Прејди на содржината

Жаброног рак

Од Википедија — слободната енциклопедија
Жаброног рак -
Triops cancriformis
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Arthropoda
Потколено: Crustacea
Класа: Branchiopoda
Ред: Notostraca
Семејство: Triopsidae
Род: Triops
Вид: T. cancriformis
Научен назив
Triops cancriformis
(Боск, 1801) [1]
распространетост на Жаброног рак - Triops cancriformis

Жаброног рак (лат. Triops cancriformis) е еден вид полноглавест рак што може да се најде во Европа, на Блискиот Исток и во Јапонија.

Овој рак се смета за едeн од најстарите живи видови на планетата чија старост се проценува на околу 500 милиони години. Се работи за своевидна природна појава на најстар животински вид што се појавил 300 милиони години пред диносаурусите. Фосили од овој вид се регистрирани во периодот на доцниот тријас и тие се речиси непроменети во однос на нивниот денешен изглед.[2]

Животен циклус

[уреди | уреди извор]

Жаброногиот рак или Triops cancriformis има многу брз животен циклус и единките достигнуваат полна зрелост за околу две недели откако ќе се изведат. Нивната популација може да биде гонохористична, хермафродитска или андродиетска или полигамна. Последната форма е многу редок репродуктивен режим кај животните, во која популацијата ја сочинуваат хермафродити, со мал процент на мажјаци. Поради таквиот недoстиг од машки единки, во почетокот истражувачите сметале дека жаброногите ракови се партеногенетски.

Присуството на тестисните облици расфрлани меѓу нивните јајчници се само потврда дека тие се всушност хермафродитни. Оплодената женка на хермафродитите снесува диапаузни јајца или цисти, способни да преживеат децении во седиментот на барите и езерата што ги населуваат. Овие јајца се отпорни на суша и на екстремни температури.

Особености

[уреди | уреди извор]

Овие организми се необични по многу нешта. Најпрво, со својот изглед прилично се разликуваат од вообичаената претстава што повеќето луѓе ја имаат за раковите. Горниот дел од телото на некои од овие видови скоро целосно е прекриен со засводена хитинска плоча, што придонесува за нивниот архаичен изглед. Други пак, повеќе наликуваат на мали школки со оглед што телото им се наоѓа помеѓу две школки во вид на капак, а трети пак се со сосема голо и незаштитено тело. На себе имаат невообичаено многу екстремитети во облик на листови, кои освен за движењето имаат улога и во дишењето, па оттаму потекнува и латинскиот назив на целата група - бранхиоподи. Со оглед што на секој екстремитет се наоѓаат и голем број влакненца низ кои се филтрираат хранливите честички од водата, тие екстремитети имаат и значајна улога во исхраната на овие организми. Во затворени услови најчесто достигнуваат должина до 6 сантиметри, а во дивината и до 11 сантиметри.

Една од најголемите научни мистерии за овие живи фосили, што можеби е клучот за нивното преживување на планетата, е способноста да преживеат на многу ниски температури, при долготрајни суши, па дури и пожари. Постојат податоци дека нивните оплодени јајца можат да опстанат во исушена состојба и по 100 години. Научниците кои го испитувале овој феномен, врз основа на мерењата на основните метаболитички активности дошле до заклучок дека овие јајца се практично мртви, односно не поседуваат ниту една одлика што го дефинира животот. Но, многу бргу откако ќе настапат поволни услови (пред сè влажност), овие ракови излегуваат од исушената почва.

Распространетост во Македонија

[уреди | уреди извор]

Еден вид од жаброногите ракови живеат и во Македонија, односно во оризовите полиња во Кочанско. Меѓу месното население се познати како тапаѓози и во водата се појавуваат неколку недели по сеидбата на оризот (крај на април и почеток на мај).

Поради специфичните брзи движења ги откинуваат младите штотуку изникнати оризови ркулци од почвата, по што секое стебленце е неповратно изгубено, односно неговата вегетација е прекината, со што се нанесува ненадоместлива штета во оризопроизводството. За да се намали нивното присуство, земјоделците користат хемиски препарати (со генерички назив малатион или хемиски назив диетил сукцинат), лесно растворливи во вода, со што за кратко време се уништуваат живите единки.

  1. Triops cancriformis. Обединет таксономски информативен систем. (англиски)
  2. Klaus-Peter Kelber - Triops (англиски)