Ангеле Иваноски
Ангеле Иваноски (Прилеп, 1913 - Скопје, 1987) бил сликар и сценограф, претставник на неоимпресионизмот.
Животопис
[уреди | уреди извор]Ликовната кариера ја започнал како самоук сликар. Реализирал две самостојни изложби (Прилеп, 1941 и Скопје, 1961) и две изложби заедно со прилепскиот сликар Ѓорѓи Ачески (Битола, 1942 и Скопје, 1943).
Уште во предвоениот период му пристапува на напредното младинско движење во Прилеп и како член на СКОЈ од 1938 година илегално работи во текот на окупациските години (1941-1944). Во пролетта на 1944 оди во партизани и се вклучува во редовите на Првата македонска бригада на Караорман. Во селото Буринец работи во Агитпропот на бригадата. Учествува во работата на партизанската печатница, давјќи свои прилози како илустратор во билтенот на бригадата „Народен војник“, пишува плакати, учествува во декорирањето на театарските претстави што се одржувале на слободната територија. Во есента на 1944 оди во село Горно Врановци, Велешко, каде што се наоѓал Главниот штаб на НОВ на Македонија и каде што работела поголема група културни работници, меѓу нив и неколкумина ликовни уметници.
По Ослободувањето завршил шестмесечен ликовен курс во новоотворената Художествена школа (Скопје, 1946) и работел како сликар-сценограф во Македонскиот народен театар сè до заминувањето во пензија (1946-1967). Имал блиска соработка со сликарите Василие Поповиќ - Цицо и со Томо Владимирски. Бил член на ДЛУМ (1951) и учествувал на неговите колективни изложби. Никогаш немал свое ателје. Сликал на отворен простор и во неговото сликарство доминира секојдневието, посебно социјалната тематика: старата прилепска и скопска чаршија (казанџии, ковачи, самарџии, сарачи), прилепската саат-кула, митинзи, стариот скопски театар, Камениот мост, Скопје во времето на земјотресот и сл. Се занимавал и со графика (1952-1987), посебно со мотиви од старото Скопје (графичка мапа посветена на Скопје). На неговата ретроспективна изложба по повод 50-годишната ликовна дејност (Скопје, 1985) биле изложени 90 слики во маслена техника, темпера и пастел, создавани од 1940 г. дотогаш.