Бездна (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Бездна“ (српски: Бездно) — роман на српската писателка Светлана Велмар-Јанковиќ од 1995 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од забелешка и осум дела:

  • Забелешка: Во овој дел, авторката опишува една фотографија на српскиот кнез Михаило Обреновиќ на која може да се насети неговата двојна природа. Оттука, таа прави обид да ја осветли неговата личност. Притоа, авторката наведува дека во 1992 година, во еден белградски дом за пензионери умрела стара госпоѓа, која на еден свој роднина му го оставила дневникот што го водел кнезот Михаило Обреновиќ од 1858 до 1865 година. На тој начин, дневникот дошол во рацете на авторката.[1]
  • 1858: Кнезот Михаило и сопругата Јулија престојуваат на нивниот имот Иванка во Унгарија. Кнезот има 35 години, а пред 16 години, по насилната промена на власта, тој бил принуден да побегне од Србија по што се селел во повеќе европски земји. Тој и Јулија сè уште немаат деца и таа е тажна поради тоа. Кнезот, пак, одвреме-навреме има привидение во кое му се појавува млад човек чие лице не може да го види. На имотот ги посетува Анастас Јовановиќ, првиот српски фотограф, кој е стар пријател на кнезот. Од него, кнезот дознава дека во Србија владее големо незадоволство од власта на кнезот Александар Караѓорѓевиќ. Еден ден, на имотот доаѓа млада Циганка која на брачниот пар Обреновиќ им ја чита судбината од дланките, предвидувајќи му бурна иднина и советувајќи го да биде внимателен. Есента, кнезот и Јулија се селат во Виена, каде од своите пријатели тој дознава дека татко му, кнезот Милош Обреновиќ, бил замешан во неговото прогонство од Србија во 1842 година. Кон крајот на годината, во Белград се одржува изборно собрание на кое Милош Обреновиќ е повторно избран за српски владетел. Оттука, кнезот Михаило се подготвува за враќање во татковината.[2]
  • 1859: Во јануари, кнезот Михаило и татко му пристигаат во Србија. Патем, насекаде се пречекани со воодушевување, а во Белград се приредува голем огномет. По доаѓањето на власт, првата наредба на Милош Обреновиќ е да се исчисти снегот од улиците, а за тоа време кнезот Михаило секојдневно прима странки во својот кабинет. Сопругата Јулија останува на имотот во Иванка, но двајцата редовно се допишуваат при што кнезот копнее по неа. Соочувајќи се со бедата во Србија, кнезот крои планови за развој на земјата. Во март, кнезот Михаило заминува во Виена, а потоа тој и Јулија заминуваат на турнеја низ Европа, каде имаат повеќе корисни состаноци. На крајот од мај, кнезот сам се враќа во Белград и таму ги продолжува своите активности за реформата на српскиот јазик, изградбата на мостови, образованието итн. Во меѓувреме, ненадејно умира Тома Вучиќ Перишиќ, влијателен човек кого кнезот Милош го држел во притвор, зашто пред 16 години ја симнал династијата Обреновиќ од власта. Низ народот се шират гласови дека Вучиќ бил отруен по наредба на кнезот Милош. Во тоа време, во Белград пристигнува Јулија, а кнезот Михаило ѝ подготвува прекрасен пречек. Меѓутоа, наспроти среќата поради пристигнувањето на саканата сопруга, кнезот Михаило е потиштен поради самоволието на кнезот Милош и неслогата во земјата. Неговото незадоволство уште повеќе се зголемува кога кнезот Милош го става како прв кандидат на списокот за избор на пратеници, но од таквата незгодна положба се спасува така што во последен миг се откажува од кандидатурата. Тука, кнезот Михаило повторно го прекинува својот дневник. Токму во тоа време во еден белградски весник редовно излегуваат написи во кои се осудуваат прогонот на државните службеници и самоволието на кнезот Милош. Авторката на романот ги добива белешките на Анастас Јовановиќ, кои потекнуваат од периодот во кој кнезот Михаило не го водел својот дневник и така стекнува сознанија за активностите на кнезот во тоа време. Белешките покажуваат дека, всушност, написите во весникот ги пишуваат двајца образовани луѓе во блиска соработка со кнезот Михаило. За тоа време, кнезот Милош престојува во Крагуевац и навидум мирно ги поднесува новинските написи. Уште повеќе, тој го кани кнезот Михаило во Крагуевац, со него се однесува многу средечно и љубезно, и го прогласува за врховен заповедник на војската. Меѓутоа, по некое време, кнезот Милош го менува уредникот на весникот, а на неговото место поставува свој човек. Тој потег уште повеќе ги зголемува незадоволството и разочарувањето на кнезот Михаило.[3]
  • 1860: Кнезот Михаило веќе една година се наоѓа во Србија. Поради внатрешната неслога, напредокот на земјата е многу бавен и поради тоа, кнезот е многу разочаран. Од последиците на атентатот, наеднаш умира англискиот конзул, а тоа уште повеќе го потресува кнезот Михаило. Во меѓувреме, Јулија е многу активна во прибирањето на историското и етнографското наследство на Србија. Исто така, кнезот, Јулија и неколку нивни блиски пријатели основаат тајно друштво за унапредување на просветата во Србија. Сепак, кнезот постојано е потиштен поради тоа што нема никаква власт во земјата, како и поради затегнатите односи со татко му. Летото, Јулија заминува на пат во Европа и тогаш повторно завршува дневникот на кнезот Михаило. Од Белешките на Анастас Јовановиќ се дознава за тешката болест на кнезот Милош, кој пред смртта го повикува Анастас со завет да се грижи за кнезот Михаило. Набргу, кнезот милош умира, а Анастас е организатор на погребот. Така, кнезот Михаил станува владетел на Србија, а по некое време во Белград пристигнува неговиот незаконски син, Виљем Бергхауз. За тоа време, Јулија веќе неколку месеци патува низ Европа и во Србија се враќа кон крајот на годината. Тогаш, Војводина потпаѓа под унгарска власт, а Србите во Војводина му забележуваат на кнезот за неговата пасивност во поглед на нивната положба.[4]
  • 1861: Кнезот Михаило е оптоварен од многубројните државнички обврски и од бурните настани во околните земји — злосторствата во Османлиското царство и бранот бегалци кои пристигнуваат во Србија. Исто така, тој е незадоволен од бавниот напредок на Србија и, како последица на тоа, ги губи доброто расположение, радоста и ведрината. Истовремено, него постојано го прогонува духот на татко му. Со намера да ја зацврсти власта и да воспостави правен поредок во земјата, кнезот свикува вонредно собрание при што на изборните листи ги става своите приврзаници. Собранието завршува успешно и ги исвојува сите закони според желбите на кнезот, кој потоа патува низ Србија при што насекаде е пречекан со воодушевување. Во меѓувреме, Јулија повторно се наоѓа во странство, посетувајќи бањи со надеж дека ќе ја излечи неплодноста. По нејзиното враќање во Србија, Анастас открива дека таа редовно се допишува со еден странски гроф и тоа му раѓа сомнеж. Затоа, тој ѝ ги споменува писмата на Јулија и тогаш завршува нивното долгогодишно пријателство. Зафатен со државните работи, кнезот Михаил не забележува ништо, а неговите односи со Јулија се идилични. Единствено, Анастас претчувствува голема несреќа и станува неспокоен.[5]
  • 1862: На почетокот на годината, кнезот Михаило продолжува да го води својот дневник, а Анастас ги продолжува своите Белешки. Освен тоа, авторката на романот пронаоѓа и неколку писма на Јулија до тоа време и така, од трите извори, се добива претстава за случувањата на српскиот двор и во Србија во текот на годината. Во тоа време, кнезот Михаило презема тајни активности за вооружување на Србија. Јулија е несреќна поради преголемите обрвски на сопругот поради кои не може да ѝ се посвети нејзе, како и поради тоа што српското население не ја прифаќа заради нејзината католичка вера. Таа се чувствува осамена и редовно се допишува со странскиот гроф. Потоа, таа заминува во Виена каде има средба со грофот при што одлучува повеќе да не се враќа во Србија. Атанас не може повеќе да ја крие тајната и на кнезот Михаило му дава едно писмо од Јулија до грофот. Откривајќи го неверството на саканата сопруга, кнезот е длабоко разочаран и се затвора во себе, но сепак останува посветен на државните работи. Јулија бара развод, но на тоа се спротивставува нејзиното семејство, а кнезот бара од неа да се пресели на имотот во Иванка. Подоцна, за да се избегне скандалот, Јулија се враќа во Белград, но таму наидува на студен прием од кнезот, кој со бори со својата љубов кон неа и желбата да се смират, но и со повредената гордост. Така, тие формално продолжуваатда живеат заедно, но речиси не разговараат. Во тоа време, кнезот станува автократ и целата власт ја држи во свои раце, со намера да ја модернизира Србија. Во Белград се влошуваат односите меѓу Србите и Турците, но кнезот останува присебен и успева да ја смири состојбата. Меѓутоа, кога тој заминува на турнеја низ Србија, во Белград се случуваат големи немири и во престрелките меѓу Србите и Турците гинат многу луѓе. Со псредство на странските амбасадори се воспоставува примирје, но тогаш турската војска го гранатира српскиот дел од градот. Поради вонредната состојба, кнезот се враќа во Белград и состојбата полека се смирува. Тогаш, тој повторно се зближува со Јулија, која активно му помага во дипломатската активност. Во Истанбул се одржува меѓународна конференција на која големите сили носат одлуки кои се на штета на Србија. Кнезот Михаило е борбено настроен, но мора да попушти пред притисокот на западните земји, а токму во тоа време се открива и тајниот увоз на оружјето. Сепак, со помош на Јулија, кнезот Михаило одлично се снаоѓа во дипломатските игри и успева да ја извлече Србија од неприликите,[6]
  • 1863: Во јануари 1863 година, кнезот Михаило ја испраќа Јулија во Лондон со задача да го придобие англиското јавно мислење. Таа остварува голем успех во дипломатската мисија и оттаму заминува во Париз каде се колеба меѓу љубовта кон сопругот и кон грофот. Растргната меѓу љубовта, брачната должност и притисокот од родителите, Јулија останува во странство речиси целата година.[7]
  • 1864: Јулија повторно бара развод, но нејзиното семејство се спротивставува на тоа. Поради тоа, по 22-месечно отсуство, таа се враќа во Белград, каде кнезот Михаило ѝ приредува свечен дочек, но набргу сфаќа дека погрешил што ја повикал.[8]
  • 1865: Кнезот Михаило доживува големо разочарување поради што му се влошува и здравствената состојба и ги намалува работните активности. Тој се однесува студено кон Јулија, но сепак дава наредба да се организира голема свеченост по повод 50-годишнината од востанието против турската власт. Најпосле, во текот на летото, тој одлучува да ја протера Јулија во странство без право да се врати во Србија, иако одбива да ѝ даде формален развод. Меѓутоа, и покрај обидот да остане цврст, кнезот чувствува голема душевна празнина.[9]

За делото[уреди | уреди извор]

Романот „Бездна“ ги опишува настаните од повторното доаѓање на кнезот Михаило Обреновиќ во Србија, во 1858 година, до разделувањето со сопругата Јулија во 1865 година. Притоа, романот ги прикажува случувањата во Србија и на српскиот двор низ внатрешните доживувања на главните ликови — кнезот Михаило, фотографот Анастас Јовановиќ и кнегината Јулија Хуњади. Оживувањето на јазикот од таа епоха, впечатливите портрети на историските личности и личната драма на кнезот Михаило го прават овој роман еден од поважните исчекори во поновата српска книжевност, истовремено поставувајќи го прашањето: кој бил навистина кнезот Михаило? Романот бил дочекан со пофални зборови од книжевната критика. Така, Јован Ќирилов смета дека трите тека во романот се среќаваат во истиот збор — бездна; според Никша Стипчевиќ, делото претставува „обнова на епистоларниот роман во српската книжевност“; а Phoebus го оценува како „европски роман“.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Svetlana Velmar-Janković, Bezdno. Beograd: Laguna, 2018, стр. 13-20.
  2. Svetlana Velmar-Janković, Bezdno. Beograd: Laguna, 2018, стр. 21-53.
  3. Svetlana Velmar-Janković, Bezdno. Beograd: Laguna, 2018, стр. 55-184.
  4. Svetlana Velmar-Janković, Bezdno. Beograd: Laguna, 2018, стр. 185-267.
  5. Svetlana Velmar-Janković, Bezdno. Beograd: Laguna, 2018, стр. 269-332.
  6. Svetlana Velmar-Janković, Bezdno. Beograd: Laguna, 2018, стр. 333-437.
  7. Svetlana Velmar-Janković, Bezdno. Beograd: Laguna, 2018, стр. 439-458.
  8. Svetlana Velmar-Janković, Bezdno. Beograd: Laguna, 2018, стр. 459-471.
  9. Svetlana Velmar-Janković, Bezdno. Beograd: Laguna, 2018, стр. 473-487.
  10. Svetlana Velmar-Janković, Bezdno. Beograd: Laguna, 2018.