Баба Рога

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Баба Рога од Виктор Васнецов.

Баба Рога или Баба Јага (руски - Ба́ба-Яга́, украински- Баба Яга, српски - Баба Рога, бугарски - Баба Яга, полски, чешки, словачки - Baba Jaga, хрватски - Baba Roga, словенечки - Jaga Baba) — суштество во словенскиот фолклор, налик на вештерка, која лета наоколу на метла и грабнува (и јаде) мали деца. Во повеќето словенски приказни, таа е окарактеризирана како антагонист; но, постојат и неколку ретки митски народни приказни каде луѓето ја бараат заради нејзината мудрост, и водство на изгубените души.

Етимологија[уреди]

Името варира од јазик до јазик - од „Баба Јага“ во чешки, словачки, руски, бугарски и украински, преку варијациите „Јежибаба“ и инвертното „Јага Баба“ (во словенечкиот јазик), до „Баба Рога“, термин кој најмногу го користат јужнословенските народи (Хрватска, Босна, Србија и Македонија).

Фолклор[уреди]

Василица Прекрасна и куќата на Баба Рога, од Иван Билибин.

Во руските приказни, Баба Рога е грда стара жена, која лета на стап и живее во куќа што може да се движи на нозе од кокошка, а клучалката е уста со остри заби. Постојат и легенди во кои се вели дека вратата не се отвора додека не се кажат магични зборови.

Во приказните за „Василица Прекрасна“ куќата е поврзана со тројца јавачи: еден на бел коњ со бела опрема, кој е Денот; еден црвен јавач, кој е Сонцето; и еден во црно, кој ја претставува Ноќта. Баба Рога ја служат невидливи слуги внатре во куќата. Може да го убие посетителот ако ја праша за слугите.

Во полските приказни, Баба Рога се разликува во неколку детали, како на пример во тоа дека куќата има само една нога од кокошка. Страшните вештерки кои живеат во куќа од колачиња исто така се нарекуваат „Баба Роги“. Полската Баба Рога лета на метла, се облекува во црно-црвена народна носија, која се поврзува со легендарните вештерски Сабати на планината Лиза Гора.

Во некои приказни, јунакот се среќава не со една, туку со три Баба Роги, кои често се претставени како добродушни, и на јунакот му даваат совет или магиски подарок.[1]

Складиште, Стокхолм, Шведска.

Александар Пушкин во предговорот на неговата поема Руслан и Људмила ја опишува куќата на Баба Рога: „куќичка на нозе од кокошка... без прозорци и без врати“.

Номадските ловечки племиња во Сибир, во Тунгузија, како и племињата од финско-уралската област граделе таков тип на куќи за да се заштитат од ѕверовите и другите животни за време на долгиот период на отсуство. Во слични но помали градби сибирските пагани ги чувале фигурите од своите божества.

Постојат показатели дека древните Словени имале погребна традиција за кремирање на мртвите во куќичка од ваков вид. Во 1948 година, руските археолози Ефименко и Третјаков откриле малечки куќи од овој вид со остатоци од крематориум на лешеви. Ова се смета за уште една можна поврзаност со митот за Баба Рога.[2][3]

Баба во јужнословенската митологија[уреди]

Баба во старословенските верувања таа претставувала демонско битие. Со овој термин еуфемистички се нарекувало и старото женско божество со хтонични особини кај јужнословенските народи. Името на тоа божество е непознато најверојатно поради стравопочитување (вообичаено за верува њата на старите Словени имињата на таквите божества не се спомнувале, бидејќи со тоа се повикувло злото), но еуфемистичкото име баба е силно запомнето, особено во топонимите; го носат три планини: во Херцеговина, Србија, Македонија, постојат уште многу други називи на висорамнини, планински врвови, села: Тресибаба, Мучибаба, Бабин Зуб, Бабина Река, Бабино Езеро, Бабин Дуб, Бабино, Бабетац, Бабинац и др. И имињата на билките некаде го носат овој еуфемизам.

Во Босна се верувало дека во секоја дупка или пештера живее 'дивија баба' која во своето дувло ги има сите потребни садови и ги врши секојдневните работи, а рацете и се постојано посолени со брашно (елемет што насочува дека се работи за демон на плодноста), во Тимочката Краина се меси погача која ја нарекуваат баба, во очи на крсна слава таа се поставува на масата и таму останува сè додека трае славата. Во Шумадија се месат мали лепчиња - бабурици и се даваат за покој на душата по погребот. Во Бугарија болестите се замислувале како стари баби кои одат низ светот ширејќи ја болеста.

Во маскирните обреди кои се изведувале на Белите поклади во Рисан, еден учесник бил маскиран како баба и го нарекувале ’дедова баба / ѓедова баба’ тој носел дете во рацете (кукла). Оваа баба во Црна Гора се нарекува и Баба Руга, името доаѓа од зборот ‘ругање’. Покладни сватови е обичај посветен на машките претци, а појавувањето на бабата - женскиот предок е поврзано со култот на плодноста.

Во Југозападна Бугарија во времето на нечистите дни 'бабугери'- младите мажи се маскираат во животински кожи, врзуваат ѕвона околу себе, носат дрвени сабји и танцувајќи низ селата ги повикуваат божествата да донесат плодност. Во некои краишта во Србија лепчињата за задушница (во сабота) ги нарекуваат бабице, во Македонија во некои делови коледарите (кои претставуваат души на претците) се нарекуваат бабари, во лесковачките села, Србија, последниот ден од славата (патерица) се нарекува баба. Во јужна Србија патерица се нарекува женска слава, во Кичевско е забележена прослава на женски водици, чие празнување укажува на пагански елементи и почит кон духот на женскиот предок.

Спред толкувањето на Дубравка Угрешиќ во нејзиниот роман „Баба Јага снесе јајце“, гледано од феминистички аспект, Баба Јага или Баба Рога не е ништо друго освен претставување на старата жена преку сите нејзини особини што општеството ги изолира и не ги прифаќа како особини на една жена.

Види исто така[уреди]

Наводи[уреди]

  1. W. R. S. Ralston Songs of the Russian People Section III.--Storyland Beings
  2. Boris Rybakov|Рыбаков Б.А., "Язычество Древней Руси" (1987) Moscow, Nauka
  3. Ефименко П. П., Третьяков П. Н. Курганный могильник у с. Боршева. МИА, № 8. М.; Л., 1948, рис. 37-42.)

Напредно читање[уреди]

  • Maria Tatar (2002) "The Annotated Classic Fairy Tales", ISBN 0-393-05163-3 p. 175
  • Гордана Стојковска, „Речник на јужнословенска митологија“, 2004, Издавачки центар Три, Скопје