Жар-птица
|
|
Оваа статија не наведува никакви извори. (август 2010) Ве молиме помогнете со тоа што ќе додадете наводи до веродостојни извори. Непроверливата содржина може да биде изменета или отстранета. |
Жар-птицата, во словенскиот фолклор е магична птица која свети и доаѓа од далечна земја, а воедно е и благослов и носител на несреќа на оној кој ќе ја фати.
Жар-птицата е речиси секогаш опишана како огромна птица со прекрасни перја кои зрачат со црвена, портокалова и жолта светлина, како голем оган на кој само што му се скротил пламенот. Перјата не престануваат да светат дури и кога се скинати, и ако не е покриен, еден пердув може да осветли една голема соба. Во подоцната иконографија, жар-птицата е претставена како мал паун со огнени бои, кикиритка на главата и „очи што светат“ на пердувите на опашката.
Жар-птицата во приказните најчесто е предмет на макотрпна потрага. Потрагата обично започнува со наоѓање на изгубен пердув од опашката на жар-птицата, по што јунакот, понекогаш по своја волја, но најчесто по заповед на својот татко или царот, тргнува да ја бара жар-птицата за да ја фати и донесе жива. Жар-птицата е чудо по кое многумина копнеат, и јунакот иако отпрвин е магепсан од нејзиниот волшебен пердув, на крај ја обвинува за неговите маки.
Приказните за жар-птицата се држат до класичната шема на народните приказни, со пердувот како предупредувачки симбол за тежок пат, со среќавање на магични помошници кои помагаат при трагањето и фаќањето на птицата, и враќање на јунакот од далечната земја со пленот. Најпопуларната верзија на оваа тема е приказната „Принцот Иван, жар-птицата и сивиот волк“.
Приказната за потрагата по жар-птицата инспирирала литературни дела како што е „Малиот коњ грбавко“ на Петар Ершов. Композиторот Стравински на почетокот од кариерата постигнал успех со големата балетска изведба „Жар-птица“.
Концептот за жар-птицата има паралели во иранските легенди за магичните птици, во приказната „Златната птица“ од браќата Грим и руските магични птици како што е сиринот. Концептот за потрагата е мошне сличен со оној во ерменската приказна „Хазаран б`лбул“ (Hazaran Blbul, што во превод значи жар-птица). Меѓутоа, во ерменската приказна птицата не свети, туку кога таа пее, целата земја околу неа цвета. Во чешкиот фолклор оваа птица е наречена Птак охнивак (Pták Ohnivák) и се јавува во една од приказните на Карел Јаромир Ербен, во која исто така е предмет на макотрпна потрага. На почетокот на приказната птицата краде магични златни јаболка од кралот, па затоа кралските слуги одат во потрага по неа, со цел да ги заштитат скапоцените јаболка.
Приказната за жар-птицата постои во повеќе различни форми. Во некои приказни, жар-птицата е претставена како мистична птица која лета околу царскиот двор, а навечер се спушта во дворот и ги јаде сите златни јаболка на царот. Во други е претставена само како птица која лета наоколу и им дава надеж на оние на кои им е потребна. Според оваа легенда, кога жар-птицата лета, очите ѝ блескаат и бисери ѝ паѓаат од клунот. Бисерите паѓаат во селата, па селаните добиваат богатство со кое тргуваат. Во најчестата верзија на легендата, царот им заповедува на своите три сина да ја фатат жар-птицата која постојно ги јаде неговите јаболка. Златните јаболка се наоѓаат во градината на царот и секој што јаде од нив добива младост и сила. Синовите не успеваат да ја фатат птицата, но успеваат да ѝ скинат еден пердув кој навечер свети. Кога го носат пердувот во темна соба, таа целосно се осветлува. Мистеријата на овој пердув ги исполнува со светлина срцата на луѓето веќе многу години.
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Жар-птица“ |
|
|||||||||||||||||||