Фуџи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Фуџи
富士山
01 Fujisan from Yamanakako 2004-2-7.jpg
Фуџи над езерото Јаманака
Надм. вис. 3.776 м [1][2]
Истакнатост 3776 м[1]
35-та
Заведена како највисока во земјата, ултра, 100 прочуени планини на Јапонија
Местоположба
Фуџи се наоѓа во Јапонија
Фуџи
Чибу, Хоншу, Јапонија
Координати 35°21′28.8″ СГШ 138°43′51.6″ ИГД /  [2]
Геологија
Тип стратовулкан
Последна ерупција 1707-08 г.[3]
Искачување
Прво освојување 663 г. од непознат монах
Најлесна патека планинарење

Фуџи или „Фуџијама“[4] (јапонски: 富士山, трск. фуџи-сан) — планина на островот Хоншу, највисока во Јапонија со 3.776,24 м.[1] Планината е активен стратовулкан[5][6] кој последен пат избувнал во 1707–08 г. Се наоѓа 100 км југозападно од Токио и се гледа од градот при ведри услови. Има особено симетричен облик, и врвот е покриен со снег неколку месеци во годината. Планината е мошне позната како симбол и присутна во разни уметнички дела, и се вбројува во „трите свети планини“ на Јапонија (заедно со Тате и Хаку). Ужива популарност кај планинарите и посетителите, и е прогласена за место од историско значење и природна убавина. Во 2013 г. добила статус на светско наследство на УНЕСКО како културно богатство [7] како место на вековна инспирација за уметници и поети и место на поклонение. Меѓу посетуваните места на и околу планината се вбројуваат светилиштето Фуџисан Хонгу Сенген Тајша и шест други шинтоистички светилишта, два планинарски дома, езерата Јаманака, Кавагучи, осум топли извори (Осихо Хакај), дрва скаменети од лава, остатоци од култот на планината (Фуџи-ко) во пештерата Хитоана, водопадите Ширајто и боровата корија Михо но Мацубара.[8]

Планината претставува и инспирација за хаику-стихозбирката во „Гулаби над Фуџи“ (2011) од македонскиот писател Александар Кујунџиски.[9][10]

Историја[уреди]

Фуџи има правилно обликувана вулканска купа и поради привлечниот изглед честопати се јавува во јапонската уметност, особено по 1600 г, кога градот Едо (денес Токио) станал престолнина. Најпознати дела на кои се јавува Фуџи се „Триесет и шест погледи на планината Фуџи“ од Кацушика Хокусај и неговите „Сто погледи на планината Фуџи“. Планината се споменува во книжевноста низ вековите и е опеана во поезијата.

Се смета дека планината прв ја искачил непознат монах во 663 г. Врвот важел за свето место и бил забранет за жени сè до периодот Мејџи. Во далечното минато, подножјето на планината служело како оддалечено место за обука на самураите (кај денешна Готемба). Во подрачјето на планината, шогунот Минамото но Јоритомо одржувал коњички стрелечки турнири (јабусаме) во почетокот на камакурскиот период (XII-XIV век).

Прв странец што ја искачил планината бил британскиот дипломат Радерфорд Олкок во септември 1868 г.,[11]:427 кој воедно ја популаризирал на западот.[11]:421-7 Прва жена од странство што ја искачила планината била Фани Паркс, сопругата на британскиот амбасадор Хари Паркс (1869).[12] Истата година на врвот се искачил и познатиот фотограф Феличе Беато.[13]

Географија[уреди]

Планината Фуџи е мошне препознатлив елемент во географијата на Јапонија. Висока е 3776,24 м и сместена е недалеку од брегот на Тихиот Океан во средишниот дел на Хоншу, западно од Токио. Расположена е на границата на префектурите Шизуока и Јаманаши и окружена со три помали града: Готемба на исток, Фуџијошида на север и Фуџиномија на југозапад. Во околината има и пет езера: Кавагучи, Јаманака, Сај, Мотосу и Шоџи.[14] Планината е дел од националниот парк Фуџи-Хаконе-Изу.

Клима[уреди]

Врвот на планината има тундранска клима (Кепен: ET), со мошне ниска температура и снег неколку месеци во годината. Најниската забележана температура изнесува −38,0 °C (февруари 1981), а највисоката е 17,8 °C (август 1942).[15]

Геологија[уреди]

Геолошки пресек на вулканот
Облакодери во Токио и Фуџи во позадина
Планината Фуџи со воз „Шинкансен“ и расцветани јапонски цреши во преден план

Фуџи се наоѓа на тромеѓето на Амурската, Охотската и Филипинската плоча кои опфаќаат три дела од земјата: западниот, источниот и полуостровот Изу.

Планината настанала четири фази. Првата се состои од андезитно јадро длабоко во планината, по што следи базалтен слој создаден пред неколку стотини илјадници години. Пред околу 100.000 години се појавил претходниот облик на планината. Денешната планина се образувала врз него пред околу 10.000 години.[16]

Денес вулканот е активен, но со низок ризик од избувнување. Последната ерупција се случила 16 декември 1707 г. и траела до 1 јануари 1708 г., за време на периодот Едо.[17] Со ова е создаден нов кратер на половина пат по страната на планината. Исфрлената жар и пепел паѓала како дожд во покраините Изу, Кај, Сагами и Мусаши.[18] Оттогаш до денес планината не дава знаци на избувнување.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 „富士山情報コーナー“. Постројка „Сабо“ на Фуџи. http://www.cbr.mlit.go.jp/fujisabo/fuji_info/fuji_info-top.html.  (англиски)
  2. 2,0 2,1 Станицата за триангулација е 3775,63 м. „Служба за проверка на информациите на станицата за триангулација“. Управа за геопросторно информирање на Јапонија (甲府-富士山-富士山). http://sokuseikagis1.gsi.go.jp/. конс. 8 февруари 2011.  (јапонски)
  3. „Фуџи: Историја на избувнување“. Програм за глобален вулканизам — Смитсонова установа. http://www.volcano.si.edu/world/volcano.cfm?vnum=0803-03=&volpage=erupt.  (англиски)
  4. „Фуџијама“ е застарено западно име кое е нестандардно во јапонскиот јазик
  5. „Активни вулкани во Јапонија“. Геолошка служба на Јапонија (AIST). http://riodb02.ibase.aist.go.jp/strata/VOL_JP/EN/act_map.htm. конс. 25 мај 2011. 
  6. „Фуџи“. Енциклопедија „Британика“. http://www.britannica.com/EBchecked/topic/221527/Mount-Fuji. конс. 17 октомври 2009.  (англиски)
  7. Планината Фуџи во Јапонија прогласена за светско наследствоChannel NewsAsia (англиски)
  8. „Фуџисан — свето место и извор на уметничка: карти“. „Светско наследство“. УНЕСКО. http://whc.unesco.org/en/list/1418/multiple=1&unique_number=1883. конс. 4 јули 2013.  (англиски)
  9. „Гулаби над Фуџи“, најнова збирка на Александар КујунџискиМТВ, 7 ноември 2011
  10. Гулаби над Фуџи : (154 хаику песни). Александар Кујунџиски. Скопје: Антолог, 2011. — библиографски запис во каталогот на НУБСК
  11. 11,0 11,1 Alcock, Rutherford (1863). „The Capital of the Tycoon: A Narrative of Three Years Residence in Japan“. I. London: Longman, Green, Longman, Roberts & Green. http://books.google.com/?id=79QMAAAAIAAJ&dq=alcock+Tycoon. 
  12. Cortazzi, Hugh et al. Britain and Japan, 1859-1991, стр. 99-100.
  13. Tucker, Anne Wilkes; et al (2003). „The History of Japanese Photography“. стр. 30. ISBN 978-0-300-09925-6. http://books.google.com/?id=gQkHWBEbFxIC&pg=PT56&lpg=PT56&dq=felix+beato+mount+fuji#PPT56,M1. 
  14. „Фуџи“. Програм за глобален вулканизам — Смитсонова установа. http://www.volcano.si.edu/world/volcano.cfm?vnum=0803-03=.  (англиски)
  15. „Рекордни годишни температури“. Метеоролошка агенција на Јапонија. http://www.data.jma.go.jp/obd/stats/etrn/view/rank_s.php?prec_no=49&prec_ch=%8ER%97%9C%8C%A7&block_no=47639&block_ch=%95x%8Em%8ER&year=&month=&day=&elm=rank&view=. конс. 29 јуни 2008.  (јапонски)
  16. Во планината Фуџи откриен трет прастар вулкан“, „Japan Times“, 4 април 2004. (англиски)
  17. Избувнувањето на Фуџи — Универзитет на Шикуока
  18. Hayashi Gahō (1652). „Siyun-sai Rin-siyo“. „Nipon o daï itsi ran“. http://books.google.com/books?id=Cg8oAAAAMAAJ&printsec=titlepage&dq=editions:OCLC63259938#PRA1-PA416,M1. 

Надворешни врски[уреди]