Борнејски облачен леопард

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Борнејски облачен леопард
Период: ран плеистоцен до денес
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Фамилија: Felidae
Потфамилија: Pantherinae
Род: Neofelis
Вид: N. diardi
Биномен назив
Neofelis diardi
(G. Cuvier, 1823)
Распространетост
Синоними

Felis diardii
Felis macrocelis
Felis marmota
Neofelis nebulosa diardi

Борнејскиот облачен леопард (науч. Neofelis diardi) е мачка со средна големина која живее на Борнео, Суматра и островите Бату во Малајскиот архипелаг. На ова животно за прв пат му било дадено името Борнејски облачен леопард на 14 март 2007 година од страна на Светскиот природен фонд (WWF) [2][3]. Крзното му е исшарано со неправилно обликувани и порабени со црно дамки, за кои се вели дека се со форма на облаци, од каде и го добил името. Иако научниците знаеле за ова животно од почетокот на 19тиот век, дури во 2006 година бил идентификуван како посебен вид. Претходно се сметало дека е подвид на облачниот леопард (Neofelis nebulosa) [2][4]. Светскиот фонд на природата го цитирал Д-р Стефен О'Брајан од „Националниот институт за рак“ во САД кој тврди дека „Генетските истражувања дале резултати кои јасно покажуваат дека облачниот леопард од Борнео треба да биде сметан за посебен вид“[5].

Карактеристики[уреди]

Борнејскиот облачен леопард има набиено тело, и тежи околу 25 килограми. Ова животно е најголемиот предатор во Борнео. Поголемиот дел од неговиот плен живее на дрвјата, поради што овој вид развил одлични вештини за качување по дрвја. Поседува кратки флексибилни нозе, големи шепи и остри канџи, што му дава дополнителна стабилност. Песјакот кај овие животни е долг околу 5 сантиметри, најдолг од сите песјаци кај денешните видови од фамилијата Felidae. Опашката, која ја користи за одржување рамнотежа, може да порасне во должина колку и телото.

Однесувањето на борнејскиот облачен леопард не е доволно познато најмногу поради таинствената природа на ова животно. Сепак се смета дека најчесто е самотно животно.

Распространетост[уреди]

Борнејскиот облачен леопард е распространет низ Борнео и Суматра на Малајскиот архипелаг. Овој вид бил среќаван и на Јава, меѓутоа не бил сретнат од времето на неолитот[6].

Омилени предели на ова животно се тропските и суптропските шуми кои се наоѓаат до 2000 метри надморска височина[6].

Таксономија[уреди]

И покрај неговот име, ова животно не е близок роднина на леопардот. Видот е именуван Neofelis diardi во чест на францускиот природонаучник и истражувач Пјер Медар Диар. Во 19тиот век името Felis diardii ги означувало облачниот леопард/борнејскиот облачен леопард како „Диарова мачка“[7] . Локалните имиња „ Macan Dahan “ на индонезиски и „ Harimau Dahan “ на малајски во превод значат „тигар од гранките“.

Овој вид долго бил сметан за подвид на облачниот леопард, и го имал името Neofelis nebulosa diardi. Во декември 2006 година, два артикла во весникот Current Biology ги објавиле доказите според кои треба да има промени во класификацијата и треба да се формираат два посебни вида на облачен леопард: Neofelis nebulosa од копнена Азија и Neofelis diardi од Малајскиот архипелаг, освен Малајскиот полуостров. Едно англиско истражување предводено од Ендрју Китченер (Andrew Kitchener), детално ги анализирало географските варијации, што укажувало на постоење на два посебни вида. Резулатите од морфометричната анализа на крзното на 57 примероци на облачен леопард, покажале дека постојат две различни морфолошки групи, кои се разликувале најмногу по големината на белезите[2].

Друго истражување предводено од Валери Бакли-Бисон (Valerie Buckley-Beason), донело молекуларни докази за видовната разлика помеѓу овие две животни, иако била употребувана само ДНК од борнејската популација и од копнената популација а не од онаа на Суматра. Генетските истражувања покажале разлики на молекуларно ниво (секвенци во нуклеарна ДНК, митохондриална ДНК, варијација во микросателити, цитогенетични разлики) [4]. Помеѓу овие разлики биле утврдени 36 постојани митохондриални и нуклеарни разлики во нуклеотидите и 20 микросателити со региони со големина на алели кои не се препокриваат[4]. По истражувањето се заклучило дека степенот на различност е сличен со степенот помеѓу петте вида во родот Panthera, со што се заклучило дека Neofelis diardi е посебен вид од Neofelis nebulosa[4].

Генетските анализи покажале и дека овие два вида се одвоиле пред околу 1,4 милиони години, откако животните употребиле копнен мост (кој денес е под вода) за да стигнат до Борнео и Суматра од копнена Азија[8].

Заштитен статус[уреди]

Цртеж на борнејски облачен леопард

Поради непристапноста до природните живеалишта на борнејскиот облачен леопард, не постојат точни бројки за неговата популација. Сепак, неодамнешни истражувања ја проценуваат популацијата помеѓу 5000 и 11 000 иднивидуи на Борнео, и 3000 – 7000 индивидуи на Суматра. Во земјите коа припаѓаат на регионот на неговата распространетост, ловот е забранет.

Истражување од 2006 година, кое се фокусирало на класифицирање на трагите пронајдени во Сабах (североисточно Борнео), ја процениле популацијата во Сабах на 1500 – 3200 индивидуи од кои само 275 – 585 живеат во заштитените резервати[9].

Видете исто така[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Hearn, A., Sanderson, J., Ross, J., Wilting, A. & Sunarto, S. (2008). „Neofelis diardi“. Црвен список на МСЗП - загрозени видови во 2008 година. МСЗП 2008. Вчитано на 18 јануари 2009. Податоците содржат и информации за конзервацискиот статус на овој вид.
  2. 2,0 2,1 2,2 Kitchener, A., et al. (5 декември 2006). „Geographical Variation in the Clouded Leopard, Neofelis nebulosa, Reveals Two Species“. „Current Biology“ 16 (23): 2377–2383. doi:10.1016/j.cub.2006.10.066. 
  3. „New Species Declared: Clouded Leopard found on Borneo and Sumatra“. Светски фонд за природа. 14 март 2007. http://www.worldwildlife.org/news/displayPR.cfm?prID=360. конс. 25 март 2007. 
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Buckley-Beason, V., et al. (5 декември 2006). „Molecular Evidence for Species-Level Distinctions in Clouded Leopards“. „Current Biology“ 16 (23): 2371–2376. doi:10.1016/j.cub.2006.08.066. 
  5. New leopard species found in Borneo“, 15 март 2007 (конс. 25 март 2007).
  6. 6,0 6,1 „Clouded Leopard“. Central Tibetan Administration. http://www.tibet.net/diir/eng/enviro/species/database/cleopard/.  Вчитано на 16 март 2007
  7. George Ripley (1858). „The New American Cyclopedia“. стр. 543. http://books.google.com/books?id=pN_CQOaQi-oC&pg=RA7-PA543&lpg=RA7-PA543&dq=diard's+cat&source=web&ots=qS2BT0UOqW&sig=pTpiTf2gxeHHte7O1asb5PtWI6A. 
  8. Lewis Smith. „After 200 years, a new big cat comes out of the jungle“, Times Online, 14 март 2007 (конс. 25 март 2007).
  9. Andreas Wilting, corresponding author, Frauke Fischer, Soffian Abu Bakar, and K Eduard Linsenmair (2006). „Clouded leopards, the secretive top-carnivore of South-East Asian rainforests: their distribution, status and conservation needs in Sabah, Malaysia“. „BMC Ecol.“ 6 (16): 16. doi:10.1186/1472-6785-6-16. http://www.pubmedcentral.nih.gov/articlerender.fcgi?artid=1654139. 

Надворешни врски[уреди]