Прејди на содржината

Ангина пекторис

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ангина
СинонимиАнгина пекторис
СпецијалностКардиологија

Ангина пекторис или само ангина, е градна болка предизвикана од исхемија (недостаток на крв, а со тоа недоволен доток на кислород и недоволно исфрлање на штетни материи) на срцевиот мускул, најчесто заради затнување или спазам на коронарните артерии (срцевите крвни садови).[1] Главниот причинител на ангината, коронарната артериска болест, се должи на атеросклероза на срцевите артерии. Терминот потекнува од латинскиот збор angina (инфекција на грлото), чие потекло е од грчкиот γχόνη, ankhonē (гушење), и од латинскиот збор pectus (гради). Според ова, може да се преведе како „чувство на стегање во градите“.

Постои мала поврзаност помеѓу интензитетот на болката и степенот на недостаток на кислород во срцевиот мускул (т.е. може да има остра болка со мал или без ризик од срцев удар, а срцев удар може да настане и без болка).

Симптоми на нестабилна ангина претставуваат напади кои сè повеќе се влошуваат, ненадејни напади при мирување и напади кои траат повеќе од 15 минути (обично се проследени со слични симптоми како кај акутен коронарен синдром). Ваквиот напад може да доведе до миокардичен инфаркт (срцев напад) затоа се третира како таков и бара итна медицинска интервенција.

Стабилна ангина

[уреди | уреди извор]

Стабилната ангина, исто така позната и како ангина при напор, е поврзана со миокардичната исхемија. Типични симптоми на стабилна ангина се непријатно чувство во градите и слични симптоми предизвикани од некаква активност (трчање, пешачење итн.) и со мали или без никакви симптоми при мирување. Симптомите обично се намалуваат по престанокот со активностите и престануваат кога ќе се продолжи со активноста. На овој начин, може да се смета дека стабилната ангина е слична на симптомите на клаудикација.

Нестабилна ангина

[уреди | уреди извор]

Нестабилна ангина (НА) (или „влошувачка ангина“ која е вид на акутен коронарен синдром) се дефинира како ангина пекторис која е променлива или се влошува. Опфаќа најмалку една од овие одлики:

  1. настанува при мирување (или при минимален напор), обично трае повеќе од 10 минути;
  2. сериозна ангина проследена со нов напад (т.е. за време на претходните 4-6 недели); и/или
  3. ангина проследена со напади кои се влошуваат (т.е. посериозна е, почеста и трае подолго од обично)

НА може неочекувано да настане при мирување што може да биде сериозен показател за претстоен срцев напад. Она по што стабилната ангина се разликува од нестабилната (освен по симптомите) е патофизиологијата на атеросклерозата. Патофизиологијата на нестабилната ангина е намалувањето на коронарниот проток како резултат на променлива агрегација на тромбоцитите при навидум нормален ендотел, коронарни артериски спазми или коронарна тромбоза. Процесот започнува со атеросклероза и кога ќе дојде до воспаление, настанува активна плака која се подвргнува на тромбоза и резултира во акутна исхемија која, откако ќе навлезе калциум, на крај доведува до некроза на клетките. Истражувањата покажуваат дека 64% од сите случаи на нестабилна ангина настануваат помеѓу 22:00 и 08:00 часот кога пациентите мируваат.

Кај стабилната ангина, атеромот кој се развива е прекриен со влакнеста капсула. Кај нестабилната ангина, оваа капсула (атеросклерозната плака) може да пукне при што засирената крв уште повеќе ќе го намали луменот на коронарниот сад. Ова објаснува зошто нестабилната ангина може да настане и без физичка активност.

Податотека:Angina pectoris.jpg
Местоположба на ангиналната болка

Микроваскуларна ангина

[уреди | уреди извор]

Микроваскуларната ангина или ангина синдром икс (syndrome X) се одликува со болка во градите како кај ангината, но истата е предизвикана од други причини. Причинителот на микроваскуларната ангина е непознат, но се претпоставува дека ваквата ангина настанува поради слабото функционирање на малите крвни садови во срцето, рацете и нозете. Микроваскуларната ангина потешко може да се препознае и дијагностицира бидејќи не се одликува со блокада на артериите, но сепак прогнозата е одлична.

Знаци и симптоми

[уреди | уреди извор]

Пациентите со ангина повеќе се жалат на непријатност во градите отколку на вистинска болка: непријатноста обично ја објаснуваат како притисок, тешкотија, напнатост, стегање, чувство на печење или на давење. Покрај непријатноста во градите, ангината може да предизвика болки и кај епигастриумот (горниот дело од абдоменот), грбот, вратот, вилицата или рамениците. Ова се објаснува со концептот на симптоматична болка и се должи на ’рбетниот дел кој, без да ги разликува, истовремено прима висцерални реакции од срцето и кожни реакции од делови од кожата утврдени од дерматомот на тој ’рбетен нерв. Симптоматичната болка обично се појавува кај рацете (често кај внатрешниот дел на левата рака), рамениците и вратот поточно кај вилицата. Ангината обично настанува при напор или емоционален стрес. Може да се влоши при ниски температури или ако лицето е прејадено. Болката може да е проследена со недостаток на воздух, потење и, во некои случаи, со мачнина при што пулсот се забрзува, а крвниот притисок се покачува. Доколку болката во градите трае само неколку секунди, најверојатно не станува збор за ангина.

Миокардичната исхемија настанува кога миокардот (срцевиот мускул) не прима доволно крв и кислород за да функционира нормално. Ова може да се случи поради тоа што миокардот бара повеќе кислород или не е доволно снабден со истиот. Несоодветната перфузија на крвта и намаленото снабдување со кислород и хранливи производи се директно поврзани со блокираните или стеснетите крвни садови. Кај некои лица се појавуваат „автономни симптоми“ (поврзани со зголемената активност на автономниот нервен систем) како што се гадење, повраќање и бледило.

Најголемите ризични фактори за настанувањето на ангината се пушење цигари, дијабетес, висок холестерол, висок крвен притисок, недоволна физичка активност и семејна историја на предвремена срцева болест. Еден вид на ангина (Принзметалова ангина) настанува кај пациенти со нормални коронарни артерии или мал степен на атеросклероза. Почеста е кај помладите жени и се смета дека ја предизвикуваат спазми на артеријата.

Обратете се на лекар

[уреди | уреди извор]
  • ако нападот трае повеќе од 15 минути, тоа може да биде и срцев удар. Веднаш повикајте брза помош.
  • ако мислите дека тоа е можеби првиот напад на ангина кај Вас; мора да утврдите дали се работи точно за тоа.
  • ако нападите стануваат почести, посилни, подолги и понепредвидливи; ова се знаци на нестабилна ангина.
  • ако земате бета-блокатор и преживувате вознемирувачки дејства кои го придржуваат
  • ако земате нитратен лек и Ве фаќа несвестица, вртоглавица, слабост, бледило или прекумерно се потите. Ова се знаци на пречувствителност или предозирање
  • ако земете блокатор на калциумовите канали и забележите придружни појави како грчеви во желудникот, забавен пулс, аритмии, главоболка, запек, отекување, несвестици или задишаност.

Причинители

[уреди | уреди извор]

Главни ризични фактори

[уреди | уреди извор]
  • Возраст (кај мажи над 55 години, кај жени над 65 години)
  • Пушење цигари
  • Дијабетес мелитус (ДМ)
  • Дислипидемија
  • Семејна историја на предвремена срцева болест (кај мажи под 55 години, кај жени под 65 години)
  • Хипертензија
  • Болест на бубрезите (микроалбуминурија или брзина на гломеруларна филтрација помала од 60mL/min)
  • Дебелина (индекс на телесна маса поголем од 30 кг/m2)
  • Физичка неактивност

Состојби кои ја влошуваат или причинуваат ангината

[уреди | уреди извор]
  • Лекови
  • Вазодилатори
  • Пречесто менување на штитна терапија
  • Вазоконстриктори
  • Полицитемија која предизвикува згуснување на крвта поради што тече побавно низ срцевиот мускул

Едно истражување покажало дека пушачите со болест на срцевите артерии имале позголемена активност на симатичкиот нерв отколку оние кои немаат таква болест. Ова дополнително го зголемува крвниот притисок, пулсот и периферната васкуларна отпорност поврзани со никотинот што може да доведе до повторливи напади на ангина. Покрај тоа, ЦКБ (Центар за контрола на болести) известува дека ризикот од КСБ (Коронарна срцева болест), удар и ПВБ (Периферна васкуларна болест) се намалува за една до две години по престанувањето со пушење. Друго истражување покажало дека, по година дена од првиот напад, кај мажите пушачи под 60 години ангината се намалила за 40%, но кај оние што престанале да пушат. Истражувањата откриле престанувањето со пушење носи и краткотрајни и долготрајни придобивки.

Други медицински проблеми

[уреди | уреди извор]
  • Тешка анемија
  • Неконтролирана хипертензија
  • Хипертироидизам
  • Хипоксемија

Други срцеви проблеми

[уреди | уреди извор]
  • Тахиаритмија
  • Брадиаритмија
  • Валвуларна срцева болест
  • Хипертрофска кардиомиопатија

Миокардичната исхемија може да настане од:

  1. намален крвен проток до срцето кој може да биде резултат на стеноза, спазам или акутно затнување на срцевите сртерии (предизвикано од емболија).
  2. отпорност на крвните садови. Ова може да биде предизвикано од стеснување на крвните садови односно намалување на пречникот. Крвниот проток е обратнопропорционален на пречникот на артеријата.
  3. намалениот капацитет на крвта за носење на кислород поради неколку фактори како што се намалување на притисокот на кислород и концентрацијата на хемоглобин. Ова ја намалува способноста на хемоглобинот да го носи кислородот до миокардичното ткиво.

Атеросклерозата е најчеста причина за стеноза (ги стеснува крвните садови) на срцевите артерии, а со тоа и за ангина пекторис. Некои пациенти со болка во градите имаат нормално или минимално стеснување на срцевите артерии и кај нив поголеми се шансите болката да е предизвикана од вазоспазам, понекогаш во контекст на Принзметалова ангина и синдром икс.

Миокардичната исхемија исто така може да биде резултат на фактори кои влијаат врз составот на крвта како што се намалената капацитет на крвта за носење кислород која што може да се забележи кај тешката анемија (мал број на црвени крвни зрнца) или долготрајното пушење цигари.

Патофизиологија

[уреди | уреди извор]

Ангината настанува таму каде што не е изедначена потребата и доставувањето на кислород. Оваа нерамнотежа може да доведе до зголемување на потребата за кислород (на пример при вежбање) без соодветно зголемување на доставувањето (на пример при затнување или атеросклероза на коронарните артерии).

Дијагноза

[уреди | уреди извор]

Ангината е можна кај луѓе со стегање, тапа болка или тешкотија во градите која е:

  1. Ретростернална или се појавува на левата страна, ширејќи се кон левата рака, вратот, вилицата или грбот.
  2. Настанува поради напор или емоционален стрес и исчезнува по неколку минути одмор.
  3. Се јавува по јадење или при ниски температури.

Некои пациенти со атипични симптоми, вклучувајќи го и немањето здив, мачнината, непријатноста во епигастриумот или ждригањето. Овие атипични симптоми најчесто се појавуваат кај постари луѓе, жени и кај болните од дијабетес.

Болката предизвикана од ангина обично не е ни силна, ни остра, ниту пак и влијае дишењето. Алкалините и обичната аналгезија обично не ја намалуваат болката. Ако непријатноста (на кое било место) во градите е предизвикана од напор, а се намалила со мирување и со глицерил тринитрат, тогаш веројатноста за ангина се зголемува.

Кај пациентите со ангина кои во одреден момент не чувствуваат болка во градите, електрокардиограмот (ЕКГ) е нормален, освен ако во минатото немале други срцеви проблеми. За време на траењето на болката, може да се забележи опаѓање или покачување на СТ-сегментот. За да се добијат овие промени, може да се изврши ЕКГ тест со вежбање (тест со лента за трчање) за време на кој пациентот вежба додека не се измори, не остане без здив или, најважно, додека не почне да чувствува болка. Доколку настанат вообичаените промени во ЕКГ (најчесто повеќе од 1 мм рамно или намалено опаѓање на СТ-сегментот), се смета дека се работи за ангина. Дури и постојаното следење на крвниот притисок и пулсот може да не доведе до некој заклучок што се однесува на ангината. Тестот со вежбање е корисен и при барање на други маркери за миокардична исхемија: резултатот од крвниот притисок (недоволен резултат, особено ако има низок систолен притисок), дисритмија и хронотропски резултат. Други алтернативи на стандардиот тест со вежбање се талиум сцинтиграм (кај пациенти кои не можат доволно да вежбаат за тестот со вежбање, на пример поради астма или артритис или кај кои ЕКГ-то при мирување е премногу абнормално) или стрес екокардиографија.

Кај пациентите кај кои може да се донесе дијагноза со вакво неагресивно тестирање, коронарниот ангиограм обично се изведува за да се открие зошто настанала коронарната рана и дали лицето ќе биде кандидат за ангиопластика, вградување на бајпас на коронарната артерија, лечење само со лекови или на друг начин. Едно истражување покажало дека зачестеноста се постигнува кога се покачува крвниот притисок и се забрзува пулсот. Зачестеноста нормално варира но опсегот е од 45 до 50 kHz за срцев напад или срцева инсуфициенца. Пациенти кои директно можат да подлежат на ангиографија се оние кои се хоспитализирани со нестабилна ангина (или поновиот термин „високоризични акутени коронарни синдроми“), со исхемични промени на ЕКГ-то при мирување или со покачени срцеви ензими како што е тропонинот.

Податотека:Angina mann.jpg
Локација и ширење на болката што ја предизвикува ангина пекторис

Лекување

[уреди | уреди извор]

Лековите можат да ги ублажат симптомите на ангина пекторис, но темелното менување на исхраната и начинот на живеење претставуваат важен дел на секоја програма за лекување на ангина пекторис. Пред да земете каков било лек, внимателно разгледајте ги неговите својства и семејната историја на болеста со лекарот. Многу лекови не би смееле да се мешаат со други лекови или природни материи, а, исто така, ќе мора да се погрижите вашиот лекар да знае за какви било . веќе постоечки здравствени тегоби кои можеби ги имате.

Конвенционална медицина

[уреди | уреди извор]

Ако имате Ангина пекторис, лекарот, без сомение, ќе Ви ја спомне важноста на здравиот начин на живеење кој вклучува правилна исхрана, телесни вежби, контролирање на сопствената тежина и непушење. Покрај сето тоа, повеќето пациенти со Ангина пекторис земаат и пропишан лек. Постојат три основни видови лекови за Ангина пекторис: нитрати, бета-адренергични блокатори и блокатори на калциумовите канали. Во лекувањето на ангина пекторис лекарите често применуваат комбинација на овие леков. Нитратите кои ги шират коронарните артерии и дозволуваат поголем проток на крвта, се испробан и евтин начин на лекување. Нитроглицеринот, е најраширениот нитрат; може да се зема кога е потребно и може да помогне во рок од неколку минути. Исто така, предизвикува главоболки кај приближно половината од корисниците. Бета-адренергичните блокатори, кои се користат за да се намали бројот на отчукувањата на срцето, да се намали крвниот притисок и да се намали количеството на кислород што го троши срцето, делотворни се во комбинација со нитритите или сами. Блокаторите на калциумовите артерии, а некои, исто така, ги забавуваат отчукувањата на срцето. Пациентите со тежок облик на нестабилна Ангина пекторис често во почетокот се лекуваат со антикоагуланс хепарин заедно со ацетилсалицилна киселина ( на пр. Аспирин), нитрати и бета-блокатори. Ако лекувањето со лековите не дејствува или е недоволно, може да се разгледа можноста за ангиопластика на коронарните артерии или операции на премостување. Ангиопластиката-катетерската техника со која се прошируваат затнатите артерии стана релативно рутинска постапка; операцијата на премостување, со која крвотокот се пренасочува околку затнатите артерии, се применува во многу тешки случаи.

Алтернативни начини на лекување

[уреди | уреди извор]

Секогаш посоветувајте се со лекар ако сметате дека имате ангина пекторис. Наведените алтернативни начини на лекување можат да помогнат да се намалат симптомите или да се спречат нападите, но би требало на нив да гледате како на дополнение, а не замена на грижата на конвенционалната медицина.

Акупресура

[уреди | уреди извор]

Симптомите на ангина пекторис може да се намалат со притискање на точките Мочен меур 15, Перикард 5, Перикард 6 и Слезина 6 најмалку една минута.

Ајурведска медицина

[уреди | уреди извор]

Се покажало дека ајурведската смеса на треви и минерали, познати како Абана, значително ја намалуваат зачестеноста и тежината на ангина пекторис; посоветувајте се со практичар во поглед на тој специфичен лек.

Келациско лекување

[уреди | уреди извор]

Иако спорно, келациското лекување го бараат илјадници заболени од ангина пекторис. Неговите поборници тврдат дека е поевтино и посигурно од многу конвенционални лекови ил хируршки зафати и подеднакво делотворно. Критичарите се упорни во барањата дека тоа мора да помине строга научна проверка пред да се вброи во редовите на стандардните начини на лекување на ангина пекторис и артериосклероза. Ако се решите да го пробате келациското лекување, се разбира, побарајте практичар кој има свидетелство на едно од главните американски келациски здруженија.

Лекување со лековити билки

[уреди | уреди извор]

Глогот (Crataegus laevigata) е одлично долгорочно средство за јакнење кај ангина пекторис затоа што истовремено ги шири коронарните артерии и го смирува срцето. Тој често е составен дел во лекувањето на ангина пекторис со лековити билки.

Хомеопатија

[уреди | уреди извор]

За моментна помош во текот на акутен напад, се препорачува Cactus grandiflorus. Тоа може да донесе олеснување, ако во текот на нападот се чувствувате како градите да Ви се стегнати со метален обрач. Меѓу долгорочните лекови кои лекарот хомеопат би можел да Ви ги препише се вбројуваат Nux vomica и Arsenicum album.

Начин на живеење

[уреди | уреди извор]

Познато е дека одредени материи кои го загадуваат воздухот, особено јаглерод моноксид, ја влошуваат и засилуваат ангината пекторис. За да го избегнете јаглерод моноксидот, избегнувајте готутунскиот чад и останете дома во деновите кога има многу смог. Избегнувајте алкохол и пијте малку додека сте под лекови против ангина пекторис поради можните штетни реакции. Лесното вежбање аеробик е многу полесно за пациентите со ангина пекторис. Постепено градете ја издржливоста и во студено време вежбајте во затворен простор. Се разбира, советувајте се со Вашиот лекар пред да почнете со програмата за вежбање.

Психосоматско лекување

[уреди | уреди извор]

Ако забележите дека имате тешкотии при контролата на емоции или нивото на стрес мора да научите да се олабавувате. Многу техники на олабавување од биофидбекот(biofeedback) до јогата, можат многу да Ви помогнат. Изберете метод од кој се чувствувате пријатно и држете сè до него; успехот на техниката на олабавување се разликува од лице до лице и со текот на времето се подобрува.

Главните цели во лекувањето преку исхраната во случаите на ангина пекторис се да се подобри дотокот на крв во срцето и енергетскиот метаболизам на срцето така што ќе му биде потребно помалку кислород. Главниот начин на подобрување на крвотокот е надгледување на артериосклерозата, а потрошувачката на помали количества заситени масти и холестерол е важен прв чекор. За да го подобрите енергетскиот метаболизам, се разбира, мора да се погрижите да добивате доволно магнезиум во исхраната или во рамките на мултивитаминските додатоци. Можете, исто така, да го замолите лекарот да Ви препорача соодветна дополнителна доза на Л-карнитин и коензим Q10, хранливи материи кои се наоѓаат во организмот и кои го подобруваат енергетскиот метаболизам и често се исцрпуваат кај пациентите со срцеви заболувања.

Тест за оптоварување

[уреди | уреди извор]

Телесните вежби со Ангина пекторис се сложена работа. Ако се изведуваат како што треба, можат да го спречат влошувањето на Ангина пекторис; ако се вршат претерано, болеста ќе се влоши дО таа мера што може да стане ризична за животот. Па колку е тогаш премногу? Ако сакате да почнете со програмата за вежбање, треба прво да го направите тестот за оптоварување- кој се нарекува и проверка на „поднесување на телесните течности“, или тест за оптоварување на подвижна лента. Испитувањето трае околу половина час. Ќе Ви стават електроди на градите и манжетна за мерење на притисок на раката, па ќе почнете да вежбате на подвжна лента или трим-велосипед; како времето ќе минува така вежбањето ќе станува се потешко. Со следење на Вашите отчукувања на срцето, крвниот притисок, и ЕКГ, лекарот ќе може да ги одреди границите на телесниот напор кој можете да го поднесете. Со тоа сознание, можете да планирате здрава програма на вежбање.

Лекување дома

[уреди | уреди извор]

Ако имате напади на Ангина ноќе, обидете се да ја подигнете перницата на креветот од 8 до 10см. Со тоа го намалувате работното оптоварување на срцето предзвикано од враќањето на венската крв. Ако почувствувате дека нападот се јавува додека лежите, седнете и спуштете ги стапалата на подот. Ако болката трае земете го препишаниот лек Една таблетка со ацетилсалицилна киселина дневно со лекарска дозвола, може да ја намали опасноста од срцев удар и нестабилната Ангина пекторис Минувајте најмалку 1 час варејќи го тешкиот оброк; познато е дека телесниот напор по јадењето предизвикува напади. Престанете да пушите, затоа што тоа многу ја влошува болеста Ангина пекторис. Не земајте контрацепциски таблети ако имате Ангина пекторис; естрогените се поврзани со зголемената опасност од згрутчување на крвта.

Превенција

[уреди | уреди извор]

Усвојте ја исхраната со малку маснотии и малку холестерол кој ќе Ви помогне артериите да Ви бидат без масни наслаги. Вежбајте! Кај лица кои вежбаат помала е веројатноста дека ќе имаат вижок килограми и дека ќе добијат артериосклероза Научете да ги контролирате емоциите, и не дозволувајте тие да Ве контролираат Вас. Поголема е веројатноста дека ќе добијат ангина пекторис оние луѓе кои го задржуваат стресот во себе; многу заболени од ангина пекторис наведуваат дека емоционалните изливи ги забрзуваат нападите. Ако пушите, престанете да пушите.

Можна ангина

[уреди | уреди извор]

За луѓето кои ги имаат следниве симптоми, бидејќи можат да имаат нестабилна ангина, потребно е хоспитализирање: болка при мирување (која може да настане и во текот на ноќта), при минимален напор, ангина која брзо напредува и покрај зголемената медицинска терапија. Сите лица со можна ангина да се упатат во служба за проценка на градна болка за да се потврди дијагнозата и да се процени сериозноста на коронарната срцева болест.

Епидемиологија

[уреди | уреди извор]

Се смета дека околу 6.3 милиони Американци ја искусиле ангината. Ангината претставува симптом за коронарна артериска болест повеќе кај жените отколку кај мажите. Шансите за ангина се зголемуваат со возраста, а најчесто се појавува на 62,3 години. Пет години откако се појавила, 4.8% од лицата починале од коронарна срцева болест. Мажите со ангина имале зголемен ризик за смрт како резултат на акутен миокардичен и коронарна срцева болест кои ги предизвикала ангината. Слични статистики важат и за Западниот свет. Сите видови на коронарна срцева болест не се толку вообичаени за третиот свет бидејќи ризичните фактори се повообичаени за Западот и земјите во кои е усвоена западната култура. Затоа, може да се објасни како болест која се шири. Како што е објасенто на мрежното место The China Study, прифаќањето на богатиот начин на исхрана од Западот и, како последица на тоа, почестото пушење, дебелината и други ризични фактори веќе довеле до зголемен број на случаи со ангина и други болести поврзани со неа во земји како што е Кина. Ангината неодамна беше поврзана со изложеноста на возрасните Американци на Бисфенол А.

Историја

[уреди | уреди извор]

Концептот на Hritshoola, што буквално значи срцева болка, бил познат на Shushruta (во 6 век п.н.е.). За состојбата опишана од Shushruta, Dwivedi & Dwivedi (2007 година) забележал дека: „Ги опфаќа сите основни компоненти на денешната дефиниција т.е. местото на кое се појавува, причината, факторите кои ја влошуваат и олеснуваат болката и каде треба да се упати лицето. Според него, ангината е болка во градите во областа пред срцето, моментална е, настанува при напор, чувствителна, со чувство на печење и која се намалува при мирување. Тој исто така ја поврзал ваквата болка со дебелината (medoroga)“.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Користена литература

[уреди | уреди извор]
  • Издавачка куќа: Mладинска куќа-Скопје
  • За издавачот: Златко Макаровски
  • Уредник: Лавинија Шувака
  1. „MerckMedicus : Dorland's Medical Dictionary“. Посетено на 2009-01-09.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Класификација
П · Р · П
Надворешни извори