Танчерка во мракот

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Танчерка во мракот“ (англиски: Dancer in the Dark) — филм од 2000 година во режија на Ларс фон Триер, кој е автор и на сценариото. Галвните улоги ги играат: Бјорк, Катрин Денев, Питер Стормер, Дејвид Морс, Џоел Греј, Стелан Скарсгард итн.[1] [2]

Björk промовирајќи го филмот на 2000 Канскиот филмски фестивал.

Синопсис[уреди | уреди извор]

Дејствието на филмот се одвива во американската сојузна држава Вашингтон во 1964 година. Селма Јежкова (ја игра Бјорк) е доселеничка од Чехословачка, која живее со својот 12-годишен син. Селма работи во блиската фабрика, иако е речиси слепа, а нејзината најдобра другарка е Кети (ја игра Денев). Селма и синот живеат во подвижна куќичка која ја изнајмуваат од брачниот пар Бил и Линда Хјустон. Притоа, таа штеди за да ги собере потребните пари за операција на очите на нејзиниот син, а истовремено оди на пробите за еден мјузикл. Во една прилика, Бил Хјустон ѝ кажува на Слема дека не може да ја плаќа ратата за станбениот кредит и дека постои опасност банката да им ја одземе куќата. Селам, пак, му кажува за својата заштеда и тој, знаејќи дека таа не гледа добро, ѝ ги краде парите. Утредента, таа ја оштетува машината во фабриката и поради тоа добива отказ, а кога се враќа дома открива дека Бил ја ограбил. Тогаш, Селма оди во куќата на Бил, а Линда ја обвинува дека сака да ѝ го заведе сопругот. Селма му ги зема парите на Бил, а тој ѝ се заканува со пиштолот, но во меѓусебната борба, таа случајно го ранува. Додека Линда ја повикува полицијата, Бил ја моли Селма да го убие и таа навистина го убива, а потоа оди во болницата и ја плаќа операцијата за нејзиниот син. Подоцна, таа оди на пробата за мјузиклот, но таму доаѓа полицијата и ја апси. На судењето, Селма одбива да ја каже причината за убиството на Бил, а откако е откриена нејзината лага дека парите му ги испратила на татко ѝ во Чехословачка, таа е прогласена за виновна и осудена е на смрт со бесење. Непосредно пред извршувањето на казната, Кети се обидува да ѝ помогне, но Селма ја одбива помошта. Сепак, Кети ѝ кажува дека успешно е извршена операцијата на очите на нејзиниот син, а потоа Селма завршува на бесилка.

Наводи[уреди | уреди извор]