Девојките на Марко (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Девојките на Марко
ISBN9989-32-258-9

„Девојките на Марко“роман за деца и младинци од македонската писателка Оливера Николова од 1987 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Книгата содржи шест глави:[1]

Славе, 13-годишно дете, е помалиот брат на Диме и на Марко кој треба да дојде на еднонедлено отсуство од војската. Славе има направено план за тоа како ќе го помине времето со брат му Марко: првиот ден ќе учи да пука, вториот ден ќе учи да лази по земјата, третиот ден ќе учи да се крие во грмушките, четвртиот ден да се преправа дека е ранет, петтиот ден да поздравува војнички, а шестиот ден ќе учи да се однесува културно кон девојките на Марко. По доаѓањето, Марко го замолува Диме да ѝ каже на Роска. Славе му го соопштува планот на Марко, но тој не се согласува и предлага нов план при што му дава задача да достави едно писмо до Билјана, девојка која работи во самопослугата. Билјана му закажува средба пред киното, но Марко му кажува на Славе дека повеќе не е заинтересиран за Билјана и му дава задача да однесе писмо до Верче. Славе смета дека не е пристојно да се откажат средбите и решава да се сретне со двете девојки. Верче го чита писмото и почнува да плаче, а Славе бега и оди да се сретне со Билјана која ја носи во дуќанот каде што работи мајка му, а потоа во туристичката агенција каде што работи татко му. Откако си заминува Билјана, тој се враќа кај Верче и заедно пливаат во базенот. Во среда, третиот ден од посетата на Марко, тој го испраќа Славе да ја посети Јагода во слаткарницата „Ванила“. Славе ја замолува Јагода да се сретне со Марко пред Домот на младите. Потоа, Славе пак пливал заедно со Верче, по што отишол на кино со Билјана. Попладнето, бил договорен да оди на кино со Верче, но таа задоцнува и одат во дуќанот каде што работи мајка му, а оттука во туристичката агенција каде што работи татко му. Во шест часот, Славе се среќава со Јагода и двајцата одат во слаткарницата. Утредента, Славе ѝ предлага на фризерката Лиле да му стане девојка на Марко, а таа закажала состанок во шест часот пред слаткарницата. Марко бара пари од татко си и ја носи Билјана на кино. Бидејќи таа е нервозна поради караницата со шефот на самопослугата, Славе ѝ дава совети и ја смирува. Истовремено, тие се договараат утредента да одат заедно на базен кај Верче. Во шест часот, Славе и Јагода одат кај слаткарницата и се среќаваат со Лиле при што тој сака да ги почсети девојките, но нема доволно пари. Кога се враќа дома, Славе се обидува да најде нова девојка за Марко, но единствената девојка што ја познава е грда, се откажува од идејата да ѝ напише писмо. Петтиот ден, Славе шета покрај Вардар и ја среќава Јана, девојката со која учи во истото одделение. Притоа, тој оди кај фризерката Лиле, се потстрижува и се договараат да одат на кино. Во меѓувреме, неговите родители се прашуваат каде скита по цели денови и зошто постојано им бара пари. Славе пак се враќа крај реката, каде што Јана го чести сладолед, а тој ѝ дава писмо на Дивна, студентката која продава сладолед. Таа закажува состанок со Марко вечерта пред Домот на армијата, но Славе и Јана, исто така, сакаат да дојдат. Татко му на Славе ѝ кажува на сопругата дека разговарал со сите девојки и дека го открил планот на Славе, а мајката му удира шлаканица и си заминува. Славе пак добива пари од татко му и оди кај базенот каде што се наоѓаат Верче и Билјана. Потоа, тој заминува за да ја најде Јагода, а во базенот доаѓа татко му за да се запознае со девојките. Славе договара средби со Јагода, а кога се враќа дома, пред зградата ја среќава Роска, која му кажува дека дома го чека Марко за да му каже нешто важно. Марко му открива на Славе дека целото време го лажел и дека е вљубен во Роска, а другите девојки знаат за тоа и само го забавувале Славе. Славе се чувствува навреден, зашто целото време се труди да го усреќи својот брат Марко. Целото попладне, Славе го минува со девојките, а вечерта оди пред Домот на армијата, чекајќи ги Дивна и Јана, додека неговите родители , скриени во грмушките, тајно го надгледуваат. Славе и Јана шетаат крај реката, разговарајќи за Марко, за девојките и за иднината. Кога се враќа дома, таму го чекаат Марко и Роска, а тој ги гушка, заборавајќи дека бил налутен. Саботата е последниот ден од отсуството на Марко, кој вечерта мора да се врати во касарната.[1]

Изданија[уреди | уреди извор]

Издание на „Култура“ од 2001 година[уреди | уреди извор]

Книгата, објавена од издавачката куќа Култура АД Скопје, како дел од библиотеката „Срна“, има обем од 136 страници. Таа е испечатена во печатницата „Графички центар“ од Скопје, во формат од 20 сантиметри, со мек повез. Книгата е каталогизирана во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-32-258-9. Нацртот на корицата е дело на Александар Сотировски, а коректурата ги извршила Сузана Николовска. На крајот од книгата се наоѓа белешка за делото и за авторот со наслов „Божемните девојки на Марко“, напишана од Јадранка Владова.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Оливера Николова, Девојките на Марко. Скопје: „Култура“, 2001.