Наречница

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Наречница, суѓеница, орисница, роѓеница, суѓаја е термин со кој се означувале митските битија кои ја претскажувале судбина на новороденче. Тие живееле вечно, а нивниот дом бил на ‘крај на светот’. По народните верувања тие најчесто доаѓале на третиот, првиот или седмиот ден од раѓањето на детето. Се верувало дека постоеле три наречници; најстарата била зла и посакувала смрт, помладата физички недостатоци, а најмладата била најмилозлива и таа вршела влијание врз другите, таа прорекувала колку ќе живее детето, кога и кого ќе избере за брак, од што ќе боледува, колку среќа ќе има и др. Во некои делови на Бугарија постоело верување дека се постоела само една наречница. Нарекувале стоејќи до главата на детето, а најстарата сепак имала моќ да пресуди. Тие биле облечени во бела облека, едната од нив носела запалена боринка. Под влијание на христијанството во некои краишта се верувало дека тие нарекувале по наредбата на господа. Според другите верувања тие биле неумоливи и кога ќе решеле за нечија судбина ниту светци, ниту бог можеле да им ја сменат одлуката. Исто така постоело верување дека некој од најблиските кој го слушнал нарекувањето можел да се спогоди со наречниците и да отстапи половина од својот живот за новороденото.

Во ноќта кога се очекувало доаѓањето на наречниците во домот се приредувале подготовки, мајката и детето таа ноќ биле заштитувани од акушерката/ бабицата која по верувањата не требало да заспие таа ноќ. за наречниците се оставела жртва: погача, вино, мед, босилек, златни или сребрени пари, се со цел да се одоброволат. Бидејќи тие биле три во некои краишта се оставале по три жртви, дететоп се виткало во три пелени, појасот бил обвиткан околу детето во три круга, му се давале три имиња на детето пред да се избере вистинското, во собата гореле три свеќи и сл. Се верувало дека мајката во сон дознава за нивните одлуки, но дека е најчесто немоќна или несвесна за иднината на детето.

Во Охридско постоело верување дека наречниците влегувале низ оџак. Тие седнувале до огништето и ја пределе нитката на животот на детето, додека ја го пределе конецот тие му ја нарекувале неговата судбина, во тој миг било најважно никој да не ги вознемири, за да не им се скине конецот или да не се налутат. Од должината на тоа предиво зависела и должината на животот на детето. Според некои преданија и самовилите имале моќ да влијаат врз судбината на човекот.

Користена литература[уреди]

  • Гордана Стојковска, „Речник на јужнословенска митологија“, 2004, Издавачки центар Три, Скопје ISBN 9989-918-97-X.