Жан Антелм Брија-Саварен

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Жан Антелм Брија-Саварен
Насловната страница на „Физиологија на вкусот“, издание од 1848 г.

Жан Антелм Брија-Саварен (француски: Jean Anthelme Brillat-Savarin; 1 април, 1755, Беле, Франција - 2 февруари, 1826, Париз, Франција) — француски правник и политичар, кој се прославил како епикуреец и гастроном. Заедно со А.Б. Гримо се смеа за основач на гастрономскиот жанр во пишувањето.

Роден е во гратчето Беле, Ен, каде во тоа време реката Рона ја делела Франција од Савоја, во правничко семејство. Учел право, хемија и медицина во Дижон, а потоа работел како правник во родното место. Во 1789, на почетокот на Француската револуција бил пратен како заменик на Народното собрание, набргу променето во Национално уставотворно собрание, каде донекаде се стекнал со име, особено заради неговиот јавен говор во одбрана на смртната казна. Второто презиме Саварен го земал од тетка си, која пред својата смрт му го оставила сето свое богатство под услов да го додаде и нејзиното презиме.

Подоцна за време на револуцијата по него се распишала и потерница, па така Брија-Саварен пребегал во Швајцарија. Потоа се преселил во Холандија, а потоа во новосоздадените Соединети Американски Држави, каде останал три години во Бостон, Њујорк, Филаделфија и Хартфорд, издржувајќи се со давање на часови по француски и виолина. Извесно време бил и прва виолина во Парк Тиатер во Њујорк.

Се вратил во Франција за време на Директоратот во 1797 г. и бил поставен за судија во Касацискиот суд, каде работел до крајот на животот. Издал неколку книги на тема право и политичка економија. Никогаш не се оженил, туку бил во врски, а љубовта ја сметал за шесто сетило.

Неговото најпознато дело, „Физиологија на вкусот“ (Physiologie du goût) е издадено во декември 1825, два месеца пред неговата смрт. Полниот наслов е Physiologie du Goût, ou Méditations de Gastronomie Transcendante; ouvrage théorique, historique et à l'ordre du jour, dédié aux Gastronomes parisiens, par un Professeur, membre de plusieurs sociétés littéraires et savantes.[1]

Ова дело, иако опширно и премногу — и понекогаш двосмислено — афористичко и аксиоматско, останува од огромно значење и предмет на анализи од смртта на авторот, наваму. Ова се низа размисли („медитации“) донекаде налик на Монтењовите есеи, со говорен ритам на едно неизбрзано време на интелектуални подвизи. Тука Брија-Саварен расправа за задоволствата на трпезата, кои тој ги смета за наука. Неговите домашни модели биле стилистите од „стариот режим“: Волтер, Русо, Фенелон, Бифон, Кошен и Дагесо. Освен латинскиот, зборувал и пет современи јазици, и не се стегал тоа да го покаже во соодветни прилики. Никогаш не колебал да позајми збор, како на пример англискиот sip (голткичка) кога францускиот не можел да му послужи во дадената ситуација.

Брија-Саварен бил вистински следбеник на филозофијата на Епикур; него го задоволувало и наједноставно јадење, доколку било создадено со творечки дух:

Оние кои страдаат од тешко варење, или кои се пијанат, се наполно неуки за вистинските начела на јадењето и пиењето.

Мисли[уреди]

Брија-Саварен го споредувал повкусот или аромата на храната со музичкi енхармонизам (Размисла ii): „но споредено со мирисот одзади во устата, сетилото за вкус е тапо и неодредено.“

Меѓу попознатите негови изреки е онаа што гласи: „Кажи ми што јадеш, па ќе ти кажам што си.“

Како страстен љубител на сирењата, Брија-Саварен забележал: „Ручек без сирење е како убава жена со само едно око“.

Според Брија-Саварен, „Октривањето на ново јадење му дава повеќе среќа на човештвото, од откривањето на нова ѕвезда.“

Влијание[уреди]

Сирењето „Брија-Саварен“ и гатото „Саварен“ се наречени во негова чест.

Брија-Саварен се смета за таткото на нискојаглехидратната исхрана. Сметал дека шеќерот и белото брашно се причинители на дебелина и наместо нив поредложил употреба на високобелковински состојки.

Белешки[уреди]

  1. „Физиологија на вкусот, или Размисли за трансцедентната гастрономија: теоретско, историско и тематско дело, посветени на гастрономите во Париз од професорот, член на неколку книжевни и научни друштва“

Надворешни врски[уреди]