Синот и престолонаследник на царот Клавдиј, Тибериј Клавдиј Цезар Британик, умрел под мистериозни околности во Рим. Неговата смрт го отворила патот на Нерон кон престолот.
Со потпишувањето на Латеранскиот договор меѓу папата Пиј XI и Италија, основана е ватиканската држава. Државата Ватикан се наоѓа во центарот на Рим, оградена со ѕидини и зазема површина од 44 хектари и има 3000 жители. Ватикан има своја радиостаница, телеграфска и поштенска служба, монетарен систем и железничка станица. Врховната власт ја има папата, а политичките работи ги врши државен секретар.
Во Јалта на Крим, е завршена Кримската конференција на која шефовите на владите на трите големи сили на антихитлеровската коалиција, Сталин (СССР), Рузвелт (САД) и Черчил (Велика Британија), ги усогласија воените планови за окончување на војната против Германија и Јапонија. Притоа усвоија резолуција за „ослободена Европа“ и се договорија за основање „општа меѓународна организација за мир и безбедност“ во светот - Обединетите нации.