Џорџ Сантајана

Од Википедија — слободната енциклопедија
Џорџ Сантајана

Хорхе Агустин Николас Руиз де Сантајана и Борас (шпански: Jorge Agustín Nicolás Ruiz de Santayana y Borrás; 16 декември 1863 година - 26 септември 1952 година) попознат како Џорџ Сантајана (англиски: George Santayana), бил филозоф, есеист, поет и писател. Иако го задржал шпанското државјанство до крајот на својот живот и секогаш имал валиден шпански пасош, Сантајана пораснал и се школувал во Соединетите Држави и важел за Американец. Пишувал на англиски и генерално се сметал за американски писател. На четириесет и осумгодишна возраст, Сантајана ја напуштил својата позиција на Харвард и трајно заминал во Европа, никогаш не се вратил во Соединетите држави. Во тестаментот тој побарал да биде погребан во шпанскиот пантеон на гробиштата во Рим.

Сантајана бил позната по познатите изреки како „оние кои не се сеќаваат на минатото се осудени да го повторат“, и „Само мртвите го видоа крајот на војната“. (Вториот цитат често погрешно му се припишувал на Платон). Сантајана обично се сметал за прагматичар заедно со своите колеги од Харвард Вилијам Џејмс и Џосија Ројс. Тој рекол дека во филозофијата стои на „истата позиција како и во секојдневниот живот“.[1]

Биографија[уреди | уреди извор]

Детството и младоста[уреди | уреди извор]

Роден бил како Хорхе Агустин Николас Руиз де Сантајана и Борас на 16 декември 1863 година во Мадрид. Раното детство го поминал во Авила, Шпанија. Неговата мајка, Жозефина Борас, била ќерка на шпански функционер на Филипините, а Хорхе бил нејзиното единствено дете од друг брак. Таа била вдовица на Џорџ Старџес, трговец од Бостон со кој имала пет деца, од кои две починале во раното детство. Таа останала во Бостон уште неколку години по смртта на нејзиниот сопруг во 1857 година, но се вратила во Мадрид во 1861 година со нејзините три деца. Таму го запознала Агустин Руиз де Сантајана, стар пријател од Филипините. Двајцата се венчале во 1862 година. Колонијалниот функционер, Руиз де Сантајана, исто така бил сликар и интелектуалец.

Семејството живеело во Мадрид и Авила до 1869 година, кога Хозефина Борас де Сантајана се вратила во Бостон со нејзините три деца од првиот брак, бидејќи му ветила на својот прв сопруг дека ќе ги одгледува децата во САД. Шестгодишниот Хорхе го оставила кај нејзиниот татко во Шпанија. Хорхе и неговиот татко отишле по неа во 1872 година, но на татко му не му се допаднал Бостон, ни однесувањето на неговата сопруга, па набрзо се вратил во Авила. Таму останал до крајот на животот. Хорхе не го видел својот татко се додека не отишол на Универзитетот Харвард и не почнал да го поминува летниот одмор во Шпанија. Во овој период, шпанското име Сантајана, Хорхе станал англиски Џорџ.

Образование[уреди | уреди извор]

Студирал на латинското училиште во Бостон и на Универзитетот Харвард, каде што бил студент на филозофите Вилијам Џејмс и Џосија Ројс. По дипломирањето на Харвард во 1886 година, Сантајана студирал во Берлин две години.[2] Потоа се вратил на Харвард, каде што ја напишал својата дисертација за Херман Лоце и предавал филозофија, станувајќи дел од „златното доба“ на Катедрата за филозофија на Харвард. Некои од неговите студенти на Харвард станале познати самите. Меѓу нив се Т. С. Елиот, Роберт Фрост, Гертруда Стајн, Хорас Кален и Волтер Липман. Валас Стивенс не бил негов ученик, но тие станале пријатели. Од 1896 до 1897 година, Сантајана студирал на Кралскиот колеџ, Кембриџ.

Патувања[уреди | уреди извор]

Во 1912 година, Сантајана поднел оставка од Харвард и го поминал остатокот од својот живот во Европа. Заштедил пари, а му останале и пари од наследството на мајка му. По неколку години во Авила, Париз и Оксфорд, по 1920 година, почнал да зимува во Рим, а по извесно време трајно се преселил во Рим, каде што продолжил да живее до својата смрт. За време на четириесетте години поминати во Европа, напишал деветнаесет книги и одбил неколку престижни академски позиции. Во подоцнежните години, Сантајана имал пари за удобен живот, делумно благодарение на романот „Последниот пуритан “ од 1935 година, кој неочекувано станал бестселер. Тој им помогнал на неколку писатели со своите пари, вклучувајќи го и Бертранд Расел, со кого во суштина не се согласувал ниту филозофски ниту политички. Сантајана никогаш не се оженил. Неговиот љубовен живот, доколку постоел, не и бил познат на јавноста.

Филозофско дело и публикации[уреди | уреди извор]

Иако бил образован во духот на германскиот идеализам, Сантајана бил критички настроен кон него и вложил напори да се дистанцира од неговата епистемологија .

Меѓу главните филозофски дела се „Чувството за убавина“ (англиски: The Sense of Beauty; 1896), неговата прва монографија и можеби првото големо дело за естетиката напишано во Соединетите Држави; Живот на разумот (англиски: The Life of Reason, пет тома, 1905–6), кулминација на неговата кариера на Харвард; Скептицизам и животинска вера (англиски: Scepticism and Animal Faith; 1923); и Кралството на суштествата (англиски: The Realms of Being, четири тома, 1927–40). Иако Сантајана не бил прагматичар во смисла на Вилијам Џејмс, Чарлс Сандерс Пирс, Џосија Ројс или Џон Дјуи, Животот на разумот може да се смета за прв проширен третман на прагматизмот.

Како и многу класични прагматичари, и бидејќи тој исто така бил добро упатен во областа на еволутивната теорија, Сантајана се посветил на метафизичкиот натурализам. Тој верувал дека човечкото сознание, културните обрасци и општествените институции еволуирале за да се усогласат со условите присутни во нивната околина. Според тоа, може да се суди за нивната вредност до степен до кој тие ја олеснуваат човечката среќа. Алтернативно име за Животот на разумот, Фази на човечкиот напредок (англиски: the Phases of Human Progress), води кон овој метафизички поглед.

Сантајана бил ран поборник на епифеноменализмот, но тој исто така се восхитувал на класичниот материјализам на Демокрит и Лукрециј (од тројцата автори за кои пишувал во Тројца филозофски поети, Сантајана најмногу за пофалба зборувал за Лукрециј). Тој многу ги ценел делата на Спиноза, нарекувајќи го негов „господар и модел“.

Иако бил агностик, тој ја сметал религијата прилично бенигна, за разлика од Бертранд Расел, кој ја сметал религијата штетна. Ставовите на Сантајана за религијата се дадени во неговите книги Разум во религијата (англиски: Reason in Religion), Идејата за Христос евангелијата (англиски: The Idea of Christ in the Gospels) и Толкувања на поезијата и религијата (англиски: Interpretations of Poetry and Religion). Сантајана се опишал себеси како естетски католик. Последната деценија од животот ја поминал во манастир во Рим, каде што го чувале ирски калуѓерки.

Поврзано[уреди | уреди извор]

  • Американска филозофија

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Santayana, George (5. 3. 2009.), Coleman, Martin A. (уред.), The Essential Santayana: Selected Writings (Paperback)|format= бара |url= (help) (1. изд.), Блумингтон, Индијана, Сједињене Државе: Indiana University Press, стр. xxv, ISBN 978-0-253-22105-6 Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  2. SANTAYANA, George. Who's Who,. 59: 1555. 1907.CS1-одржување: излишна интерпункција (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]