазик го направила Ружа Димишковска. Книгата е отпечатена во мал формат (18 сантиметри), во мек повез и има 209 страници. Каталогизацијата е извршена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи ознаката ISBN 978-9989-902-99-94 Графичкото уредување и дизајнот на книгата е дело на фирмата „Точка“. На крајот од книгата се наоѓа белешка за авторот и делото, додека на задната корица е даден кус осврт врз делото.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 35 глави.

  • 1-12 глава: На 3 јануари, по една од честите меѓусебни кавги, Феликс Ферер ненадејно ја напушта сопругата Сузан. Тој е поранешен вајар, а сегашен сопственик на уметничка галерија. Шест месеци претходно, тој претрпел лесен инфаркт. По разделбата со сопругата, Ферер ја запознава Виктоар и некое време живее со неа, но еден ден таа ненадејно го напушта. Неговиот соработник, трговецот со антиквитети Делае му кажува за некој брод, полн со стари уметнички предмети на поларните домородни народи, кој своевремено останал заглавен некаде во Арктикот. По неочекуваната смрт на Делае, непознат човек му остава на Ферер плик со информации за положбата на бродот и така тој постепено се заинтересира за товарот. Конечно, во јуни, Ферер заминува за Квебек, оттаму со мразокршач се упатува кон едно мало место во Арктикот, а потоа, во придружба на двајца месни водичи, заминува со санка во потрага по антиквитетите. Со мали попатни тешкотии, Ферер го наоѓа бродот, го зема вредниот товар и се враќа назад.[2]
  • 13-24 глава: Во јуни, додека Ферер се наоѓа на Арктикот, во Париз, еден човек кој се претставува како Баумгартнер го посетува наркоманот наречен Сом и му дава аванс за една работа. Истата вечер, Баумгартнер го напушта Париз и во текот на неколку недели патува низ Франција. На почетокот на јули, Ферер пристига дома и повикува проценител кој потврдува дека донесените антиквитети се скапоцени. Во меѓувреме, по упатството на Баумгартнер, Сомот изнајмува камион-ладилник и истата вечер ги краде предметите од галеријата на Ферер. Набргу, кога Ферер се враќа во галеријата, утврдува дека е жртва на грабеж. Баумгартнер и Сомот го пренесуваат пленот во еден склад, а Баумгартнер го затвора Сомот во ладилникот и го убива така што го остава да замрзне. Во периодот по кражбата, бидејќи продажбата на уметнички дела оди лошо, Ферер запаѓа во долгови и безуспешно се труди да земе кредит. Еден ден, за време на посетата на една банка, нему му се слошува и се онесвестува по што пристига брзата помош која го носи во болница. Кога се освестува, Ферер дознава дека му направиле операција. За време на престојот во болницата, него го посетува Елен, убава девојката која тој не ја познава, туку ја има видено само еднаш при онесвестувањето во банката.[3]
  • 25-35 глава: Елен редовно го посетува Ферер во болницата, иако тој не ја знае причината, ниту пак чувствува нешто кон неа. По три недели, тој ја напушта болницата во придружба на Елен и во следниот период продолжува да се гледа со неа при што во една прилика ѝ раскажува за грабежот. За тоа време, Баумгартнер продолжува бесцелно да талка низ Франција и најпосле забележува дека го следат. И покрај редовните средби со Елен, Ферер се однесува воздржано и по некое време, таа едноставно го напушта. Тогаш, тој дознава дека полицијата го следи осомничениот за кражбата. Баумгартнер, пак, заминува во Шпанија и се сместува во еден хотел во Сан Себастијан. Во октомври, Ферер формално се разведува, а потоа заминува во Сан Себастијан каде случајно го среќава Делае, кој не е мртов, туку се претставува како Баумгартнер. Ферер се спогодува со Делае, кој му кажува каде се скриени антиквитетите. Тогаш, Ферер се враќа во Париз и ги зема уметничките предмети. Во една прилика, случајно ја среќава Елен и тие почнуваат да живеат заедно, таа се вработува во галеријата, продажбата на сликите се зголемува, а тие се подготвуваат да се преселат во нов стан. На 31 декември, Ферер и Елен се подготвуваат да заминат на новогодишна забава, но таа го напушта и заминува кај еден сликар. Така, Ферер повторно останува сам и оди во куќата на поранешната сопруга, но таму дознава дека таму живеат други луѓе. Сепак, тој влегува накратко внатре.[4]

За делото

[уреди | уреди извор]

Осврнувајќи се на романот, Пјер Лепап напишал во весникот „Монд“ дека „Заминувам“ претставува своевидно простување од векот кој е неспособен да дознае каде оди и кој дури заборава да го постави тоа прашање“.[5]

  1. Жан Ешноз, Заминувам. Скопје: Темплум, 2007.
  2. Жан Ешноз, Заминувам. Скопје: Темплум, 2007, стр. 5-70.
  3. Жан Ешноз, Заминувам. Скопје: Темплум, 2007, стр. 70-137.
  4. Жан Ешноз, Заминувам. Скопје: Темплум, 2007, стр. 138-205.
  5. Жан Ешноз, Заминувам. Скопје: Темплум, 2007, стр. 208.