Витамин Б1
Структурна формула | |
---|---|
Модел |
Витаминот Б1, познат и како тиамин или анеурин е анти бери-бери или антинеуритичен витамин. Прв го изолирал Фанк од лушпата на оризот.
Тиаминот е бела, кристална супстанца која добро се раствора во вода, а послабо во етанол. Таа не се раствора во етер и хлороформ. Во сува состојба, тиаминот е стабилен при загревање до 100 °C; поради тоа со готвењето на храната тој незначително се разорува. Тиаминот денес најчесто се добива по синтетски пат.
Молекулата на тиаминот се состои од пиримидински и тиазолов прстен. Прстените меѓусебно се поврзани преку кватерниот азотен атом на тиазолот, така што тиаминот е секогаш позитивно наелектризиран.
Покрај слободниот тиамин, во организмот се наоѓа и пирофосфатен облик на овој витамин, познат како тиаминпирофосфат и скратено се обележува TPP. Пирофосфорната киселина е естерски врзана за хидроксилната група на тиазоловиот прстен во тиаминпирофосфат.
Тиаминпирофосфатот е (покрај NAD+ и NADP+) еден од најрано познатите коензими. Во процесот на оксидативна декарбоксилација на α-кето киселините го пренесува "активниот ацеталдехид". Поради тоа, порано е нарекуван "кокарбоксилаза" (денес заменето со правилното име "кодекарбоксилаза").
Начинот на дејство на тиаминпирофосфатот во комплицираниот процес на оксидативна декарбоксилација долго време бил непознат. Денес се знае дека α-кето киселините под дејство на мултиензимскиот систем се декарбоксилираат (губат CO2) и истовремено се оксидираат. Така на пример, пирогроздовата киселина под дејство на ензимот пируват декарбоксилаза губи CO2, а остатокот се врзува на коензимот ТРР, градејќи "активен ацеталдехид". Тој потоа се оксидира (губи водород) во остаток на оцетна киселина. Кофактор на оваа оксидација е липонската киселина, која притоа се редуцира и истовремено го пренесува остатокот на оцетната киселина на коензимот А. Редуцираната липонска киселина ензимски се оксидира и одново се вклучува во целиот процес. Крајни производи на оксидативната декарбоксилација на пируватот се CO2 и ацетилкоензим А (односно "активна оцетна киселина"). Поради тоа, недостатокот на тиамин во организмот доведува до нарушувања во метаболизмот на гликозата, бидејќи доаѓа до натрупување на пирогроздовата киселина.
Многу бактерии го синтетизираат тиаминот. Така, бактериите на цревната флора можат потполно да ги задоволат потребите на животните[1][2] за овој витамин.
Во сировото рибино месо, кај некои бактерии и кај некои растенија постои ензим тиаминаза кој ја кине врската меѓу пиримидинскиот и тиазоловиот прстен во тиаминот. Затоа се појавуваат симптоми на полинеуритис кај животните кои се хранат со ваква храна.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Bettendorff L (2020). „Thiamine“. Во Marriott BP, Birt DF, Stallings VA, Yates AA (уред.). Present Knowledge in Nutrition, Eleventh Edition. London, United Kingdom: Academic Press (Elsevier). стр. 171–88. ISBN 978-0-323-66162-1.
- ↑ Institute of Medicine (1998). „Thiamin“. Dietary Reference Intakes for Thiamin, Riboflavin, Niacin, Vitamin B6, Folate, Vitamin B12, Pantothenic Acid, Biotin, and Choline. Washington, DC: The National Academies Press. стр. 58–86. ISBN 978-0-309-06554-2. Архивирано од изворникот 16 July 2015. Посетено на 2017-08-29.
|