Мугри

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мугри - македонска литературна дружина.

Историјат[уреди | уреди извор]

На основањето на „Мугри“ му претходеле активностите на Спасе Шуплиновски во Прилеп и во Битола. Додека учел во Прилеп, тој учествувал во литературните читања, организирани од Бранко Илиевски - Бабето, а по преселбата во Битола, во гимназијата „Јосип Броз Тито“ била формирана литературна дружина, под водство на професорот по македонски јазик, Кочо Попов. Во дружината членувале и Петре М. Андреевски, Слободан Мицковиќ - Бобо итн. Истовремено, во Учителската школа имало друга литературна дружина, во која членувале Јозо Т. Бошковски, Петар Т. Бошковски итн., а набргу била основана Градска литературна дружина, чиј прв претседател бил Спасе Шуплиновски. Во 1956 година, Шуплиновски се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје на којшто не постоела литературна дружина. [1]
Литературната дружина „Мугри“ е основана во учебната 1956-1957 година, во универзитетската зграда, којашто во тоа време се наоѓала на брегот на Вардар, во непосредна близина на сегашниот хотелХолидеј Ин“. Иницијатори за создавање на дружината биле Спасе Шуплиновски, Ѕвонко Стојановиќ и Благоја Стефановски. Во врска со основањето, на 14 декември 1956 година, Ѕвонко Стојановиќ запишал во својот дневник: „Јас, Благојче Стефановски и Спасе Шуплиновски сме во фаза на конституирање една нова поетска групација со пошироки видици и хоризонти и со врвни современи еквиваленти на поезија и проза. Тие ќе бидат нов одглас на литературната мисла во Македонија, а ќе имаат космополитска интонација. Групацијата ќе ги собира околу себе сите млади творечки сили, без разлика на кој славјански јазик пишуваат. Ми се јавија многу млади литерати затоа што го спомнав како духовна потпора нашиот творечки еминент Блаже Конески“. Притоа, според спомените на Ѕвонко Стојановиќ, идејата на тројцата иницијатори била поддржана од Харалмпие Поленаковиќ, Јордан Леов и Венко Марковски (со кого Стојановиќ живеел во истата зграда).[2]
Според сеќавањата на Петре М. Андреевски и Светлана Шопова, веднаш по основањето, во дружината „Мугри“ учествувале: Петре М. Андреевски, Јован Котески, Даница Ручигај, Љубен Ташковски, Радован Павловски, Гордана Михаилова - Бошњаковска, Иван Чаповски, Радмила Милошевска, Бранко Станчевски, М. Кнежевиќ, Миле Марковски (синот на Венко Марковски), некоја Гордана од Штип и други. Според Ѕвонко Стојановиќ, членови и помагатели на „Мугри“ биле и: Симон Дракул, Драгица Најчевска, Илхами Емин, Добрила Ѓурчиновска, Родна Кавазова, Тамара Гордова - Арсова, Боро Андов и други, а најсилен поттик давал Јордан Леов. Илхами Емин го споменувал и ангажманот на Михо Атанасовски, Зоран М. Јовановиќ, Евгенија Шуплинова, Бистрица Миркуловска, Матеја Матески, Благој Иванов и Благоја Стефановски.[3]
Од непознати причини, во 1959 година, дружината била преименувана во „Мугри 59“, чии основачи, според Иван Чаповски, биле: Верољуб Андоновски, Мето Петровски, Иван Чаповски, Бранко Стојановски, Гордана Михаилова - Бошњаковска, Мирољуб Стојановиќ од Ниш, Кирил Бујуклиев, Аце Миленковски и Зоран Павловиќ од Приштина. Според кажувањата на Гордана Михаилова - Бошњаковска, таа членувала во „Мугри 59“ од 1960 до 1963 година.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Спасе Шуплиновски, „Догодина 50 години Мугри“, Мугри, Алманах бр. 10. Скопје: Сојуз на студенти на Филолошкиот факултет, 2005, стр. 113-114.
  2. Спасе Шуплиновски, „Догодина 50 години Мугри“, Мугри, Алманах бр. 10. Скопје: Сојуз на студенти на Филолошкиот факултет, 2005, стр. 113.
  3. Спасе Шуплиновски, „Догодина 50 години Мугри“, Мугри, Алманах бр. 10. Скопје: Сојуз на студенти на Филолошкиот факултет, 2005, стр. 113.
  4. Спасе Шуплиновски, „Догодина 50 години Мугри“, Мугри, Алманах бр. 10. Скопје: Сојуз на студенти на Филолошкиот факултет, 2005, стр. 113.