Прејди на содржината

Алемани

Од Википедија — слободната енциклопедија

Алеманите — западни германски племиња кои за првпат се споменати од страна на древниот римски историчар Дион Касиј во 213 година. Се смета дека тие потекнуваат од обединувањето на различните германски племиња и Свебите во регионот на реките Рајна, Мајна и Лех. Подоцна, како сојузници на Атила тие зеле учество во неговите походи односно во Битката на Каталаонските полиња.

Ширење на Алеманската држава

Алеманите биле во постојан конфликт со Римското Царство. Тие во 268 година извршиле инвазија во Галија и Северна Италија. Под водство на кралот Крок ја зазеле цела Галија, и ги разрушиле до темел сите светилишта од тоа време. Во летото 268 година тие биле сопрени од страна на римскиот цар Галиен во Италија. Но, од друга страна пак, Готите исто така ги нападнале позициите на империјата. Клавдиј II во септември 268 година ги поразил Готите кај Ниш, а потоа и Алеманите во Битката кај езерото Бенакус. Алеманите се повлекле кон денешна Германија, и по таа битка не се осудувале многу години за напад на Римското Царство.

Нивната најпозната битка против Римското Царство била во 357 година во Стразбур, каде повторно биле поразени. Римската војска била предводена од страна на Јулијан Отпадник, кој подоцна станал цар. Во таа битка бил заробен и кралот на Алеманите, Кнодомар. Во 366 година, Алеманите повторно ја преминале реката Рајна, вршејќи ја поредната инвазија врз Галија. Истото се случило и во 406 година.