Фјодор Михајлович Достоевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Фјодор Достоевски
Vasily Perov - Портрет Ф.М.Достоевского - Google Art Project.jpg
Портрет на Достоевски од 1872
Роден(а) Фјодор Михајлович Достоевски
11 ноември 1821(1821-11-11)
Москва, Руска империја
Починал(а) 9 февруари 1881(1881-02-09) (на 59 год.)
Санкт Петерсбург, Руска империја
Националност Русин
Образование Воен инженерско-технички универзитет, Санкт Петерсбург
Период 1846–1881
Жанрови роман, расказ, журналистика
Правец реализам
Значајни дела
Сопружник
Деца Соња (1868)
Љубов (1869–1926)
Фјодор (1871–1922)
Алексеј (1875–1878)

Потпис

Фјодор Михајлович Достоевски (руски: Фёдор Михайлович Достоевский; 11 ноември 18219 февруари 1881)[1] — руски писател и една од главните фигури во руската книжевност. Некои го сметаат за основач на егзистенцијализмот. Најпознато дело му е „Злосторство и казна“.

Детство и младост[уреди]

Фјодор Михајлович Достоевски e роден во Москва на 11 ноември 1821 година. Завршил воена школа. Во дваесет и седмата година поради учество во револуционерна организација бил осуден на смрт. После помилувањето поминал четири години на присилна работа во Сибир.

Фјодор бил второ од седумте деца на Михаил и Марија Достоевски. Набрзо откако неговата мајка умрела од туберкулоза во 1837 година, тој и неговиот брат Михаил биле испратени во воената академија во Санкт Петерсбург. Во 1839 година умира и неговиот татко, пензиониран воен хирург и насилен алкохоличар, кој работел во болницата Маринск за сиромашни во Москва. Се претпоставува дека Михаил бил убиен од страна на неговите кметови, за кои е познато дека во повеќе прилики биле огорчени од однесувањето на Михаил во пијана состојба. Се претпоставува дека го убиле така што го врзале и му туривале вотка во уста додека не се удавил. Според друга приказна Михаил умрел со природна смрт а објаснувањето за неговата насилна смрт ја измислил соседниот земјопоседник со цел полесно да го купи неговиот имот.

На Фјодор не му одело баш најдобро во воената академија во Санкт Петерсбург, затоа што бил лош по математика која ја мразел. Наместо тоа се посветил на книжевноста. Тогаш високо го оценил Оноре Де Балзак и во 1843 година дури и превел едно од неговите најголеми дела „Евгенија Гранде“ на руски. Достоевски почнал да пишува свои дела отприлика во ова време, и во 1846 се појавил неговиот прв роман во форма на епистоларна драма „Бедни луѓе“, кој добил одлична критика, а критичарот Висарион Белински ја дал следнава изјава: „Се роди новиот Гогољ!“.

Достоевски е уапсен и затворен на 23 април 1849 под обвинение дека учествувал во револуционерните активности против царот Николај I. На 16 ноември истата година е осуден на смрт поради делување против власта во склоп на интелектуалниот круг, т.н. Петрашевски круг.

После лажното стрелање на 22 декември 1849 година, кога му биле врзани очите и е оставен да чека на ладното време, Достоевски е помилуван и испратен на присилна работа во работничкиот камп Каторга во Омск во Сибир. Во овој период бил погоден од бројни епилептички напади за кои имал генетски предиспозиции. Во 1854 година е пуштен од затвор и следните 5 години ги поминал како поручник во седмиот баталјон кој бил стациониран во тврдината во Семипалатинск во Казахстан.

Овој период се смета за пресвртница во неговиот живот. Достоевски порано ги напуштил револуционерните политички ставови и се вратил на традиционалните руски вредности. Станал христијанин и голем противниик на философијата за нихилизмот. Во тоа време ја запознал Марија Димитриевна Исеава, вдовица на некој пријател од Сибир, со која потоа и се оженил.

Зрели години и смрт[уреди]

Гробот на Достоевски во Санкт Петерсбург.

Во 1860 година се враќа во Санкт Петербург, каде започнува неколку неуспешни книжевни списанија со својот брат Михаил. Достоевски бил многу потресен од смртта на неговата сопруга во во 1864 година и веднаш потоа од смртта на неговиот брат. Бил во лоша финансиска состојба, а морал да ги издржува вдовицата и децата на неговиот брат. Во тоа време потполно потонал во депресија, често губел коцкајќи се, и се задолжувал.

Достоевски имал проблем со коцкањето. Така и едно од неговите најпознати дела „Злостор и казна“ е напишано во рекордно кратко време и брзо објавено за да може да ги исплати коцкарските долгови, а кога ги исплатил повторно останал без пари. Во исто време ја напишал и книгата „Коцкар“ за да го исполни договорот со своите издавачи.

Достоевски во ова време патувал во Западна Европа. Таму прво се обидел да ја обнови љубовната врска со Аполинара Суслова, млада студентка, ама таа одбила да се омажи за него. Уште еднаш му било скршено срцето, ама набрзо ја запознал Ана Грегоревна, дваесетгодишна девојка која работела како стенограф, со која се оженил во 1867 година. Во овој период ги напишал своите најголеми дела. Од 1873 до 1881 издава, овој пат успешен, месечно книжевно списание со кратки статии и карикатури од актуелните настани. Списанието доживеало голем успех.

Пред крајот на животот живеел во градот Стара Руса (близу Санкт Петерсбург). Умрел на 9 февруари 1881 година од проблеми со белите дробови кои биле предизвикани од неговите епилептички напади.

Погребан е на гробиштата Тихвин во манастирот Александар Невски во Санкт Петербург во Русија. Неговото тело до гробиштата било испратено од голема толпа луѓе (се проценува дека 40.000 луѓе присуствувале на неговиот погреб). На неговата надгробна плоча пишува: „Вистина, вистина ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само, а ако умре, донесува многу плод.” (Евангелие според Јован XII, 24), што е и епиграф на неговиот последен роман „Браќа Карамазови“.

Дела[уреди]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. 30 октомври 1821 – 28 јануари 1881 по [[јулијански календар|стар стил