Филип (ѓакон)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Филип или Филип Евангелист (грчки: Φίλιππος) — се појавува неколку пати во Делата на светите апостоли. Бил еден од Седумте избрани да се грижат за сиромашните од христијанската заедница во Ерусалим (Дап. 6). Тој проповедал и наводно чинел чуда во Самарија, сретнал и крстил Етиопјанец, евнух, на патот од Ерусалим до Газа, што традиционално се смета за почеток на Етиопската црква (Дап. 8:26-39). Подоцна, Филип живеел во Приморска Цезареја со своите четири ќерки кои пророкувале, каде што го посетил апостол Павле (Дела 21:8-9).

Новиот завет[уреди | уреди извор]

Филип за првпат се споменува во Делата на светите апостоли (Деп. 6:5) како еден од „седумте ѓакони“ кои биле избрани да се занимаваат со одредени секојдневни работи на црквата во Ерусалим како последица на приговорите на елинистите против Евреите.

По маченичката смрт на Стефан, отишол во „градот Самарија“, каде што проповедал со голем успех, а Симон Врачот бил еден од неговите преобратеници. После тоа, ангелот Господов му рекол да оди на пат меѓу Ерусалим и Газа. Таму поучил и крстил етиопски евнух; потоа бил „однесен“ од Духот и „бил пронајден во Азот“ (Ашдод); а потоа „минувајќи проповедал по сите градови додека не дошол во Цезареја“ (одд. 8).

Неколку години подоцна, според Делата (Дел. 21:8-9), каде што е опишан како „евангелист“ (поим што се користи во Новиот завет, освен овде, само во Посланието до Ефесјаните (Ефес. 4:11; 2. Тим. 4:5), тој ги угостил апостол Павле и неговиот придружник на патот за Ерусалим. Во тоа време, „имал четири ќерки, девици, кои пророкувале.

Традиција[уреди | уреди извор]

Диптих од витражот кој го прикажува крштевањето на етиопскиот евнух од страна на Свети Филип Евангелистот и на Исус Христос од страна на Свети Јован Крстител, Катедрала на овоплотувањето, Гарден Сити, Њујорк.

Во раниот период, дошло до забуна со апостол Филип. Забуната биладотолку полесна затоа што, како ценет член на апостолската дружина, тој лесно можел да се опише како апостол во поширока смисла на зборот, надвор од првичните 12 апостоли.[1] Подоцното предание го опишува како се населил во Тралес во Анадолија, каде што станал епископ на таа црква.

„Свети Филип Ѓаконот“ се празнува на 11 октомври во православните, католичките,[2] лутеранските [3] и англиканските [4] цркви. Освен тоа, во Православната црква Филип се вбројува меѓу седумдесетте апостоли и се споменува како протоѓакон, кој се празнува на 4 јануари.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Salmon, George (1894). A historical introduction to the study of the books of the New Testament (7th. изд.). стр. 313-.
  2. Martyrologium Romanum (Editio Altera. изд.). Typis Vaticanis. 2004. OCLC 254598655.
  3. Kinnaman, Scot A.; Lane, Laura L. (2010). Lutheranism 101. Concordia Publishing House. стр. 278. ISBN 978-0-7586-2505-2.
  4. Lesser Feasts and Fasts 2018 (англиски). Church Publishing, Inc. 2019-12-17. ISBN 978-1-64065-235-4.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]