Триглав (бог)

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Триглав бил еден од најмоќните богови во словенската митологија, посебно почитуван кај Балтичките Словени, во Штетин и Волин. Тој се споменува во сите три житија на бармбершкиот епископ Отон, од раниот 12 век.

Авторот на едно од житијата, Ебо, вели:

Штетин ... беше наоколу затворен со три брда, од кои средното, кое е и најголемо, му е посветено на паганскиот бог Триглав, а таму имало и Триглавов кип, на кој очите и устата му биле покриени со златен превез; свештениците на тој кумир толкуваат дека нивниот најголем бог има три глави, зашто владее со трите царства, т.е. со небото, земјата и пеколот, а очите и устата му се прекриени со превезот бидејќи се преправа како да не сака да ги види и дознае гревовите на луѓето.

Се забележуваат одредени сличности меѓу Триглав и Световид, па може да се претпостави дека, во основа, станува збор за исто божество. И Триглав, исто како и Световид, е ноќен коњаник, но за разлика од него, тој има црн коњ. На богот му бил посветен и храм, во кој му биле принесувани дарови и воен плен - последново бездруго говори за неговите воени карактеристики. Неговиот коњ се користел за гатање, од што зависело дали ќе се преземаат воени дејствија или не. За тоа ни сведочи Хербордовото житие на Отон:

Кога требало да се преземе некој сувоземен поход, положуваат најпрво наземи девет ниви копја, на еден лакот далечина едно од друго. Свештеникот тогаш го води заузданиот и оседлан коњ, го држи за узда и трипати го тера во двата правци да прејде преку копјата. Ако притоа минувајќи не допре ниедно копје, тогаш претскажувањето е среќно и може да се преземе поход. Во спротивен случај, се откажуваат од намерите.

Иако кај Триглав се обединети соларните и воените особини, сепак, некои истражувачи сметаат дека неговата троглавост е настаната под влијание на христијанството, неговите влијанија и поимите за тројството. Споменот за него е зачуван во името на врвот Триглав во Словенија, а Танас Вражиновски забележува дека може (но и не мора) топонимот Трибор во Мариово да се поврзе со овој бог. Вражиновски додава дека овој бог, под името Трибор, се споменува и во една српска народна песна, во која тој на девојките им советува да се љубат, плодат, растат итн., а помалку да умираат, што укажува на него како на бог-седател, бог на животот и радоста, a со тоа и на сонцето и светлината.

Литература[уреди]

1. Вражиновски, Танас: Народна митологија на Македонците

2. Vasiljev, Spasoje: Slovenska mitologija

3. L. Leže: Slavenska Mitologija