Чарли и фабриката за чоколади

Од Википедија — слободната енциклопедија

Чарли и фабриката за чоколади (англиски: Charlie and the chocolate factory) — американски филм од 2005 година, во режија на Тим Бартон. Главните улоги ги играат: Џони Деп, Дејвид Кели, Фреди Хајмор, Хелена Бонам Картер, Ноа Тејлор и Кристофер Ли.

Содржина[уреди | уреди извор]

Чарли Бакет е момче кое живее во сиромашно семејство. Откако татко му (го игра Тејлор) останува без работа, мајката (ја игра Бонам Картер) се грижи да го прехрани семејството, а Чарли помага онолку колку што може. Неговиот сон е да ја посети најпознатата фабрика за чоколади на светот, чиј сопственик е чудниот Вили Вонка (го игра Деп), кој еден ден одлучил да ги отпушти сите работници, но на таинствен начин фабриката продолжила да работи. Еден ден, луѓето дознаваат дека Вили Вонка ставил по една златна карта во пет чоколади. Во светот започнува хистерична потрага по златните карти кои на добитниците ќе им овозможат да ја посетат фабриката, а еден од нив ќе добие специјална награда. Откако случајно пронаоѓа една банкнота на улицата, Чарли купува чоколада и во неа ја открива последната златна карта. Така, предводен од дедо му Џо (го игра Кели), тој ја посетува фабриката, заедно со едно дебело дете од Германија, со ќерката на еден англиски фабрикант и со две деца од САД. Вонка ги води на прошетка низ необичната фабрика во која течат реки и водопади од чоколада, а работат џуџуња. За време на прошетката, четирите непослушни деца страдаат на различни начини и така, Чарли ја добива главната награда: Вонка го назначува за наследник, но под услов да го напушти семејството. Меѓутоа, Чарли ја одбива понудата. По некое време, Чарли и Вонка се среќаваат повторно при што Чарли дознава за несреќното детство на Вонка, чиј татко (го игра Ли) му забранувал да јаде слатки, така што тој го напуштил својто дом и целиот живот го поминал без родителска љубов. Со помош на Чарли, Вонка се помирува со својот татко и истовремено станува дел од семејството Бекет.[1] [2] [3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Антена, број 862, 2.1.2015, стр. 15.
  2. „Чарли и фабриката за чоколади“, Антена, број 877, 17.4.2015, стр. 15.
  3. IMDb, Charlie and the Chocolate Factory (2005) (пристапено на 11.3.2020)