Боре Ангеловски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Боре Ангеловски
1. Portret na Bore Angelovski.jpg
Македонски драмски уметник
Роден 25 февруари 1944
Велес, Македонија
Починал 14 јуни 2009
Велес, Македонија
Познат човекот кој прв пат го поставува Бекет на македонската театарска сцена и основач на Театарот Чекори - Скопје
Занимање актер, режисер, сценограф и педагок

Боре Ангеловски или Борис Ангелков (Велес, 25 февруари 1944 - Велес[1], 14 јуни 2009) бил истакнат и најдоследен театарски деец во Македонија, актер, режисер, преведувач, сценограф, костимограф, театарски педагог, театарски теоретичар, бекетолог, основач и уметнички раководител на Младинско Драмско Студио - Велес, основач и уметнички раководител на Театар Чекори - Скопје, икона на драмскиот аматеризам и театарската алтернатива во Република Македонија и поранешна Југославија, првенец во сите домени и аспекти на театарската уметност, комплетна театарска личност, театарски фанатик. Како етичко-естетска поставеност, Боре Ангеловски е доајен и пионер на театарот на апсурдот во Република Македонија, поборник и следбеник на неконвенционалниот пристап кон создавањето на комплетен театарски чин, вечен експериментатор, иноватор и револуционер на комплексниот театарски израз[1].

Рани години[уреди]

Боре Ангеловски на 6 години

Боре Ангеловски е роден на 25 февруари 1944 год. во Велес, Македонија [2]. Основно и средно образование завршува во родниот град.

Уште како дете прави мал маалски театар Sвезда, во задниот двор на семејната куќа, во кој заедно со останатите деца од маалото изведуваат циркуски трикови (одење по јаже, држење стол на чело, на брада), пејат, танцуваат, рецитираат, прават куклени претстави во стара кочина за свињи, играат скечеви, приказни.

Во градот пристигнува циркус. Подзамижувам со очите и во главата ги имам сите бои, сите светла, сите луѓе, сите животни, каква свечена светковина. Нелие планетава еден голем, шарен циркус, вечно свечен под небесната sвездена цирада. Коњите се отмени и горди, лавовите исто така, под услов да не ги навредите, а кловновите во секое време прават кловнови од себе. Дали навистина се луѓето - мајтапџии или под маската носат некое друго лице[3]

На шест години зема прва награда за јавен настап пред работниците на УНР-а. Големо влијание врз Боре Ангеловски во тој период има Трајко Чорев (таткото на Благоја Чоревски) [2] , познат македонски актер. Тој, освен што му го продлабочува детскиот занес за театар во афинитет, му отвора нови видици за бесценетоста на убавината, за бесмислата на материјалистичката практичност, за театарот како животна определба.

Втората личност која влијае во доизградувањето на личноста Боре Ангеловски е Надежда Петровна, или како тој ја нарекува - бабушкa. Надежда Петровна е руска учителка, која во тоа време живее и работи во Велес. Таа го запознава со целокупната руска литература: Пушкин, Тургењев, Гогољ, Достоевски, Лермонтов... [2] му ја распламтува љубовта, не само кон поезијата и литературата, туку кон уметноста воопшто.

Ваквите влијанија во комбинација со вродената љубопитност и истрајност доведуваат, со тек на време, детскиот занес да стане конкретна определба во 1959 год. кога Боре Ангеловски станува дел од екипата на Народниот театар во Велес [2].

Невидлив е. Не барај го. Тој не се наоѓа. Постои, а не постои. Го слушаш, а го нема. Ќе ја крене клепката - се крева завесата. Играта почнува, а него го нема. И не од вчера, и не од завчера - од раѓање. А тука е. Пред тебе, а сепак го нема[4]

Народен театар во Велес[уреди]

Боре Ангеловски започнува да работи во Народниот Театар во Велес во 1959 год. токму во периодот кога велешкиот професионален театар ја живее кулуминацијата на својот естетско-творечки квалитет - во поглед на актерската игра и капацитет - во поглед на веќе изграден, стабилен театарски колектив [2]. Во тој период, Боре Ангеловски ги црпи своите први искуства од плејада актери кои се пионери и втемелувачи на актерската уметност во Македонија: Борис Бегинов, Милојка Ковачевиќ, Благој Анчевски-Руски, Димче Петров-Галето, Никола Димитров-Кокан, Стојче Камчев, Рајна Савова, Стојна Апцева, Ратка Зарзева, Роксанда Ќекиќ, Владимир Гравчев, Виолета Џамбазова и уште многу други [2]. Тоа се години кога Боре Ангеловски го учи занаетот во друштво на веќе формирани актерски индивидуи и на репертоар кој напоредно со доминантните битови пиеси содржи и постановки на дела од класиката. Од претстава во претстава, довербата на младиот колега расте, така што тој добива сè позначајни ролји. Во Народниот Театар - Велес, Боре Ангеловски има одиграно над дваесет ролји [2].

Борe Ангеловски во улогата на Дебелиот бродоломник

Паралелно со ангажманот на професионалната сцена, Боре Ангеловски започнува да работи и на Младинската сцена на Народниот Театар-Велес. Во тој период, Младинската Сцена има огромен потенцијал [2]. Додека професионалната сцена работи главно со проверени наслови, Младинската Сцена ја има слободата за сопствена репертоарска политика, доближување до современите и модерните текови на театарската уметност, можност за експериментирање и иновација, не само во поглед на репертоарот, туку и во поглед на формирање на нов пристап кон изградување на претставите, формирање на нова естетика на театарското изразување [2]. Токму во Младинската Сцена започнува изградувањето на Боре Ангеловски како комплетна театарска личност. Само за две сезони Боре Ангеловски станува основен пулс, движечка сила на Младинската Сцена во Велес, пројавувајќи голема упорност и доследност во сопствениот развиток и во работата со колективот. Тој започнува да се интересира за режија, сценографија, костимографија, тука започнува и неговата педагошка дејност [2], не само што ги информира колегите за развитокот на театарската уметност во светот, туку настојува преку обемна литература да ги запознае со безбројните тајни и стапици на актерскиот занает, без кои е невозможно да се оствари вистинска креација. Доаѓаат и првите признанија: I-ва награда за улогата на Дебелиот бродоломник во На морската шир од Славомир Мрожек на Републичката Драмска Смотра - Штип во 1963 год. за истата креација добива I-ва награда и на Југословенскиот фестивал на аматерски театри - Хвар во 1964 год [2]. Можеби најважен момент од периодот на Младинската Сцена на велешкиот театар, е средбата на Боре Ангеловски со творештвото на Семјуел Бекет.

Сцена од преставата Чекајќи го Годо

На 18 декември 1965 год. на Младинската Сцена при Народниот Театар во Велес, за прв пат во Република Македонија премиерно е изведена претставата Чекајќи го Годо на Семјуел Бекет, во превод, режија, сценографија, костимографија на Боре Ангеловски[2] . Тој воедно ја толкува и една од главните ролји во претставата, улогата на Владимир-Диди. На тој датум настанува пресвртница не само за Боре Ангеловски, не само за Младинската Сцена, туку и за театарот во Република Македонија воопшто. Се раѓа модерниот театар, се раѓа македонската театарска авангарда, македонската публика за прв пат се судира со театарот на апсурдот. Претставата има огромен успех: на Републичката аматерска драмска смотра - Штип освојува награда за најдобра претстава, награда за најдобра режија, награда за најдобра главна машка улога за улогата на Владимир-Диди во интерпретација на Боре Ангеловски; на Југословенскиот фестивал на аматерски театри - Хвар освојува трета награда-бронзена плакета, награда за најдобра режија, награда за најдобра главна машка улога за улогата на Владимир-Диди во интерпретација на Боре Ангеловски[2] . Забележително е што Чекајќи го Годо не е единечен случај. По големиот успех на претставата, Боре Ангеловски продолжува да се интересира уште повеќе за творештвото на Бекет. Следува Крајот на играта на Семјуел Бекет, во превод и режија на Боре Ангеловски во 1967 год. исто така за прв пат на македонска сцена. Тој исто така ја толкува и главната ролја на Хам [2].

Во 1966 год. донесена е одлука од страна на велешкото градско собрание, а со благослов од повисоки Републички институции и специјална комисија одговорна за ревизија на театрите од внатрешноста за затворање на Народниот Театар во Велес. По тој повод Боре Ангеловски пишува високо стручна дискусија во одбрана на Велешкиот театар и токму со таа дискусија успева да се поништи одлуката и театарот да продолжи со работа. Сепак, следната година Собранието на Град Велес, пронаоѓа нов начин, донесува нова одлука и Народниот Театар - Велес се затвора во 1967 год. Се затвора и Младинската Сцена [2].

Младинското драмско студио во Велес[уреди]

Веднаш по затворањето на Народниот Театар - Велес, Боре Ангеловски го формира Младинското Драмско Студио, кое во период од шест години ќе биде единствената форма на театарско живеење во Велес[2] . Тој е основач, уметнички раководител и режисер на студиото. Започнатиот бран на нова естетика во театарското постоење во Велес со Младинската Сцена, прераснува веќе во творечка зрелост. Младинското Драмско Студио претставува специфична форма на театарско делување, единствена од таков тип во Република Македонија[2] . Студиото освен што работи како театар со редовен репертоар, претставува и своевидна школа за театар, место каде се дискутира за театарската уметност, за литературата, за културата, место каде што доаѓа до израз не само желбата да се излезе на сцена, туку и потребата да се дојде до одредени сознанија за театарот и културата, желбата да се пронајдат нови начини за истражување на огромното сценско пространство. За да се оствари ваква програма во студиото, Боре Ангеловски ги проширува прво сопствените видици, пронаоѓа нови форми за да ги заинтересира членовите за многуте видови и можности на сценското и актерското дејствување[2] . Паралелно со усовршувањето на неговата педагошка дејност, Боре Ангеловски се развива и како актер и како режисер, за што говорат и многуте награди и признанија. Продолжува и се задлабочува интересот за новите светски тенденции во драмската уметност. Продолжува интересот кон творештвото на Бекет, кон театарот на апсурдот воопшто [2]. Во периодот на Младинското Драмско Студио, Боре Ангеловски за прв пат во Република Македонија ги поставува: Забава на Славомир Мрожек во 1968 година, Зоолошка приказна на Едвард Олби во 1968 година, Последната лента на Крап на Семјуел Бекет во 1969 година, Кралот умира на Ежен Јонеско во 1970 година, Филоктет“ на Хајнер Милер во 1971 година, Страдањата на Г-дин Мокинпот на Питер Вајс во 1971 година, Дон Жуан во пеколот на Џорџ Бернард Шо и уште десетина други претстави [2]. Покрај работата во Младинското Драмско Студио, Боре Ангеловски започнува да настапува и на програмата на Радио Велес. Како радио реализации посебно остануваат забележани Дванаесетмината на Александар Блок, Сонетен венец на Франце Прешерн и Црниот човек на Сергеј Есенин [2].

Но сепак, и покрај сите успеси пред велешката публика и на републичките фестивали, и покрај таквиот квалитетен и автентичен репертоар, проблемите со Собранието на опшината Велес и неколку поединци од градот не престануваат. Напротив, го обвинуваат и саботираат точно заради таквиот репертоар. Ги запираат финансиските средства на Младинското Драмско Студио под обвинение дека:

Боре Ангеловски ги заведувал младите со пробуржоаски идеи[2]

бидејќи работи претежно со западно европски автори. И покрај сите напори, Младинското Драмско Студио да продолжи со работа, дури и без никакви финансиски средства, во 1973 год. Боре Ангеловски е протеран од Велес, а Младинското Драмско Студио затворено засекогаш [2].

Театар Чекори[уреди]

Сцена од преставата Од онаа страна на костените

Веднаш по протерувањето од Велес, Боре Ангеловски се ситуира во Скопје, каде во 1974 год. заедно со мала група колеги од Младинското Драмско Студио, го основа Театарот Чекори - Скопје [5] , при Домот на култура Кочо Рацин. Првите неколку сезони Театарот Чекори ги изведува своите претстави на различни сцени во Скопје, а претежно во Домот на култура во населбата Маџари II. Во 1978 год. Театарот Чекори конечно се стационира во Домот на култура Димитар Влахов во населбата Автокоманда во Скопје [5].

Од основањето на Театарот Чекори, Боре Ангеловски е негов уметнички раководител, директор, режисер, педагог [5]. Продолжува неговата работа и како преведувач, сценограф, костимограф, но Боре Ангеловски веќе конечно престанува да се занимава со актерство [5]. Можеби од преголема оптовареност со другите активност во театарот, но поверојатно причината е длабоко емотивна: носталгија за родната велешка сцена. По протерувањето од Велес, Боре Ангеловски има изиграно само една улога и тоа во 1989 год. (петнаесет години по протерувањето) и тоа како гостување во Народниот Театар во Велес ја толкува улогата на Нагант во пиесата На сечило, по текст на Бранко Варошлија - колега од Младинското Драмско Студио во Велес и во партнерство со Петре Прличко - еден од доајените на македонскиот театар, исто така велешанец [5]. Боре Ангеловски, освен на фестивалите, нема играно на друга сцена освен велешката [5].

Сцена од преставата Маузер - Хамлет машина

Како организациска поставеност, Театар Чекор е своевидно продолжение на Младинското Драмско Студио. Искуството стекнато во Велес, Боре Ангеловски го пренесува и во Скопје, се разбира веќе позрело и продлабочено, особено во однос на организацијата на театарот и педагогијата [5]. Веќе во Театарот Чекори-Скопје, Боре Ангеловски го финализира принципот на работа од игла до завеса - како што самиот го нарекува. Тоа е принцип на организирање на театарот и подготовка на претстава, каде што секој член треба сам да си го направи костимот, сам да си го направи реквизитот, да учествува во измислувањето и реализирањето на сценографијата, т.е. секој да учествува во сè што е потребно за изградба на претставата како комплетен театарски и уметнички чин [5]. Од една страна тој принцип е неопходен поради фактот што само Боре Ангеловски е вработен во театарот како уметнички раководител и нема други вработени кадри задолжени за техничкото оформување на претставите, но од друга страна, наложената потреба преоѓа во уникатен систем на работа врз актерските креации на ликовите [5]. Тој принцип на работа им помага на актерите многу побрзо и подлабоко да навлезат во своите драмски ликови, на тој начин имаат потполна слобода на фантазијата, им овозможува подетална анализа на драмската ситуација и им помага секој ден, малку по малку, сè повеќе да го освојуваат бесконечното сценско пространство и актерскиот занает. На тој начин се воспоставува оригинална творечка атмосфера и тогаш Боре Ангеловски се покажува како извонреден соработник подготвен да прифати најразлични идеи и сугестии по однос на работата, без разлика од каде и од кого доаѓаат. Во тој смисол членовите на театарот учествуваат не само во техничкото оформување на претставите, туку и во изборот на репертоарот, во преводите на пиесите, во изборот на музика, во оформување на плакатите и проспектите, буквално учествуваат во сеопштата работа на театарот [5]. Таквиот принцип на работа не важи само за актерите-аматери, кои го сочинуваат јадрото на Театарот Чекори, туку и за актерите-професионалци кои гостуваат во претставите на Чекори. Тоа е уште еден оригинален принцип на работа. Боре Ангеловски не прави разлика помеѓу аматери и професионалци.

Сцена од преставата Генерација без милост
За него е најважен театарот - како институција и претставата како уметничко дело, а принципот на доаѓање до актерска креација и претстава е потполно ист и кај аматерите и кај професионалците.[5]

Во однос на квалитетот на репертоарот и естетиката на сценското оформување на претставите, Боре Ангеловски ја задржува својата оригиналност. Продолжува љубовта кон делата на Бекет и останатите претставници на театарот на апсурдот, продолжува љубовта кон авангардниот театар, продолжува потрагата по сè нови и нови, претходно неизведувани автори и дела во Република Македонија. Боре Ангеловски за прв пат во Република Македонија, на сцената на Театар Чекори ги поставува пиесите: Антигона на Доминик Смоле во 1978 година, Кутриот мој Марат на Алексеј Арбузов во 1978 година, Хамлет на Жил Лафорг во 1978 година, култната претстава Од онаа страна на костените на Жан-Мишел Риб во 1979 година, Смртта на Лунин на Едвард Радзински во 1980 година, Маузер-Хамлет машина во 1981 год. и Заповед или сеќавање на една револуција во 1992 год. на Хајнер Милер, Црвената река на Пјер Лавил во 1983 година, Генерација без милост на Волфганг Борхерт во 1986 година, Елисавета Бам во 1986 година и Теагеритројатрија во 2002 год. на Данил Хармс, Ноќ на боговите на Миро Гавран во 1987 година, Сите кои паѓаат во 1990 год. и Скица за театар во 2008 год. на Семјуел Бекет, Животот на човекот на Леонид Андреев во 1991 година, Провинциски анегдоти на Александар Вампилов во 1992 година, Необична жена на Нина Садур во 1995 година, Фрагменти на Мјуриел Шизгал во 1998 година, Ескуриал на Мишел де Гелдерот во 2002 година, Клитемнестра на Маријан Матковиќ во 2002 година, Џон и Џо на Агота Кристоф во 2004 година, Годо дојде на Миодраг Булатовиќ во 2007 година, Пајтонот на Артур Адамов во 2008 година, Импровизација во Алма и Сликата на Ежен Јонеско во 2009 год. и уште над четириесет други наслови [5] . Освен оригиналните наслови и дела, Боре Ангеловски работи и класични автори: Волтер, Чехов, Горки, Достоевски и други. Успесите продолжуваат и веќе го потврдуваат Боре Ангеловски како маестро на театарската уметност: 17 награди во Република Македонија и на поранешните Југословенски простори за претставата Од онаа страна на костените по текст на Жан-Мишел Риб, во режија на Боре Ангеловски [5], 13 награди во Република Македонија и на поранешните Југословенски простори за претставата Сите кои паѓаат по текст на Семјуел Бекет, во адаптација и режија на Боре Ангеловски; признание Мирко Стефановски за посебен придонес во унапредувањето на драмскиот аматеризам во Македонија [5], специјална награда на Театарот Чекори за посебни резултати во работата во текот на 1979 год. и уште многу други [5].

Ангеловски и Бекет[уреди]

Боре како Крап во Последната лента на Крап - С. Бекет

Семјуел Бекет станува трајна окупација на Боре Ангеловски. Во 1967 и 1977 година ја поставува пиесата Крајот на играта, а во 1970 година ја поставува Последната лената на Крап. Постои мошне интересен континуитет. Најпрво доаѓа драмата Чекајќи го Годо, текст што како основна идеја ја има алиенацијата на модерниот човек пред застрашувачката егзистенцијална безизлезност. Овде има допир со повеќе судбини распнати на крсот на отуѓувањето. Потоа следува Крајот на играта, пиеса со две лица, на самиот раб на егзистенцијата, во безизлезното јадро на склерозата, фрлени во контејнерите на градската хигиена. И најпосле последната лента на Крап, пиеса, така што се рече без актер, но во која животот веќе нема шанса за никаква пројава, а за некоја содржина и да не зборуваме.

Боре Ангеловски се јавува како вонреден толкувач на Бекетовото дело кон кое пројавува вонредно активен и автентичен сензибилитет. Кај Бекет можеби најцелосно доаѓаат до израз неговите преокупации - ангажирано да се проследи судбината на современиот човек и нејзините изгледи во вителот на модерното време. Отаму и Ангеловски се интересира за современата драмска литература - Бекет, Мрожек, Радзински, Јонеско, Борхерт, Вајс и многу други[2].

Делото на Боре Ангеловски[уреди]

Во текот на пет децениската театарска активност, Боре Ангеловски има настапувано во 37 претстави од 32 различни автори [5] , има поставено 89 претстави од 59 различни автори [5] , има направено над 30 преводи на драмски дела [5] , има направено драматизации на Сердарот - Григор Прличев, Тага - Максим Горки, Крокодил - Достоевски, Гала претстава - по текстови на Чехов, Данил Хармс, Иљф и Петроф; адаптации на: Маузер-Хамлет машина - Хајнер Милер, Генерација без милост - Волфганг Борхерт, Фрагменти - Мјуриел Шизгал, Теагеритројатрија - Данил Хармс, Скица за театар - Семјуел Бекет, има направено 32 сценографии[5] , 34 костимографии [5], има напишано неколку дискусии за театарот, има напишано сценарио за пантомима Сон во 1969 година, ја има напишано драмската алелуја Ал’ Бигории во 1972 година, над 700 луѓе поминале низ Младинската Сцена, Младинското Драмско Студио, Театарот Чекори, над триесет од нив продолжиле на академиите за драмски уметности и сега се афирмирани актери и режисери: Мими Таневска, Лазе Манасков, Верица Ристевска, Љупчо Тодоровски-Упа, Ева Аманатиду, Кети Дончевска-Илиќ, Илија Рајковски, Љупчо Спасов, Роберт Вељановски, Ристо Гоговски, Роберт Симоновски, Антонио Димитриевски, Златко Митрески, Марија Ѓорѓијовска, Мартин Лазаревски...; над дваесет професионални актери учествувале во претставите на Боре Ангеловски: Анче Џамбазова, Славица Јовановска, Снежана Конеска-Руси, Младен Крстевски, Соња Каранџуловска, Магдалена Ризова-Маги, Андреј Бељан, Видосава Грубач, Фазли Шаќири, Вера Вучкова, Владимир Спасов, Виолета Волак, Горан Илиќ и многу други [5].

Затоа погледниму во во очите, таму се вгнездила: ТАГА - та, во срцето: Кралот умира, врз челото: СКИЦА ЗА ГОБЛЕН СО ПАЉАЧО, во крвта: ГЕНЕРАЦИЈА БЕЗ МИЛОСТ, на рамена: СЕРДАРОТ, НА ГОЛЕМИОТ ПАТ, алилуја АЛ БИГОРИИ... Ја затвора клепаката: КРАЈОТ НА ИГРАТА. И така ЧЕКАЈЌИ ГО ГОДО... распарчен и невидлив чекори ли, ЧЕКОРИ... До денес. До смрта. И понатаму...[6]

Боре Ангеловски ќе остане запаметен како прв македонски бекетолог - човек кој ги има поставено скоро сите драмски дела на Семјуел Бекет[5], плус радиодрамата Сите кои паѓаат во негова сценска адаптација и дел од монолозите и поезијата на Бекет во адаптација за претставата „Скица за театар“; ќе остане запаметен како човек кој ги има поставено за прв пат на македонската театарска сцена авторите: Семјуел Бекет, Ежен Јонеско, Хајнер Милер, Едвард Олби, Питер Вајс, Џорџ Бернард Шо, Доминик Смоле, Алексеј Арбузов, Жил Лафорг, Жан-Мишел Риб, Пјер Лавил, Волфганг Борхерт, Данил Хармс, Миро Гавран, Маријан Матковиќ, Александар Вампилов, Нина Садур, Мјуриел Шизгал, Миодраг Булатовиќ, Мишел де Гелдерот, Агота Кристоф, Артур Адамов и уште многу други; ќе остане запаметен како генијален актер, маестрален режисер, нестандарден педагог, квалитетен преведувач, иновативен сценограф и костимограф, висококомпетентен теоретичар, извонредна личност, верен пријател, прекрасен човек; ќе остане запаметен како последниот македонски театарски фанатик[5].

Тој рече...[уреди]

ако е Театар, тој е вечно жив.

ако е Театар, историја е и ука за болките како непробол.

ако е Театар, народ е дух и држава.

ако е Театар, тој не храни и не евидентира во времето и просторот.

ако е Театар, тој е можеби држава или религија.

ако е Театар, дух е мисла и весела.

ако е Театар, минатото е сегашност и иднина.

ако е Театар, тој е наша - твоја должност во општеството, како жител, како граѓанин, како човек, а не привилегија на поединецот.

ако е Театар, и е праник на човекот од планетата, нека ни е честит.

ако е Театар, и се уште жив да воскликнеме да живее Театарот. [7]

...Театарот не разобличува. Ни заповеда да егзистираме во времето и просторот. Не зуздува, и ги разбеснува злите јазици, мајстори на човековото злокобие. Белег е на општеството, каде сите ние и оние се воеткаме...
Да е свет зборот што ја раѓа репликата, премолчениот монолог, средбата и дијалогот, меѓу распламтените срца, во просторниот животен, сценски врамен
Да е света вистината во задушен молк, на актерот што ржи и беснее вивнат до небото
Плачејќи на земјата низ призракот на Хамлетовиот татко, низ блудните сценски заблуди, како сновидението, како розов призрачец на болното Гетеово дете, ја молчиме сцената

Крај на еден бурен живот[уреди]

Боре Ангеловски умира од срцев удар на 14 јуни 2009 год. во родниот град Велес, само три дена по неговата последна премиера, во годината кога се слават два важни јубилеја: 35 години Театар Чекори (единствен алтернативен театар во Македонија со толкава традиција) и 50 години театарска дејност на Боре Ангеловски. Инфарктот е последица од лошата здравствена состојба (дијабетес, четири инфарктни состојби, хернија, проблеми со белите дробови), како резултат од фанатичната и безрезервна посветеност на театарот.

Награди[уреди]

  • 1963, за Дебелиот бродоломник во Морската шир – С. Моржек, Републичка аматерска драмска смотра – Штип.
  • 1964, за Дебелиот бродоломник во Морската шир – С. Моржек, Југословенски фестивал на аматерски театри – Хвар.
  • 1965, за режија на Чекајќи го Годо – С. Бекет, за Владимир – Диди во Чекајќи го Годо – С. Бекет, Републичка аматерска драмска смотра – Штип.
  • 1966, за режија на Чекајќи го Годо – С. Бекет, за Владимир – Диди во Чекајќи го Годо – С. Бекет, Југословенски фестивал на аматерски театри – Хвар.
  • 1967, за режија на Крајот на играта - С. Бекет, за Хам во Крајот на играта - С. Бекет, Републичка аматерска драмска смотра – Штип.
  • 1969, за Фратарот во монологот на фратарот - О. Давичо, препеев - Чедо Јакимовски, Републичка аматерска драмска смотра – Штип.
  • 1970 за Кралот Беранже во Кралот умира - Е. Јонеско, Републичка аматерска драмска смотра – Битола.
  • 1971, за режија на Страдањата на г - дин Мокинпот - П. Вајс, препеев - Чедо Јовановски, Републичка аматерска драмска смотра – Битола.
  • 1973, за Дон Жуан во пеколот - Б. Шо, Републичка аматерска драмска смотра – Струмица.
  • 1979, за режија на Од онаа страна на костените - Ж.М. Риб, Републичка аматерска драмска смотра – Кочани.
  • 1979, златна маска за режија на Од онаа страна на костените - Ж.М. Риб, Југословенски фестивал на аматерски театри – Требиње.
  • 1989, признание Мирко Стефановски, Културно просветна заедница на Македонија
  • 1990, за режија на Сите кои паѓаат - С. Бекет, Југословенски фестивал на аматерски театри – Требиње.

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 ИН МЕМОРИАМ БОРЕ АНГЕЛОВСКИ Почина доајенот на театарскиот аматеризам“, Вест, 16 јуни 2009 (конс. 30 март 2010). (на македонски)
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 2,20 2,21 2,22 2,23 Четири и пол децении театарска дејност на Боре Ангеловски, приредувач Тодор Кузманов - Скопје, Маска, 2006
  3. Разложено сеќавање на замислениот дневник на Б.А
  4. Скица за портретот на Боре Ангеловски
  5. 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 5,11 5,12 5,13 5,14 5,15 5,16 5,17 5,18 5,19 5,20 5,21 5,22 Три децении Театар Чекори - Скопје, Тодор Кузманов, Скопје, Маска, 2006.
  6. Михаил Ренџов
  7. По повод Интернационалниот ден на Театарот 27.03.2003

Надворешни врски[уреди]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Боре Ангеловски“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).